Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека лидерите на Србија и Косово се прегрнувале во Белата куќа и дека било прекрасно да се видат во таа ситуација, кога постигнале договор за нормализирање на економските односи.
На предизборниот митинг во сојузната држава Пенсилванија, Трамп повторно зборуваше за неговото посредување меѓу Србија и Косово, како и меѓу Израел и арапските земји, потенцирајќи пред гласачите дека тој носи мир на конфликтните страни и ги критикуваше водечките американски медиуми дека не известуваат за тоа.
– Косово и Србија се убиваа многу години, тие само се убиваа, не се сакаат, како Израелците и Палестинците. Ние тргуваме со двете страни, така што имаме одредена моќ. Им реков, ајде да склучиме договор и да создадеме економски мир и мир воопшто. Дојдоа во мојата канцеларија да потпишат. Тие се прегрнаа, беше прекрасно да ги видам. Спасивме многу животи, рече синоќа Трамп.
Минатата недела, на предизборен митинг во Северна Каролина, Трамп, исто така, рече дека ја заслужува Нобеловата награда за мир затоа што успеа да запре „масовни убиства меѓу Србија и Косово”.
– Сигурен сум дека следното е Нобелова награда за мир. Ние ги запираме масовните убиства меѓу Косово и Србија. Тие се убиваа толку многу години. Тие ќе престанат да се убиваат. Знаете, тоа го правеа стотици години, иако под различни имиња, рече Трамп пред десетина дена.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти на 4 септември, во Белата куќа, се обврзаа дека ќе ги нормализираат економските односи.
The post Трамп: Лидерите на Србија и Косово се прегрнаа во Белата куќа appeared first on Слободен печат.
Трамп: Лидерите на Србија и Косово се прегрнаа во Белата куќа was first posted on септември 28, 2020 at 8:07 am.