Крајот на полицискиот час во земјава ги израдува сите, од оние кои константно ги поддржуваа мерките за заштита од коронавирусот, до теоретирачите на заговор кои се убедени дека „вирусот е измислен и не постои“.
И покрај тоа што се различни во сфаќањата и ставовите, и двете групи сега се сплотени благодарение на неограничената слобода на движење!
Едните од поодамна беа убедени дека „вирус нема“, а на другите веќе им е преку глава, па сакаат да излезат без да имаат какво било ограничување во движењето.
Интересно е тоа што едно обично излегување од дома без проверување на часовникот донесе толку среќа и возбуда кај сите граѓани како никогаш досега.
Само неколку месеци наназад некој да ни кажеше дека можноста за неограничено движење надвор толку ќе нè опседне, немаше да му поверуваме.
Излегувањето од „домашниот притвор“ значи дека луѓето по долго време се радуваат на нешто што не е материјално, туку на една обична помисла дека ќе можат да излезат и слободно да се движат кога ќе посакаат.
Оттука слободно може да се каже дека се изедначивме со домашните миленичиња, кои по цел ден ги чуваме дома или во двор затворени, па кога ќе ги однесеме во парк почнуваат безгрижно да трчаат, без да запрат, доживувајќи го секој момент на слобода како последен.
Точно е дека и отворањето на кафеаните од денеска ќе предизвика посебна бура на емоции, најмногу кај старите градски боеми, но самата „нова“ опција да се излезе од дома по 19.00 часот за луѓето во Македонија буквално е „настан на годината“.
Секако, ова не значи и дека вирусот е „мртов“, како што реисот Реџепи го прогласи пред неколку дена. Ковид-19 и натаму е присутен и опасен, поради што маските остануваат наше секојдневие, како и држењето на физичка дистанца.
Она што е ново е тоа дека сега сè е оставено на совеста на граѓаните. Го добивме она што го сакавме, ќе функционираме по принципот на Австрија, Германија, Холандија и други земји во кои нема полициски час, а важат мерките за заштита и препораките од властите.
Ако вака гледаме на работите, таа „слобода“ која ја добивме, може и многу лесно да нè удри по глава, па повторно да нè врати онаму каде што бевме пред неполни три месеци, бидејќи сега сè зависи од нашето поведение.
Никој од нас нè сака тоа да се случи, нè сакаме „балканскиот менталитет“ да си го направи своето и да си ја загубиме слободата за која толку многу се „боревме“ преку социјалните мрежи, критикувајќи ги властите за ригорозните мерки кои се носеа во изминативе месеци.
Можеби луѓето кои во овој момент раководат со државата и носат одлуки малку задоцнија, но сепак ги услишија нашите молби. Го укинаа полицискиот час, па борбата против невидливиот непријател ни ја оставија да ја играме онака како што веќе со недели наназад повеќето од нас посакуваа.
Останува да се види дали слободата ќе ја искористиме рационално, паметно и совесно, за сето ова што побргу да заврши како еден „лош сон“, или пак веднаш ќе заборавиме на вирусот и ќе продолжиме со својата ароганција кон природата и со меѓусебното нечовечко и неодговорно однесување на кое сме навикнати од порано.
The post Слободата ја добивме, да внимаваме да не ни се удри од глава! appeared first on Слободен печат.
Слободата ја добивме, да внимаваме да не ни се удри од глава! was first posted on мај 28, 2020 at 8:59 am.