Слободанка Јакимовска Јосифовиќ е прва жена професионален нуркач од Македонија која нуркала во пештерата Врело на Матка, мајка е на две деца, завршила Електротехнички факултет, има две магистратури, работи како советник за проекти. Од мала ги сакала водата и пливањето, на десетгодишна возраст нуркала за да собира морски ежови на Корчула, а дури неодамна сфатила дека тоа не се ежови, туку некаковси скап јапонски специјалитет што влијае на подмладување. Ама на Слободанка и онака не ѝ треба подмладување. Со својот млад и авантуристички дух ги освојува водните длабочини и верува дека еден ден ќе ѝ се исполни нуркачкиот сон, да се врбои меѓу нуркачите што нуркале на длабочина до сто метри.
Со скуба нуркање започнала откако ѝ пораснале децата, кога можела да си одвои време за нуркање, а првото искуство ѝ било на Ланкави, во Малезија, на класична туристичка тура. Немала страв, само преголема возбуда од непознатото. „Од прва“ не ѝ успеало, ама со третиот обид, да.
– Кога влегов подлабоко со целата опрема, во истиот момент заборавив на дишењето, на регулаторот, се навикнав, и се запрепастив од подводниот свет, бои, сини, зелени, розеви, црвени корали, риби мали и големи насекаде околу мене, мир и тишина, само звукот на меурите од воздухот што го дишеме. И си реков, ова е тоа што сакам да го правам – се присетува нашата соговорничка Данче.
Кога нуркањето доби професионална форма?
– Имав доста обиди додека да преминам во професионалец. Професионален нуркач во рекреативно нуркање е нуркач кој има повеќе од 50 – 100 нурнувања, во зависност во која меѓународна асоцијација за нуркање се сертифицира, кој ги има завршено сите обуки потребни да се стигне до првата професионална категорија, тоа е „дајв мастер“. Јас се сертифицирав по ПАДИ и станав „дајв мастер“ лани, во 2019 година. Првата обука ја имав во 2010 година и тоа во скопското спелеонуркачко друштво „Врело“. Горда сум и денес што сè уште сум член на овој нуркачки клуб, бидејќи освен подводните истражувања, се занимавам и со пештерски истражувања. Па така, со клубов успеав да ги видам речиси сите пештери на кањонот Матка, и суви и мокри. И на секоја клупска авантура по пештерите одново заклучувам дека Македонија е преубава земја, дека имаме природни убавини од светски размери за кои многу мал дел од луѓето се свесни, и ги промовирам насекаде каде што можам, да си ја запознаваме татковината за повеќе да ја сакаме и почитуваме. Сум се запознала со многу светски нуркачи, и нема некој кој влегол во подводната пештера Врело, а да не кажал, „вие не сте свесни каква убавина имате“. Зборувам за светски професионални нуркачи кои доаѓаат тука специјално за да нуркаат во нашата пештера.
Што е тоа што те влече кон длабочините?
– Ме влече водата, не мора да е многу длабоко. Мирот, тишината кога сум под вода се непроценливи. Погледот, убавини насекаде, дали се тоа подводни животни, корали, пештерски сталагмити, сталактити, потонати бродови, тесни процепи низ кои треба да поминеш…, тие ми се предизвик. Секако и длабочините ме влечат, но на поинаков начин. Кога потонуваш и тонеш и тонеш, како да нема крај, насекаде околу тебе е само воденото синило. Не знам како се чувствуваат вселенските астронаути, но јас сум како во вселената, како да лебдам. Па уште ако локацијата освен длабочина за тонење има и подводен свет, некогаш доволни се и светулки навечер, е тогаш сè тоа е многу филмско. Едноставно не сакам да заврши. Премногу уживам, се научив и како тоа уживање вистински да го претворам во техника на дишење, па релативно долго ми издржува предвидениот воздух во боцата, што е предизвик за секој нуркач.
