3.8 C
Скопје
03:19 - 17 ноември, 2024

Сите оштетени и украдени, ретко кој поднесува приговори!?

Дали неофицијалните резултати од парламентарните избори ќе станат и конечни, зависи од приговорите што партиите можат до вечерва да ги поднесат во Државната изборна комисија, како и од одговорот на Комисијата по тие приговори. По објавувањето на првичните резултати во изборната вечер, речиси сите учесници се сметаа за оштетени според бројот на освоени пратенички места и најавија дека ќе поднесат соодветни жалби во ДИК. До синоќа до 21 часот беше рокот за приговори за постапката на гласање, а вечерва во 19.30 истекува рокот за приговори во врска со сумирањето и утврдувањето на резултатите. Се очекува политичките партии евентуалните приговори да ги поднесат во последниот рок.

Роковите почнаа да течат кога ДИК ги објави неофицијалните конечни резултати со задоцнување поради, како што рече претседателот Оливер Дерковски, хакерски напад на веб-страницата на Комисијата. СДСМ и коалицијата „Можеме“ освоија 46 пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ и „Обнова на Македонија“ 44, ДУИ 15 мандати, коалицијата „Сега е време“ на Алијанса за Албанците и Алтернатива 12, Левица освои два мандата и ДПА еден. Според бројот на гласови, резултатот е 327.329 гласа за „Можеме“, 315.344 за ВМРО-ДПМНЕ, 104.587 гласови за ДУИ, 81.297 за „Сега е време“, 37.551 за Левица  и 13.891 за ДПА.

СДСМ ќе приговара само ако тоа влијае врз резултатот

Во ДИК вчера до 14 часот пристигнале само два приговора од партијата Демократи, што се однесуваат на неважечките гласачки ливчиња, чиј број е 31.466. До архивата на ДИК пристигнало и едно барање за увид во неважечките ливчиња од партијата Единствена Македонија.

Од СДСМ за „Слободен печат“ велат дека правниот комитет во партијата прави анализа на резултатите, од што ќе зависи дали ќе поднесат приговори. Приговори ќе бидат поднесени само доколку анализата покаже дека тоа може да влијае врз конечните резултати во вкупниот број пратеници.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, при прогласувањето на победата во изборната ноќ рече дека сигурно имаат три пратеника повеќе од ВМРО-ДПМНЕ, „а можеби и четири, па дури и пет“. Партијата следниот ден испрати соопштение дека во податоците што се презентирани од ДИК се забележани сериозни недостатоци и грешки што може да дадат неточна слика за конечниот резултат.

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера не одговорија на нашето прашање дали ќе поднесат приговори во определениот рок. Партискиот претседател Христијан Мицкоски завчера најави дека правна комисија на партијата ги анализира бројките и работи на евентуални приговори.

Претседателот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, смета дека резултатите се сомнителни на многу избирачки места и најави дека ќе поднесат приговори и ќе ја информираат меѓународната заедница. АА и Алтернатива испратија заедничко соопштение дека ја прифаќаат одлуката на народот, но не прифаќаат манипулација со неговата волја.

„На некои избирачки места имало полнење кутии, како, на пример, во Сарај, „бугарски воз“ во Општина Липково, потоа гласање за иселениците во Дебар или брутално полнење кутии во Зајас, Пласница и во Кичево, но има информација дека овој феномен се случил дури и во чистите македонски населби, каде што изненадувачки голем број гласови отидоа за ДУИ. Сето ова вели дека изборниот процес е далеку од тоа што би сакале да биде и затоа за нас податоците за победничката партија се спорни“, соопшти коалицијата „Сега е време“.

И претседателот на Левица, Димитар Апасиев, смета дека партијата е оштетена за најмалку 10.000 гласови и дека им се одземени тројца пратеници во изборните единици 1, 2 и 4, а електронските записници не кореспондираат со хартиените записници. Тој на прес-конференција најави дека ќе поднесат приговори во ДИК, но и кривични пријави против членовите на ДИК, а на „Фејсбук“ се пожали дека е извршена изборна кражба.

