Ниските откупни цени за произведеното, ја отсликуваат состојбата на македонското земјоделство, кое веќе неколку години бележи намалување на откупот и на продажбата. Според податоците на Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од годинава, откупот и продажбата на земјоделски производи изнесува 2.610.853.000 денари, што во однос на истиот период лани претставува пад од 16,2 процента. Кај откупот на земјоделски производи од индивидуални производители е забележано намалување за 17, а кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство намалување за 15,5 проценти.
Секој септември сликата е иста, жетвите и бербите почнуваат, откупот е неизвесен, земјоделците се незадоволни од цените. Димензиите на проблемот ги покажа и фактот дека дури и премиерот Зоран Заев мораше да се вклучи во преговорите за откуп на овогодишната реколта на грозје. На средбата со лозарите во Тиквешијата, премиерот Заев истакна дека за помош на лозарството годинава се проектирани дополнителни 5,5 милиони евра, а се размислува и за директна поддршка на извозот на наливно и флаширано вино – во просек по 400 евра од возило. Тој објасни дека целта е да се овозможи пласман на залихите во визбите и зголемување на нивниот капацитетот за откуп на родот. Засега во винарниците, поради неработењето на угостителските објекти дома и во странство, има околу 55 милиони литри вино залиха, а лани ова време резервите беа 30 35 милиони литри.
– Договоривме за „вранецот“ 11 денари, а за „смедеревката“ 9 денари. Државата ќе интервенира со два плус два денара за да постигнеме конечни цени од 15 денари за „вранец“ и 13 денари за „смедеревка“. Обезбедивме и два денара за високосортните грозја со кои се покриваат десет милиони килограми, односно дополнителни 20 милиони денари. Вкупно државата ќе издвои 340 милиони денари или 5,5 милиони евра – нагласи премиерот.
Постојан проблем е и производната цена на пченицата, која е повисока од продажната. Според земјоделците, оваа година се очекува квалитетен род и во зависност од регионот просечната цена на пченицата изнесува 9-12 ден по кг.
– Минималната цена за пченица по килограм треба да биде 12 денари. На ваков начин ќе се заштитат малите производители на пченица, кои во најголем дел ја произведуваат македонската пченица односно од вкупно 105.061 земјоделски стопанства, 104.853 се земјоделци, кои произведуваат пченица на површина од 1 до 3 хектари – соопшти Националната федерација на фармери.
Поради настаната ситуација со корона-кризата, НФФ бара Агенцијата за стокови резерви да информира колку се државните резерви со пченица и да се спроведе постапка за откуп на пченица во текот на самата жетва. Во земјава секоја година најголемиот увоз на пченица е од Србија.
Освен лозарите, годинава за откупот и цените, алармираат и производителите на сливи. Во Радовишкиот и во Пијанечкиот регион, родот е пребогат и квалитетен, но нема кој да го откупи. Во моментов сливата се откупува за 10 денари, а годинешниот род се проценува од 12 на 14.000 тони. Поради проблемот со затворените граници и намалената побарувачка, годинава ги нема ни откупувачите од Косово.
Годинава од Струмичкиот регион се пофалија дека има богат род на пиперката ајварка, а освен што ќе биде пласирана на домашниот пазар, ќе биде извезена во Хрватска, Чешка, Полска и во Романија. На почетокот на август цената на ајварката достигнувала и до 60 денари, а сега се спушти на 30 денари.
Со стабилни цени досега добро мина откупот на раноградинарски култури и на бостан, а субвенциите за тутунот се веќе подигнати. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделство и руралниот развој исплати повеќе од 30 милиони евра на 19.050 тутунопроизводители за субвенции за тутунот од реколтата 2019.
The post Секој септември иста слика, бербите и жетвите почнуваат – откупот неизвесен appeared first on Слободен печат.
Секој септември иста слика, бербите и жетвите почнуваат – откупот неизвесен was first posted on септември 10, 2020 at 8:36 am.