Реконструкцијата и доградбата на стационарот е во финална фаза и треба да започне со работа за кратко време, е најновиот одговор од Град Скопје на прашањето кога конечно ќе започне да функционира стационарот за улични кучиња во „Вардариште“, кој од пред една година помина во надлежност на ЈП „Лајка“, формирана шест месеци претходно.
Оттогаш до денес никој во градов нема контрола врз кучињата на улица, ниту некој знае колку се намножиле во меѓувреме, затоа што програмата „залови,стерилизирај, врати“ веќе не функционира, ниту некој сериозно верува дека овој проблем ќе се реши во блиска иднина. Важно е дека имаме јавно претпријатие формирано да се грижи за нив ( кое еве, само што не профункционирало) и имаме стационар чие реновирање трае како да се гради стокатница.
Притоа, во изминатиов период неколкупати првиот човек на Скопје, Петре Шилегов го најави скорешното отворање на стационарот. Прво рече дека работите во стационарот се при крај и дека ќе се отвори до крајот на мај, во јуни тврдеше дека е во тек надворешно уредување на локалитетот и дека очекува „следната недела конечно тој капацитет да се стави на располагање на граѓаните на Скопје“. Последниот пат најави дека ќе го биде веднаш после изборите. Оттогаш измина цел месец и сѐ уште ништо. Молк.
Речиси со нетрпение чекаме да видиме што чудо од стационар ќе биде тоа после толку долго реновирање. И како ќе го реши проблемот со кучињата по улица на кои не им се знае бројот, со новите 100 внатрешни и 60 надворешни боксови.
На скопските улици има илјадници кучиња. Дел од нив пуштени од граѓани на кои им здодеало да ги чуваат дома. Замислете, па тоа било голема одговорност! На проблемот со неодговорните сопственици со години укажуваат здруженијата за заштита на животните, кои бараа задолжителна кастрација и стерилизација на миленичињата. Тие постојано алармираат за ситуацијата и предупредуваат дека нема да може да се стави под контрола.
Воведено е и чипирање, па божем ќе се казнуваше ако се фатеше чипирано куче оставено на улица. Изречена е само една казна. И толку.
Ама затоа секојдневно полициските билтени бележат пријави за каснување од куче. И Градот си плаќа отштети. Граѓани од сите делови на градот реагираат дека врие од кучиња и дека тие се агресивни. Се плашат луѓето да се движат навечер раат низ населбите.
Во една своја изјава Шилегов рече дека очекува за неполна година стратешки да се реши проблемот со бездомните кучиња во градот. Сериозно градоначалнику? Тоа го очекуваат и граѓаните.
The post Што правиме со кучињата по улиците? appeared first on Слободен печат.
Што правиме со кучињата по улиците? was first posted on август 24, 2020 at 9:27 am.