Кои се предизвиците со кои се соочуваш под вода?
– Предизвиците се различни, зависно од улогата во нурнувањето, дали нуркам како рекреативен нуркач за уживање или како професионален нуркач со група нуркачи за кои водиш сметка. За второво, предизвиците се огромни, бидејќи одговорноста за групата нуркачи ја носам на себе. Предизвик е да ги процениш нуркачите колку се вешти и искусни, колку имаат страв или немаат, дали се подготвени или само велат дека се подготвени, или има нешто што ги мачи. Ова се лесни предизвици, повеќе на психолошка основа, бидејќи за да бидеш професионален нуркач треба да знаеш да ги процениш и овие фактори, а не само техничките. И техничките се предизвик, дали има доволно опрема за сите, дали опремата е проверена и сертифицирана за употреба, безбедност, сите аспекти од итност и спасување, кои инаку се посебни обуки, каде што учиш како да се однесуваш во ситуации кои бараат внимание и кои се ризични, дали имаме превоз до локацијата, дали треба да платиме за влез, дали има посебни процедури за влез на локацијата… Многу работи на кои треба да се обрне внимание, бидејќи одговорноста да носиш со себе нуркачи на нуркање е огромна. Многу внимание обрнував за време на обуката на сите аспекти од професионалното нуркање и тоа немаше да биде така ако го немав Јордан Топкоски за мој инструктор. Нуркач професионалец веќе 20 години, наш, Македонец, живее и работи во Дахаб, Египет. После обуките со него разбрав зошто се чека ред кај него, пред нуркачкиот центар, кога Јордан држи обука. Покрај стотици други инструктори, тој е бренд во нуркањето во светски размери. Од него научив и психички и технички правила и искуства, и тоа и оние кои во книга не се напишани. И се сметам за подготвена.
На која длабочина најмногу си се спуштила и каде? Како реагира телото во таква, за него, неприродна средина?
– Правилата во нуркањето се основа и мора да се знаат и да се почитуваат. Најголема длабочина за рекреативно нуркање на која смее да се оди, според ПАДИ, е 40 метри. Не сум била повеќе од тоа, зашто научив дека правилата во нуркањето мора да се почитуваат, за да бидеме сите безбедни. Сум имала ситуации кога ме влечела длабочината, ме предизвикувале другите нуркачи – мажи, да одиме подлабоко, но не сум била. Ќе одам кога ќе се обучам за да нуркам на поголеми длабочини од 40 метри. Тоа е веќе друга категорија на нуркање, каде што правилата, техниките, ризиците, се многу поразлични.
На големи длабочини, поради притисикот што го прави водата на телото, поради гасовите што ги дишеме од боцата (21% кислород, 79% азот најчесто), на секоја клетка во телото се случуваат одредени промени, но доколку внимателно се следат и се почитуваат сите правила за нуркање, не се чувствува никаква промена дури ни на таа длабочина. Секако, тоа зависи од многу фактори, секој организам е различен, но доколку брзината, и на потонување до одредена длабочина и на излегување назад е според книга, па дури и помала, најчесто нема да почувствуваме некаква промена под вода, ниту некаква опасност. Останува само уживањето во подводниот свет.
Си се соочила ли со опасна ситуација? Можно ли е да се остане присебен при ситуации што не се предвидени во ниедна обука ни книга?
