Државниот завод за статистика го чека Собанието да го донесе новиот Закон за попис. Оттаму апелираат тој да биде приоритет и веќе на првата или втората собраниска седница пратениците да го изгласаат. Се надеваат дека нема да биде предмет на политичко препукување, бидејќи во партиските програми на партиите, и од власта и од опозицијата, тој е високо на листата на ветувањата.
Директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски за Слободен печат вели дека од највисок државен интерес е оваа статистичка операција конечно да биде спроведена.
– Во интерес на државата е Законот за попис да биде изгласан со консензус бидејќи не сакаме политичка кавга меѓу партиите или пак, евентуален бојкот на пописот. Податоците кои произлегуваат од оваа статистичка операција ни требаат за креирање на развојот на државата и спроведувањето на развојните политики, било тие да се образовни, економски, социјални. Од податоците на оваа статистичка операција зависи нашето секојдневно живеење. Информациите произлезени од пописот им се најпотребни на бизнисмените од кои се очекува да креираат нови работни места. На овој начин ќе се спречи и иселувањето на младите луѓе. Не можете да направите фабрика во Мариово, ако таму пописот покаже дека нема жители или, пак, да изгарадите ново училиште во место каде нема деца, вели Симовски.
Првиот човек на Државниот завод за статистика вели дека спроведувањето на пописот Европската Унија го бара уште во првиот бран на бенч марковитге кои државата треба да ги спроведе на својот пат за членство во Унијата.
На предлог-законот за попис се противи опозициската ВМРО-ДПМНЕ бидејќи, како што велат, не ги содржи европски стандарди. Тие бараат пописот, како што посочуваат, да биде реална статистичка операција која ќе го детерминира развојот на Македонија во следните 10 години. Од таму додаваат дека е целосно недопустливо граѓаните да се попишуваат само со матичните броеви, но и отворање на простор, најтесното семејството да ги попишува сите други.
Од СДСМ се со став дека пописот е значајна техничка операција важна за граѓаните и државата и дека и новиот закон и регистрацијта на населението ќе бидат спроведени според европските стандарди. Според нив, тој е значен за добивање на податоци со кои се креираат политики и мерки на локално, регионално и централно ниво.
Со новиот Закон за попис се предвидува македонските граѓани кои живеат надвор од државата да се регистрираат како граѓани на Македонија преку веб апликација. Од Заводот за Статистика велат дека оваа апликација е во подготовка и дека до крајот на годинава ќе биде промовирана. Од први март сите граѓани кои живеат надвор од Македонија со внесувањето на матичниот број ќе можат сами да се попишат.
Пописот кој требаше да се спроведе оваа година во месец април беше одложен поради предвремените парламентарни избори и пандемијата од Ковид 19. Пописот кој се предвидува да биде спроведсен догодина ќе се одвива по нови правила, бидејќи со Законот за попис се „брише“ досегашниот традиционален попис. За новото пребројување ќе се користи т.н. комбиниран метод. Тој подразбира комбинација на користење на податоци регистрите на министерствата за внатрешни работи, за труд и социјала, образование, администрација и информатичкото општество. Ќе се користат регистрите на Агенцијата за вработување, УЈП, ПИОМ. Ќе има и теренско попишување на лица за кои не постојат податоци во овие регистри.
Последното пребројување на населението во Македонија беше пред речиси 18 години. Од тогаш, поради разни политички притисоци и обвинувања за пописен фалсификат, како од ВМРО-ДПМНЕ така и од ДУИ, не можеше да биде спроведена регистрација на македонското население.
Последниот обид за попис се случи во 2011 година. Тогашната претседателка на Заводот за статистика Весна Јаневска си даде неотповиклива оставка поради, како што рече, подготовка на уште еден голем пописен фалсификат.
За пропаднатиот попис во 2011 година поранешното СЈО ги осомничи екс премиерот Никола Груевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети за договор со кој наводно го прекинуваат пописот поради технички причини, но во суштина нивната цел била да ги сокријат неповолните факти за демографската и економската состојба и на тој начин да се одржат на власт. Со прекинатиот попис државата беше оштетена за 175 милиони денари.
Последниот попис во земјава се спроведе во 2002 година, кога пребројуавањето покажа дека во земјата има вкупно 2.022.546 жители, од кои како Македонци се изјасниле 64 отсто од попишаните, додека како Албанци се изјасниле 25 отсто, како Турци 3,8 отсто, како Роми 2,6 отсто итн. Оттогаш поминаа нецели 18 години, но сè уште не е спроведен нов попис, иако стандардите на Евростат налагаат ваква статистичка операција да се спроведува на секои 10 години.
The post Следната година во април нов обид за попис appeared first on Слободен печат.
Следната година во април нов обид за попис was first posted on септември 1, 2020 at 2:15 pm.