-0.2 C
Скопје
21:11 - 25 ноември, 2024

РАЗГОВОР со Љупка Гугучевска, портпаролка на ДИК: Што и да правиме, ние сме единствените и најдобрите мајки на нашите бебиња

Портпаролката на Државната изборна комисија, шармантната и впечатлива по црвената боја на коса, Љупка Гугучевска, професионално информираше и ги следеше претседателските избори. Тоа знаеме дека подразбира од подготовката за самиот процес, до денот на одржување, пред отворање на кутиите после полноќ. Сепак, таа одговори на обврските и покрај тоа што се менуваат сите процеси во организмот и кога е во блажена состојба бара повеќе одмор. Ќе нè информира ли и за следните избори или ќе ѝ биде целосно посветена на нејзината ќерка Ана Марија дознаваме од неа. И многу повеќе, за тоа дали се откажа од велосипедот за време на бременоста, што ја изненадило како мајка околу обврските, како влегла во фармерките од пред бременоста после само 40 дена.

Знаеше ли дека си во блажена состојба за време на изборите, со оглед на тоа дека имаше активен ден, постојано вклучување во живо на телевизија и следење на самиот процес?

– Сите изборни процеси од 2008 година досега ги паметам професионално, но изборите во 2019 година ќе ги запаметам и по големата промена која за мене започна на приватен план. Не, не знаев дека сум во блажена состојба, иако на изборниот ден за време на вториот круг имав некоја интуиција која не можам да ја објаснам. Двете цртки на тестот за бременост ги видов на 7 мај, два дена по изборниот ден.

Колку те промени бременоста тебе и твоите навики?

– Имав бременост како по книга, многу пријатна и лесна, па со тоа и навиките и начинот на живот не ми се променија многу. Бев многу активна, патував доста и авионски и со автомобил, работев речиси до последниот ден од бременоста. Правев сè со речиси ист интензитет како и вообичаено. Можеби се фокусирав повеќе на поздрав начин на исхрана, па една добра навика која ми остана е денот да го започнувам со смути од јаболко, лимон, свеж ѓумбир и мед.

40 дена по породувањето се охрабрив да се обидам да влезам во фармерките од пред бременоста

Како се снаоѓаш во улогата на мајка, помага ли сопругот, баби, дедовци можеби?

– Откако поминаа тие први две недели на адаптација, улогата на мајка е нешто најспонтано и најлесно со што сум се соочила. Ана Марија е мирно бебенце, плаче само кога е гладно, бара многу шетање, дружење и муабет, а за возврат ги дава најслатките насмевки. Со сопругот сè правиме заеднички, се договараме за сè околу грижата за ќеркичката, па поминуваме доста време заедно како семејство, но секој од нас има време и за себе и за активности кои го исполнуваат. Најмногу ни помага сестра ми, која како тетка на Ана Марија, е задолжена за забавните активности. Во зависност од времето што им е на располагање и потребите, ни помагаат и бабата и дедото на Ана Марија. Но најчесто сме само ние, бидејќи навистина уживаме во улогата на родители и се снаоѓаме доста успешно.

Со сопругот сè правиме заеднички, се договараме за сè околу грижата за ќеркичката

Често можеме да те видиме на велосипед низ градот, продолжи ли да возиш?

– Да, во последните неколку години велосипедот ми беше главно превозно средство. Можам да кажам дека единствената работа која ми недостигаше за време на бременоста е токму возењето велосипед, кое го заобиколив од безбедносни причини. Истражувањата покажуваат дека самото возење велосипед не е ризично за трудниците со нормална бременост, меѓутоа, за жал, инфраструктурата, па и сообраќајната култура во нашиот град не гарантира безбедност за велосипедистите. Релацијата на која јас се движев секојдневно не е целосно покриена со велосипедски патеки, а поради тоа има и неколку ризични точки на кои мора дополнително да се внимава при возењето. Освен тоа, многу учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, сè уште ги доживуваат велосипедистите како натрапници, па ги користат и постоечките велосипедски патеки за движење или паркирање. Бидејќи уживам во возењето велосипед, а истото е корисно за мене и за околината, ќе му се вратам најбргу што можам. Ѝ ветив и на ќеркичката дека штом ќе порасне најпрвин ќе ја возам на седиште на мојот велосипед, а потоа ќе возиме заедно.

Што е она што не го знаеше, а го дозна по породувањето околу грижата за ќеркичката?

– Искрено, не знаев ништо, а научив многу, исклучиво од сопственото искуство. Токму затоа сакам да ги охрабрам сите жени, идни мајки, од лавината на совети кои ќе ги добијат да ги одберат оние кои ним и на нивните бебенца најмногу им одговараат. Да се слушаат себеси, своите тела и сигналите кои нивните бебиња им ги даваат.

Реалноста, и покрај тоа што насекаде околу нас е пренагласено романтизирана, е дека првите две недели се многу тешки. Со бебето се привикнувате едни на други, бебето се привикнува на новата средина, а вие се прашувате дали правите сè како што треба за да му удоволите на своето малечко. Тука е и доењето и потешкотиите со кои има големи шанси да се соочите. Потоа, емоциите со кои за првпат се соочувате и не знаете дали тие се тие вистинските. Една важна лекција која ја извлеков од сè тоа е дека со што и да се соочувате, како и да реагирате на промените, сè е нормално. Сите сме различни, нашите бебиња се различни, и не можеме секогаш да учиме од искуствата на другите. Што и да правиме, ние сме единствените и најдобрите мајки на нашите бебиња.

Како успеа после 40 дена да влезеш во фармерките кои ги носеше пред бременоста, имаше ли посебен режим на исхрана, движење?

– Жените ќе разберат колку е важно без напор да се облечат фармерките, (се смее, н.з). 40 дена по породувањето се охрабрив да се обидам да влезам во фармерките од пред бременоста, а во моментот кога го закопчав последното копче недостигаше само некоја триумфална музика во позадина. Како што кажав, имав многу активна бременост, па по породувањето имав само два и пол килограми повеќе од претходно. Не се лишував од ништо во поглед на исхрана, но најмногу имав потреба за свежо овошје и зеленчук. Изедов еден тон јаболка и малку помалку останато овошје.

Кои се твоите мали тајни за изгледот на кожата ?

– Кожата на телото ја негувам единствено со бебешка козметика, лосиони и масла. На шест месеци го менувам брендот, бидејќи осеќам дека кожата ми се презаситува, меѓутоа секогаш тоа е бебешка козметика. И во текот на бременоста го практикував истото, па воопшто немав проблеми со стрии, флеки или алергии. Што се однесува до лицето, имам проблематична кожа, па морам да бидам искрена дека сè уште не сум открила формула од која комплетно ќе бидам задоволна. Но, упорна сум во потрагата, па сигурна сум дека за наредниот разговор ќе имам некој успешен рецепт кој ќе го споделам со вас.

Ќе нè информираш и за овие избори за најновите случувања или таа обврска ќе им ја препуштиш на колегите од ДИК?

– Имам среќа што во Државната изборна комисија го имам колегата со кој и на претходните изборни процеси заеднички работевме на информирање на јавноста. Има одличен и искусен тим на колешки и колеги, така што можам да се опуштам и овие избори да ги следам од комфорот на мојот дом.

 

 

The post РАЗГОВОР со Љупка Гугучевска, портпаролка на ДИК: Што и да правиме, ние сме единствените и најдобрите мајки на нашите бебиња appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....