– Ќе бидам нескромна ако кажам не. Секако дека сум се соочила, секој нуркач барем еднаш бил во опасна ситуација. Најстрашно е ако се доведеш во ситуација да почнеш да паничиш. Тоа е опасна ситуација и за мене и за останатите од групата. Мене тоа ми се случи меѓу првите нурнувања, во Охрид, на една локација Ѕид, Трпејца, на почетокот на нуркачката кариера. Бев со нуркачи многу поискусни од мене, и кога стигнавме до ѕидот се прашавме кај кого колку воздух има останато за да знаеме уште колку време имаме за нуркање. Јас имав многу потрошено, тие се разочараа бидејќи тоа значеше дека ќе треба брзо да се вратиме, а јас се испничив дека нема да имам воздух за до крај на нуркањето, и тргнав брзо да си одам, да излегувам сама. Тоа не е по правило и кодекс на нуркање, ама бев испаничена и мислев дека спасот ми е на површина. Сè добро се заврши, но уште оттогаш научив дека не смее ниту еден нуркач да се доведе во паника и секогаш треба сите меѓу себе да се поддржуваме и смируваме.
Што промени нуркањето во тебе, како личност?
– Промени многу. Прво, ја засакав Македонија повеќе откако сфатив и видов какви убавини имаме, и станав промотор на убавиниве на државава кои ретко кој можел да ги види досега. Второ, научив дека безбедноста за себе и за тимот е на врвот на приоритетната листа, нуркањето е тимска работа, дури и кога е само за уживање, мора да водиш сметка за себе, но уште повеќе и за останатите нуркачи. Тоа го применувам и во секојдневниот живот, за себе, за семејството, за пријателите, без разлика дали се работи за трчање, вежбање, качување, планинарење. Научив и дека мора да сме физички активни и подготвени за вакви и слични активности. Водам сметка за своето здравје и за физичката подготвеност, па сум активен трчач полумаратонец, планинар, „трејл трчач“, можам да кажам, рекреативен спортист. Научив и дека сите нуркачи се добри луѓе, дека големината од тимските нуркања и генерално, тимската работа, водењето сметка еден за друг е предност која во денешно време е реткост, па среќна сум што сум опкружена со големи луѓе околу себе. А тоа што најмногу промени е дека водам сметка однапред да го планирам времето за патувања за да можам да си дозволам викенд, одмор на егзотична дестинација, патувања со нуркања, бидејќи колку порано ги испланираш активносите, толку е поверојатно дека ќе се случат.
Што значи да си прва жена професионален нуркач? Дали значи дека сепак, нуркањето е повеќе машки спорт? Има ли денес повеќе жени нуркачи кај нас?
– Прво сакам да објаснам дека јас не сум прва жена професионален нуркач во Македонија, туку сум прва жена професионален нуркач од Македонија, која нуркала во пештерата Врело на Матка. Има повеќе жени нуркачи што пред мене станале професионални. Не ги познавам сите, но еве Ане Тошевска е инструктор по нуркање веќе десет години, со неа планираме ова лето заедно да ја освоиме пештерата Врело на Матка. Инаку, има стотина студенти досега обучено, а и има поминато обука за нуркање сама (self reliant), што е една од најчудесните работи во рекретивното нуркање. Со Ане со поддржуваме како во нуркањето така и во останатите спортски активности, можеби оваа година ќе ги направиме и првите свои триатлони. Заедно со сопругот Јордан Топкоски, имаат искачено повеќе планинарски врвови локално, регионално и меѓународно, Мон Блан, Килимaнџаро, Гросглокнер, Олимп, Кораб, Солунска Глава, Љуботен, Пелистер, тие се прекрасни луѓе со авантуристички дух. Да не беше нуркањето, веројатно немаше да ги запознаам…, ете придобивка.
Како и повеќето спортови, така и нуркањево веројатно е повеќе машки спорт. Но затоа тука сме ние жените, да ги срушиме овие бариери. Опремата е тешка, но не многу, техниката лесно се совладува ако се посветиш, нема ниту една причина зошто да биде само машки спорт. Дури кај жените има и една предност, се покажало дека според конституцијата на телото ние трошиме помалку воздух од мажите, така што можеме повеќе да останеме во вода. Колку и да е себично, нека ми извинат исклучоците од машката популација, сепак кај машките нуркачи има потреба за докажување, најчесто во одење на поголеми длабочини, па така си мислат дека ако одат еден или два метра подлабоко се подобри нуркачи, а тоа воопшто не е така, но ете. Од друга страна, да ги пофалам сите од клубот Врело, си ги сметам за свои колеги, кои иако се понапредни во сертификациите, секогаш ми дозволуваат да им се придружам, речиси секогаш ми помагаат околу опремата, носењето, местењето, сепак ме сметаат за привилегирана дека сум женско. Фала од срце на Гоце, Кире, Игор, Крсте, Ристе, Бојан…
Каде во Македонија е најубаво нуркањето, а каде низ светот си го доживеала најубавото нуркачко искуство?
