Министерството за правда нема конкретен план како ќе се одвива и кој ќе ја реализира најавената ревизија на пет проценти од судските предмети. Оттаму брифираат дека процесот на консултации е во тек, а министерот Бојан Маричиќ веќе остварил средби со претседателите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и со претставници на граѓанските здруженија.
Од Министерството се категорични дека пред се со ревизијата треба да бидат опфатени предметите од висока корупција и организиран криминал, односно да се утврди зошто се пред застарување и дали е употребен преголем временски период за истрага и процесуирање на пријавите, ставајќи го акцентот на предметите што ги води Обвинителството на чие чело е Вилма Русковска и оние кои се отпочнати од СЈО, без да бидат ставени во втор план и делата од граѓанските судови.
Неофицијално, засега постојат две опции за тоа како ќе се спроведува ревизијата. Според едно од можните решенија, ќе треба да се состави посебна Комисија, во која би членувале стручни лица, судии, обвинители и претставници на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, а другата варијатна е целиот процес да го туркаат единствено Советите, кои би биле зајакнати со ресурси.
Останува нејасно дали за ревизијата ќе бидат неопходни законски измени, со оглед на фактот што поголемиот дел од законите што се однесуваат на правосудството се донесуваат со двотретинско мнозинство, освен на пример Законот за судски совет, кој се усвојува со 61 пратенички глас.
Инаку, од Министерството за правда истакнаа и дека треба да се работи на подобрување и зајакнување на АКМИС-системот за распределба на предмети, но сличен систем планираат да избоксуваат и во работата на Обвинителството и Уставниот суд.
The post Тече рок од 100 дена да се утврди кој ќе ја чешла работата на судиите и обвинителите appeared first on Слободен печат.
Тече рок од 100 дена да се утврди кој ќе ја чешла работата на судиите и обвинителите was first posted on септември 15, 2020 at 2:42 pm.