19.8 C
Скопје
12:37 - 2 мај, 2024

Разговор со Љубен Маџиров, музичка ѕвезда во подем и син на виртуозот Зоран Маџиров: Зрелоста потекнува од сите нас, а вежбањето „му е мајката“

Љубен Маџиров одамна е сосема посветен на музиката со која се дружи од раното детство. Вели дека го одбрал Лондон за школување поради тоа што е центар на музичкиот свет, таму може да напредува на големата сцена и со големи артисти. Моментно е на последна година на факултетот и очекува да му се отворат големи врати. А, тука се и платформите како „Спотифај“ (Spotify) и „Епл мјузик“ (Apple music) каде што, вели, е многу лесно да се пробиеш на музичката сцена, доколку си упорен.

Научив многу нови техники на свирење и се здобив со големо искуство што потекнува од свирење со различни артисти, кои свират различни жанрови музика во Лондон.

Љубен Маџиров е син на виртуозот Зоран Маџиров, на светската јавност познат како Болтмен, односно човек кој свири на шишиња. Зоран прерано нè напушти, но зад себе ги остави своите деца, Љубен и Нина, кои ја продолжија семејната уметничка традиција и веќе редат успеси. Допрва ќе слушаме за нив.

Со задоволство ја преслушав песната од „Контакт 59“ снимена пред четири години, и споредувајќи ја со новата „Rivers Flows Back“, во оваа се чувствува музичка зрелост, длабочина, европски шмек. Со звукот блиски сте до „Масив атак“ или „Портисхед“, негувајќи ја трип-хоп атмосферата. Во што музички созреа благодарение на Лондон и лондонската музичка сцена?

– Зрелоста потекнува од сите нас. Лично од моја страна научив многу нови техники на свирење и се здобив со големо искуство што потекнува од свирење со различни артисти, кои свират различни жанрови музика во Лондон. Исто така, морам да му се заблагодарам на Ивица Јанкуловски -Штраф, нашиот продуцент, кој ни помогна во развивање на темите што ги снимаме моментално.

Планирате ли албум, концертна промоција, и кога може да го очекуваме?

– Да, албумот моментално се снима и може да се очекува отприлика за еден месец. Се разбира дека ќе имаме и промотивен концерт во првата прилика што ќе ни ја дозволи ситуацијата. Безбедноста ни е секогаш на прво место.

Дали си се обидел, и колку успешно, да свириш на шишиња? Кој инструмент е твојата најсилна страна?

– Да, свирам на шишиња, татко ми ме научи уште од мал. Во ноември минатата година на фестивалот „Синедејс“ во МКЦ имав можност да настапам со Љубен Дерибан и Ива Јованова, свирев на шишиња на прикажувањето на филмот на сестра ми „Стакло“. Инаку, тапани ми се најсилна страна.

Што научи од татко ти? Кои музички, а кои животни лекции ти се мотив, секојдневие, аплицирани во животот?

– Биди упорен во тоа што го правиш и никогаш не се откажувај. Секогаш ќе има критики, но важно е да се запамти дека уметноста е индивидуална, а не е шаблон. Тој секогаш ми велеше и дека „вежбањето му е мајката“.

Татко ми секогаш ми велеше и дека „вежбањето му е мајката“.

Со текот на времето, кога се навикнуваме да живееме со болката и загубата, остануваат убавите спомени. Какви сеќавања за твојот татко, Зоран Маџиров, денес ти се пред очи?

– Загубата е огромна за мене и за мојата фамилија, ни недостига секојдневно. Најубавите сеќавања ми се патувањата со него низ светот, свирењето и креирањето музика заедно, одењето на скијање, вежбањето тапани со него, и уште многу други. Јас и тој бевме многу блиски како татко и син.

Филмот „Стакло“ на сестра ти Нина, добитник на бројни награди, беше посветен на Зоран. Колку овој филм ѝ ги отвори вратите кон успехот во странство? Како е денес Нина, уште ли е во Америка, како се пробива во филмскиот свет и со што моментно е окупирана?

– Филмот „Стакло“ на сестра ми доби над 15 интернационални награди, како во Америка, така и во Европа. Да, ѝ отвори многу врати, неодамна потпиша договор со многу добар филмски агент и ја чекаме да се појави наскоро во некој голем филм или серија.

Љубен и сестра му, Нина

Кога сме веќе кај суперталентираното уметничко семејство Маџирови, некако не можам да го заобиколам глумецот Игор Маџиров, кој исто така, прерано нè напушти. Покрај другите маркантни улоги во театарот и на филмот, со улогата на Могли направи цела една генерација деца да се идентификуваат со овој лик – дете грабнато од волците, кое се чувствува моќно да ги победи своите најголеми непријатели – возрасните. Како ти се сеќаваш на Игор? И, кои се волците и непријателите во твојот личен живот?

– За жал, јас бев многу мал и немам многу сеќавања за него, но се сеќавам на неговите претстави што ги имам гледано како мал во Театарот за деца и младинци и ме радува фактот дека тој има оставено длабоки траги во македонската глума. Волците и непријателите за мене се луѓето што сакаат да ја намалат вредноста на уметниците и уметноста.

Деновиве те најдов во Струмица, што најмногу во Лондон ти недостига од овој град, што од нашата земја?

– Во Лондон ми недостигаат моите пријатели од Македонија, снегот и сноубордингот со моите другари, бендот „Контакт 59 и „Дактили“, на баба ми ајварот и на дедо ми приказните за неговиот живот.

Семејна фотографија

Како денес гледаш на македонската алтернативна музичка сцена, во што напредува, во што стагнира?

– Се радувам на креативните луѓе во Македонија и секоја креација го носи општеството напред. Ме радува фактот што имаме алтернативна сцена и многу талентирани и креативни луѓе. Излегуваат доста нови бендови и ме радува што алтернативната музичка сцена се зголемува. Сметам дека стагнира во користење на нови технологии и платформи за слушање музика.

 

 

The post Разговор со Љубен Маџиров, музичка ѕвезда во подем и син на виртуозот Зоран Маџиров: Зрелоста потекнува од сите нас, а вежбањето „му е мајката“ appeared first on Слободен печат.


Разговор со Љубен Маџиров, музичка ѕвезда во подем и син на виртуозот Зоран Маџиров: Зрелоста потекнува од сите нас, а вежбањето „му е мајката“ was first posted on октомври 1, 2020 at 12:00 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....