– Во Македонија е најубаво на Матка во пештерата Врело. Тоа е дефинитивно на прво место бидејќи самото искуство на пештера под кристално чиста вода е непроценливо, барем за мене. Од останатите водни локации во Македонија што сум ги посетила, иако има доста кои не сум ги посетила, ќе ги издвојам Изворите на Св. Наум, во Охрид, каде иако е релативно плитко, максимум 10 метри, има неверојатна видливост, а поради малата длабочина може да се направи убаво долго нуркање и да се истражи целата околина на изворите. И навистина се гледа под вода како извира реката Дрим од под планината Галичица.
Низ светот сум нуркала секаде каде што сум била туристички, секоја локација има своја убавина. Малдиви има небесно сина вода и многу подводен свет, Тајланд преубави плажи, шуми, многу ајкули, многу подводни струи, Сејшели поинакво синило, но тиркизно и далечинско длабоко, Емирати подводни богатства од корали, Мајами – еден од најголемите потонати бродови, Занзибар неверојатни искуства со делфини во небесна вода со огромна плима и осека, неонски ноќни нуркања… Но, сепак, најубаво ми беше во Дахаб, Египет, затоа што учев многу и тоа на локации кои се светски познати во нуркањето, како Тистлегорм (еден од најголемите потонати војни бродови од Втората светска војна), Блу Хол, Кањон, и многу други.
Какви карактеристики треба да поседува професионалната жена нуркач?
– Треба да е многу искусна во нуркање, да е организирана, целосно посветена на тимот со кој нурка, треба да води сметка за сите аспекти на безбедност на нуркачите, а сепак да ужива и да им го пренесе уживањето на останатите. Смирена под вода, да знае да препознае проблем пред да се случи, да има решение за проблемот во секој момент, да знае да го направи секое нуркање доживување за себе и за нуркачите што ги носи.
Дали некогаш си помислила да основаш своја нуркачка школа, можеби, само за жени?
– Да, но не само за жени. Можеби би размислила да има во школата само жени инструктори, но секако ученици може да се сите.
Кои нуркачки планови ти ги расипа коронакризата? Што е во план за блиска иднина?
– Имав билет за Египет, планирав да одам таму да нуркам, да учам, да водам нуркачи, малку да работам, ама ништо, сè тоа се откажа.
Почнав да учам и се надевам дека во наредниот период ќе се сертифицирам и како технички нуркач, за да можам да истражувам поголеми длабочини и подолго време да можам да се задржувам под вода. Накусо, планирам да ги завршам обуките за техничко нуркање, а три се, планирам да одам на целосна обука за пештерско нуркање, планирам нуркачка школа, планирам да се опремам со нова опрема за техничко нуркање. Убаво е да се планира. Во малку подалечна иднина планирам, а тоа ми е нуркачка животна желба, да влезам во клуб 100, тоа се нуркачи кои нуркале на длабочина од сто метри, и тоа сакам да го направам во Дахаб во Блу Хол.
The post Слободанка Јакимовска Јосифовиќ, професионален нуркач: Под вода сум како во вселената, како да лебдам appeared first on Слободен печат.
Слободанка Јакимовска Јосифовиќ, професионален нуркач: Под вода сум како во вселената, како да лебдам was first posted on август 5, 2020 at 12:00 pm.