-5.2 C
Скопје
04:09 - 25 ноември, 2024

Ти благодарам Али Ахмети, уживај во својата пензија

Кога пред неколку месеци напишав дека ова ќе биде последната, а воедно и најтешката политичка битка на Али Ахмети, ни на крај памет не помислив дека „стариот лисец“ ќе не изненади со уште еден звучен предизборен слоган, сега тоа е слоганот „време е за премиер Албанец“. Не дека јас го потценив, впрочем како и можете да потцените политичар кој е 20 години на власт без ниту еден изборен пораз, туку тргнав од неговите зборови кога во една не така дамнешна прилика изјави дека „етничките прашања се затворени и тоа по заслуга на ДУИ“. Сега излегува дека сепак не биле затворени. Кога беше искрен Ахмети, тогаш или сега?

ПОДОБРО ЕДЕН ДОБАР ЗАКОН ОТКОЛКУ ЕДНА ФУНКЦИЈА

Пристапот е сосема погрешен од повеќе аспекти, а самиот слоган не треба да ги содржи ни „време е“ ни „Албанец“. Да излезеше со понуда „Али Ахмети за премиер“ или некој друг кандидат небитно, никој немаше да дискутира за националноста на кандидатот, а уште помалку за тоа дали е време или не за нешто затоа што нема никакво законско или уставно ограничување тоа да се реализира. Вака Ахмети остава впечаток дека се бори за функции на Албанците, а не за подобар систем кој би го уживале меѓудругите и Албанците. Значи едно е да повикаш гласачите и партиите да се обединат околу еден кандидат, сосема друго е да повикаш да се обединат околу националноста. Во таа насока ќе се послужам со еден цитат од покојниот Арбен Џафери (кој не случајно борбата за еднакви права на Албанците ја започна со образованието), „подобро е еден добар закон отколку една функција“ и тука лежи целата суштина што верувам дека и Ахмети ја знае. Другата работа е што Ахмети со овој потег продолжува да ги претставува Албанците како жртви на системот во кој пазете, тој е 20 години на власт, додека во исто време вели дека Албанците се денес рамноправни благодарение на него и неговата партија. Контрадикторно и лицемерно во исто време. Третата работа е што реализацијата на оваа идеја се претставува или би се претставувала како победа за Албанците, а пораз за Македонците, а никогаш не се анализира што би добила државата и консеквентно граѓаните, сите граѓани, не само Албанците. И се додека на овие работи се гледа како на „победа“ или „пораз“ ние ќе имаме проблем. Четврта работа е начинот на кој се претставува идејата, не како предлог, туку како закана. Затоа што има голема разлика од „ние предлагаме“ до „што ќе науми ДУИ тоа и ќе се оствари“ (Артан Груби).

ЕФЕКТОТ ВРЗ АЛБАНСКИОТ ЕЛЕКТОРАТ

Ефектот што сака Ахмети да го постигне е да врати дел од албанското гласачко тело кое се прелеа во СДСМ, БЕСА, Алијанса, веројатно по некои внатрешни анализи кои укажуваат на тоа дека ДУИ би можело да ги изгуби престојните избори. Мое лично мислење е дека Ахмети знае дека ќе ги изгуби наредните избори или знае дека и доколку ги добие (гледано од аспект на добиени гласови) најверојатно нема да биде дел од наредната власт. Во една колумна напишав дека тој сака да си замине како победник, а единствена варијанта да изгубиш, а да заминеш како победник е оваа, пласираш идеја (слоган) која знаеш дека нема да се оствари на овие избори, а пред Албанците оставаш „сон“ како вели во својот говор за кој подетално ќе се осврнам подолу во текстот, сон кој „останува на Вас да го спроведете“. Оваа реченица е потврда според мое мислење дека Ахмети ќе оди во пензија, како „победник“, а тоа воедно ќе значи и почеток на крајот на ДУИ и покрај овој лукав обид за „спасување што може да се спаси“. Ако се земе предвид очекуваната реакција на СДСМ дека кандидат за премиер на коалицијата СДСМ-БЕСА за овие избори е Зоран Заев, обидот на Ахмети е да им посочи на Албанците кои мислат да гласаат за СДСМ и БЕСА тоа да не го сторат дека тие не го подржуваат овој „голем албански сон“. Очекувана беше и реакцијата на албанската опозиција да не ја поддржи ДУИ по што пораката на Ахмети до нивните гласачи би била „јас понудив обединување, тие не прифатија, тоа е доказ дека ДУИ е единствената која се бори за интересите на Албанците“. Во таа насока да се потсетиме на две работи, прво Ахмети и ДУИ не го подржаа кандидатот (Албанец) на Алијанса и БЕСА за претседателските избори туку ја пласираа идејата за консензуален кандидат за кој со СДСМ се сложија да биде Стево Пендаровски. Истиот тој Пендаровски беше кандидат и на изборите 2014 година, зошто тогаш ДУИ не го подржа или подобро речено, што е тоа што промени Пендаровски за да четири години подоцна биде прифатлив кандидат за ДУИ. Да резимирам, ефектот што сака да го постигне Ахмети, нема да го постигне затоа што е добро прочитан од сите страни.