„Имаш рок од 24 или 48 часа за приговор, ама не ти даваат увид во записниците?! А, и ако ти дадат, немаш како да споредиш дали бројот на гласови од хартиениот записник е ист со електронски внесените податоци за да приговараш. Искрадени сме од Ново Село, до Кисела Вода – наголемо! По 30-40 гласа по изборно место. Наши членови од Карпош кои гласале со цели семејства на резултатите имаа 0 гласови“ – напиша Апасиев.

Приговори до ДИК најавија и од партијата Интегра.

Комисијата има рок од 72 часа да одлучи по приговорите, а против нивната одлука може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен да одлучи по жалбата во рок од 48 часа. Приговор до ДИК може да поднесе и секој избирач кому му е повредено избирачкото право при гласањето.

ДИК може по службена должност или по поднесен приговор да го поништи гласањето на гласачко место. Повторното гласање се одржува 14 дена од денот на првото гласање но само ако прегласувањето може да влијае на конечниот резултат.

Инаку, и вчера не работеше сајтот на ДИК во делот каде што се прикажуваат резултатите од предвремените парламентарни избори. Заинтересираната јавност не може онлајн да ги прегледува и да ги споредува резултатите според гласачките места и според изборните единици, како што беше случајот во претходните изборни циклуси. Страницата со резултати „падна“ веднаш откако заврши гласањето во средата во 21 часот и се отвораше само повремено, при што даваше нелогични резултати. Претседателот на ДИК Деркоски тврди дека сајтот е соборен со хакерски напад и јавноста ги очекува резултатите од истрагата што МВР ја води за оваа невообичаена состојба.

Според ОБСЕ/ОДИХР Македонија имала мирен изборен ден

Според првичната оценка на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, предвремените парламентарни избори на 15 јули беа добро организирани, а денот на гласање помина мирно и покрај одредени технички предизвици, но има простор за загриженост поради правната несигурност која е поткопана поради честите промени на законите. Специјалната мисија за оценка на изборите има забелешки и во однос на работата на медиумите, а на известувањето за изборите генерално му недостасува критичка анализа на програмите на партиите. Исто така, правилата за политичко рекламирање ги фаворизираат трите најголеми политички партии.

„Изборите генерално беа спроведени ефективно и покрај прилагодувањата како одговор на пандемијата со ковид-19, но правната стабилност беше нарушена со суштински ревизии на Изборниот законик и последователна ад хок регулатива донесена за време на вонредната состојба. Кампањата, иако со негативен тон, беше вистински конкурентна и учесниците беа во можност да ги пренесат своите пораки и покрај ограничувањата. Денот на изборите се одвиваше непречено и покрај техничките предизвици во објавувањето на резултатите и забелешките во врска со регистрацијата на гласачи“, се вели во оценката.

Според документот, изборите беа спроведени според законска рамка што беше суштински измената пред самото распишување, а тоа е спротивно на меѓународните добри практики.

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ќе остане во Македонија до 23 јули, а конечниот извештај со заклучоци и потенцијални препораки ќе биде објавен наесен.

Амбасада на САД: Изборите се значаен чекор кон демократијата

Амбасадата на САД упати неутрална оценка за изборите во Македонија, кои ги оцени како значаен чекор кон демократијата.

– Го поздравуваме големиот напор на локалната изборна администрација што овозможи наспроти предизвиците со тековната пандемија, изборите да бидат организирани со сите напори за заштита на здравјето и на гласачите и на лицата ангажирани во изборните центри и набљудувачите. Како први генерални избори одржани по влезот на Северна Македонија во НАТО и по поканата за започнување на преговори со ЕУ, од почетокот на годината, овие избори претставуваат значаен чекор кон демократијата – се вели во ставот на амбасадата на САД објавен на нејзината страница на Фејсбук.

 

The post Сите оштетени и украдени, ретко кој поднесува приговори!? appeared first on Слободен печат.


Сите оштетени и украдени, ретко кој поднесува приговори!? was first posted on јули 18, 2020 at 9:51 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....