-3.2 C
Скопје
03:33 - 23 декември, 2024

Седум години се во бегство, Косово упорно не ги дава клучните обвинети за Монструм

Во Косово од 2013 година до денес на власт беа неколку премиери, a се сменија и неколку министри за правда. Ниту еден од нив не започна да работи или одобрил некои од низата барања и ургенции кои со години ги испраќаат македонските власти во кои се бара екстрадиција на двајцата бегалци обвинети во случајот „Монструм“, скопјаните Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.

Причините зошто официјална Приштина не дозволува екстрадиција на овие двајца бегалци од правдата засега за македонската страна е непозната. Косовските власти до сега не побарале ниту дополнителни докази, а не известиле дал понудените документи во барањето за екстрадиција се оскудни.

Македонските власти уверуваат дека ги користат сите напори двајцата бегалци од правдата да ги донесат во земјава. Во таа постапка се користеле сите законски можности, па и Билателарниот договор со Косово, но засега се било без успех.

Првото барање за екстрадиција на лицата е испратено во 2013 година. Откако бил комплетиран предметот повторно, од страна на Министерството за Правда на Македонија е испратено новото барање за екстрадиција.

Барањето во Министерството за правда на Косово е примено на 5 септември 2018 година. Во новото барање детално се образложени сите точки кои беа истакнати во претходно одбиено барање за екстрадиција. Од поднесувањето на барањето за екстрадиција до денес Македонија нема добиено никаков одговор од косовските власти.

На располагање на Министерството за правда на Република Северна Македонија му преостанува единствено да испраќа ургенции и да бара од надлежните косовски власти да се произнесат. Вакви ургенции има пратено во два наврата, и тоа на 26 февруари 2019 година, а последната ургенција е испратена на 3 јули истата година.

Министерството за правда ќе испрати нови барања за екстрадиција на сторители на кривични дела, за кои има нови околности или обвиненија, а меѓу нив се и двајцата бегалци од случајот „Монструм“, обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, најави неодамна министерот за правда Бојан Маричиќ.

„Мислам дека постапката за случајот „Монструм“ во наредниот период ќе има некаква разрешница, барем така најавија и од обвинителството и судовите. Верувам дека тоа ќе биде завршено во најкус можен рок. Јас како министер за правда сум подготвен повторно да ги поднесеме барањата секаде каде имаме луѓе кои избегале во претходниот период“ рече Маричиќ.

Токму Демири и Исмаиловиќ веќе седум години се во Косово, а македонските власти, со години се трудат да ги екстрадираат во земјава за да им се суди во повторената постапка во случајот, но секој обид е безуспешен. Екстрадицијата засега не е возможна бидејќи на 29 октомври 2015 година, Основниот суд во Приштина одлучи да не дозволи екстрадиција во Македонија.

По одлуката на Основниот суд во Пиштина, на 22 јануари 2016 година тамошниот Апелационен суд пресуди, односно потврди дека нема екстрадицијата за двајцата македонски бегалци. Во меѓувреме, активна е меѓународната потерница за Исмаиловиќ и Демири издадена од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. На 29 октомври 2019 година косовските власти ги известиле своите македонски колеги дека не знаат каде e обвинетиот во случајот „Монструм“, Африм Исмаиловиќ.

„Добивме информација од страна на Министерството за правда на Косово дека добиле одговор од надлежниот јавен обвинител дека во моментот не е познато каде се наоѓа обвинетиот Африм Исмаиловиќ“, извести своевремено македонското Министерство за правда. Двајцата бегалци откако избегаа од Македонија, после 11 месеци криење, беа уапсени во Приштина на 3 март 2013 година. Кај нив, според тогашното тврдење на косовската полиција биле пронајдени два автоматски пиштоли, пиштол, две рачни бомби, две каписли за детонатори и 31 куршум.

Македонија ги бара за учество во петкратното убиство на Смилковското Езеро. Случајот „Монструм“ се случи на 12 април 2012 година, кога беа убиени Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски. Во првичната постапка во Основниот суд во Скопје на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост.

По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење. По згаснувањето на СЈО, меѓу другите предмети, редовното, Републичкото јавно обвинителство го презеде и овој случај.

Процесот е во доказна постапка, а според динамиката, се очекува до крајот на годинава процесот да финишира и со можна втора пресуда за случајот.

The post Седум години се во бегство, Косово упорно не ги дава клучните обвинети за Монструм appeared first on Слободен печат.


Седум години се во бегство, Косово упорно не ги дава клучните обвинети за Монструм was first posted on октомври 16, 2020 at 6:07 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....