Шпанија стана четврта земја во светот според број на заразени од новиот коронавирус, надминувајќи ја Јужна Кореја со брзо зголемување на бројот на заразени. Официјален Мадрид соопшти дека затворањето на границата стана „реална опција“ што се разгледува.
За ситуацијата во Шпанија ќе се разговара во текот на денот со земјите членки на ЕУ, соопшти шпанското Министерство за внатрешни работи.
Бројот на заболени од Ковид-19 во Шпанија се зголеми за околу 1.000 луѓе за 24 часа и денеска изнесува 8.744, при што бројот на починати е 297.
Министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде рече дека целосна блокада би можела да биде следна мерка, по распоредувањето војска на улиците и чистење на железничките станици, наредбата 46 милиони луѓе да останат во домовите и преземање на контролата над приватните болници.
Португалија и Шпанија веќе се согласија да престанат со туристички активности долж нивната заедничка граница од 1.200 километри. Сепак, на стоките и на работниците ќе им биде дозволено да ја преминат границата.
Осум земји-членки на ЕУ ги затворија границите за странски државјани поради пандемијата на коронавирус, но некои експерти веруваат дека тоа нема да помогне да се запре ширењето на болеста.
Границите за сите странски државјани ги затворија Унгарија, Чешката Република, Кипар, Данска, Литванија, Летонија, Полска и Словачка.
Австрија и неколку други земји делумно ги затворија границите и воведоа дополнителни гранични контроли.
The post Шпанија ја надмина Јужна Кореја по број на заразени, затворањето на границите стана „реална опција“ appeared first on Слободен печат.