НИКОЈ НЕ ГЛЕДА ПРОБЛЕМ ВО ПРЕМИЕР АЛБАНЕЦ, НО СИТЕ ГЛЕДААТ ПРОБЛЕМ ТОЈ ДА БИДЕ ПРЕДЛОЖЕН ОД ДУИ

Доказ за тоа се коментарите во јавноста со исклучок на членовите и симпатизерите на ДПМНЕ и некои помали националистички партии кои внимателно ги следев изминативе денови. Апсолутно никој не гледа проблем во тоа Албанец да биде премиер, но очигледно сите гледаат проблем тој да биде предложен од ДУИ. За мене лично тоа е најдобриот знак дека ние сепак ќе успееме како држава и општество и покрај сите опструкции на одредени структури. А зошто сите имаат проблем кандидатот да биде предложен од ДУИ, не знам, нека ги праша градоначалниците на Струга или Сарај кои некако не се заинтересирани за законите кои важат за сите, или директорот на Македонски пошти кој се „позајми“ со 10 милиони евра наши пари, или функционерот беше сведок како службено лице полицаец си ја удира главата од пајак возило, или можеби претседателот на Уставен кој укина мерка за намалување на плати на функционери и судии со цел да се помогне на граѓаните во кризава. Примери има многу, а поентата е дека ДУИ се изгубија во преводот после толку години власт.

ГОВОРОТ Е ПОВЕЌЕ ШТЕТЕН ОТКОЛКУ КОРИСЕН ЗА ДУИ

Во говорот на Ахмети каде ја презентира новата идеја има работи што повеќе ѝ штетат на ДУИ отколку што ѝ помагаат. Во говорот се вели: „ Денес, повеќе од било кога, Албанците предводат раководни позиции како претседатели на Врховен и Уставен суд…. “. Што доби државата, граѓаните вклучувајќи и Албанците господине Ахмети од твоите инсталации во судовите, претседатели меѓудругото? Дали тој што го пишал говорот ти кажал дека довербата на граѓаните во судовите е помала од 10 отсто? Дали ти кажал дека тие судови се најголемата причина што се уште луѓето не веруваат во правда за која протестираа по улици сите, вклучувајќи ги и твоите Албанци на кои се повикуваш? Судиите Албанци треба да им служат на партијата или на правото и граѓаните? Понатаму во говорот се вели: „Ние имаме еднакво право во нејзината историја, наследство, економија и во иднината на нашата земја“. За која економија говориме тука, за онаа која твојата партија ја води со години наназад? За иднината на кои Албанци зборуваме, за оние стотици илјади кои „гастербајтерат“ по Европа и светот за да ги прехранат фамилиите, а големиот дел нема ни да се вратат? Се вели: „ Сега е време за потполна рамноправност, за преземање на одговорноста за раководење!“. Реченицата завршува со извичник, како оној на Мицкоски. Сакаш да кажеш господине Ахмети дека одговорностa за досегашното владеење не е на ДУИ, односно за постигнатите позитивни работи заслугите се ваши, а одговорноста за негативните политики не, затоа што премиерот до сега не бил Албанец од вашите редови? Велите: „ Првиот албански премиер ќе биде премиер на сите. Премиер на рамноправост: еднакви работни места, еднакви плати“. Зарем Заев во чија влада беше и ДУИ не беше премиер на сите? Зарем Груевски не беше премиер на сите, ако е така зошто му служевте на тој режим цели 11 години? Велите еднакви работни места, за што точно тука станува збор, за илјадниците Албанци дискриминирани, одбиени на конкурси за работни места иако квалификувани само затоа што немаат партиска книшка од ДУИ? Еднакви плати велите, кои плати? Оние на министрите Албанци, судиите, градоначалниците, директорите, административците? Па зарем министерот Албанец зема помала плата од министер Македонец? Или за приватниот сектор ова се однесува, за платите на продавачките или на шивачките? Велите премиер кој ќе обединува, а говорот ви е најмалку обединувачки. Премногу „албанизам“ и национализам, премалку „граѓанизам“. Тој премиер би требало да го подржат сите граѓани на оваа земја, а вие не се обраќате на сите, барем не со овој говор.

НАЦИОНАЛИЗМОТ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПОБЕДИ СО НАЦИОНАЛИЗАМ

Една работа што ме научила животот е дека на национализмот не можеш да му одговориш со национализам за да го победиш, затоа што во истиот момент твоите аргументите во борбата против него паѓаат во вода. Уморни се веќе граѓаните господине Ахмети, уморни се и Албанците и Македонците и сите од националистички реторики кои се провлекуваат од 1991 година па навака, за кои вие ветивте дека нема повеќе да ги користите и си го погазивте зборот во обидот да профитирате политички. Некои нови ветришта дуваат сега, затоа никој повеќе не наседнува на провокации, се случуваат некои политички предизборни коалиции кои ги застапуваат интересите на сите граѓани, не само на Албанците или Македонците.

Сум напишал и порано, Али Ахмети има огромна заслуга за правата кои ги уживаат Албанците денес, а преку тоа има заслуги за зреењето, за демократската преобразба на општеството и државата, тоа никој не може да му го оспори и за тоа треба сите да му бидат благодарни.

Ви благодарам и јас господине Ахмети. И да, време е, време е за пензија.

 

The post Ти благодарам Али Ахмети, уживај во својата пензија appeared first on Слободен печат.


Ти благодарам Али Ахмети, уживај во својата пензија was first posted on јуни 11, 2020 at 6:00 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....