Во пресрет на евентуалната нова лидерска средба од владејачката коалиција предводена од СДСМ, велат дека нема отстапки од избори на 5 јули, бидејќи на државата ѝ се потребни функционални институции.
– Изборите мора да се одржат врз основа на законските прописи и врз основа на владината уредба. Таа уредба ги прекина активностите околу изборите. Така што, кога ќе заврши вонредната состојба, роковите за избори ќе продолжат и остануваат уште 22 дена, а тоа се поклопува со 5 јули како можен датум. Затоа, ако ги следиме овие факти, тогаш датумот за избори е јасен. Нам ни треба функционална држава и ако нема избори, ќе нема ништо – изјави вчера премиерот Оливер Спасовски за ТВ 24.
Тој нагласи дека и 21 јуни беше можен датум за избори, но ситуацијата налагала продолжување на вонредната состојба, додавајќи дека смета оти, според условите, нема потреба од нова вонредна состојба.
– Нема потреба да се продолжи вонредната состојба. Претходно исто така бев против, но имавме за носење уште некои уредби во врска со здравствената и економската криза и не смееше да дозволиме да не се донесат затоа што се важни за здравјето на луѓето и за стопанството. Изборите ни се условени од вонредната, таа мора да заврши, па потоа да почнат да течат останатите 22 дена за одржување на изборите. Што значи, за избори на 5 јули вонредната мора да заврши на 14 јуни, иако сепак се зависи од здравствената ситуација – изјави премиерот Спасовски.
И вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи се согласува со Спасовски, но остава простор за разговор со опозицијата.
– Ставот ние го кажавме, нема друг датум освен 5 јули во овој период што доаѓа. Такви се роковите, и законски и логични и какви било. Јас очекувам дека ќе постигнеме договор за 5 јули за да ги вратиме институциите. Меѓутоа, кога би ставил пак „на вага“ еден да заболи од изборниот процес, па макар и асимптоматски да биде, дали вреди сето тоа. Така што, еве, во овие две недели да ги следиме трендовите – нагласи Османи во интервју на телевизија Телма.
Опозиција „вирусно“ фокусирана
Антонијо Милошоски вчера од името на ВМРО-ДПМНЕ побра во следните три недели државата сите ресурси да ги насочи кон справување со ковид-19, па потоа да се зборува за датум за избори.
– Како партија и организација секогаш сме спремни за избори, но во овој момент, следните две-три недели, најдобро е цела држава да ги стави сите ресурси на располагање, да ја сузбиеме пандемијата и да го намалиме бројот на заразени и на починати. А, по однос на одредување на датумот, навистина е непристојно и дегутантно во момент кога имаме најголем број заразени во регионот да лицитираме со датуми – изјави Милошоски.
Откако ќе се надмине оваа ситуација, опозициската партија, според него, би сакала да продолжи дијалогот со сите политички партии врз основа на здравствените параметри.
Може да се гласа во дворови
Неофицијално власта веќе почнала да ги разгледува и опциите како ќе се гласа на изборниот ден. Една од нив е продолжување на времето за гласање за два до три часа, поради безбедноста на граѓаните. За реализирање на ваквата можност во игра се две опции, или Владата да донесе уредба или, пак, решението да го понуди спикерот Талат Џафери.
Од коалицијата „Можеме“ велат дека нема поголем ризик за безбедноста на граѓаните при гласањето на парламентарните избори, од, на пример, пазарувањето во маркетите или чекањето ред во банка. Доколку се користат средства за заштита, маски, ракавици и средства за дезинфекција, здравјето на граѓаните е сигурно. Според нашите извори, 90 отсто од гласачките места се наоѓаат во училишта што имаат дворови. Тоа би можело да биде олеснителна околност гласањето да се реализира и надвор.
Во меѓувреме партиите се на терен. И власта и опозицијата одржуваат средби со граѓани, но делат и помош во храна и средства за заштита од коронавирусот. Институциите се оградуваат од предвреме започнатата кампања. Во Антикорупциската комисија (ДКСК) велат дека нивната надлежност почнува во периодот кога официјално стартува изборната кампања, а тоа значи 20 дена пред одржување на денот на гласањето. Неодамна и од ДИК посочија дека немаат надлежност да го санкционираат ваквото однесување на политичките партии.
The post Стравот од коронавирусот се измеша со стравот од изборите appeared first on Слободен печат.
Стравот од коронавирусот се измеша со стравот од изборите was first posted on јуни 4, 2020 at 8:28 am.