0.8 C
Скопје
21:58 - 18 декември, 2024

Сложни браќа мрсно јадат: И на овие избори партиите, освен од државата, ќе кешираат пари и од донации

Ем пари од државната каса, ем од донации и чланарини. Иако со новиот Закон за финансирање на политичките партии добија многу пари, партиите сепак не се откажуваат и од стариот начин на финансирање – на партиските сметки да легнуваат и пари од донации и од физички и правни лица.

Нашите извори велат дека во текот на разговорите меѓу работните групи, донациите речиси и да не биле отворени како тема за разговор, ниту од власта ниту од опозицијата.

– Овие пари им вршат многу работа на партиите во изборната кампања. И во новиот изборен законик остануваат донациите како што досега се регулирани, на 5 отсто од вкупниот приход за правни лица кои можат да донираат – велат извори во преговарачките групи за „Слободен печат“.

Бетијан Китев од СДСМ за „Слободен печат“ вели дека преговорите се во завршна фаза и дека поради немање спорни точки можно е тој да биде донесен до распуштање на Собранието. Тука мислиме на се друго освен на промена на изборниот модел, вели Китев.

– Генерално беше отворено и прашањето за донациите, но таа промена ќе се остваи за понатаму – вели Китев.

Собраниски извори пак, упатени во преговорите за изборниот законик, велат дека во ниту една држава партиите не се финансираат само од државата, туку и од донации.

Иако партиите се усогласиле околу гласањето на болните во здравствените установи, сепак по препорака на ДИК ваквиот концепт ќе се одложи за некој нареден период кога државата ќе биде подготвена за негово спроведување.

По старо ќе остане и рекламирањето на партиите за време на изборната кампања во медиумите. Од осумте минути,  по четири во еден реален час за двете најголеми партии,  и покрај барањето на Агенцијата за аудиовизуелни услуги да се намали опфатот на минутите дадени на двете големи политички партии за да им се дадат минути и на помалите.

-Не очекувам  да дојде до значителна промена. Очекувам по завршување на изборите со еден нов пристап и освежени сили и во парламентот и во политички партии за ова крупно значајно прашање да се изнајде решение – вели Китев.

ОБСЕ/ОДИХР прашањата за финансирањето и рекламирањето на партиите ги дефинира како едни од најпроблематичните точки во изминатите неколу изборни циклуси.

Партиите се омрсија од новиот Закон за финансирање

Власта и опозицијата заедно го донесоа новиот Закон за финансирање на партиите со кој наместо досегашните 1,8 милиони евра, партиите годишно од буџетот сега добиваат 4,5 милиони евра.

Минатата година  на 39 политички партии, согласно Закон за финансирање на политичките партии, им се исплатени 4.583.000 евра, плус  319.800 евра за партиско-аналитички центри. Најмногу пари од државната каса им се поделија на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија доби 1.180.000 евра, а најголемата опозициска партија 1.025.000 евра. На третото место според исплатената сума е партијата на Ахмети ДУИ со 441.000 евра, а далеку зад нив се БЕСА со 255.000 евра и Алијанса на Албанците добила 245.000 евра. ГРОМ на Стевчо Јакимовски од парите на граѓаните оваа година добил 136.000 евра, а Сојузот на Ромите на Амди Бајрам 116.000 евра. Социјалистите на Ѕинго земале нешто помалку односно 81.000 евра. НСДП добила 58.000 евра, ЛДП 63.000 евра, а ДОМ 54.000 евра. Пари добиваат и партиите без пратеници. На пример Партијата на Власите доби 11.800 евра, а Левица дури 94.500 евра. Пари доби и Партијата на обединети пензионери 20.000 евра и Партијата на обединети демократи 24.000 евра.

Четири партиски истражувачко-аналитички центри поделија 319.800 евра. Најмногу пари и се доделени на ВМРО-ДПМНЕ 91.000 евра, на СДСМ 85.500 евра, ДУИ 74.300 евра и БЕСА 68.700 евра.

 

 

The post Сложни браќа мрсно јадат: И на овие избори партиите, освен од државата, ќе кешираат пари и од донации appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....