3.8 C
Скопје
01:25 - 21 декември, 2024

Психолог Костадиноска: Справувањето со пост-ковид 19 ќе наликува како закрепнување после војна

Помина веќе цел месец од почетокот на оваа криза, повеќето луѓе почнуваат да чувствуваат вознемиреност. За тоа кои се последиците од останувањето во затворен простор толку долго време и како да си го сочуваме менталното здравје во периодот на коронавирусот, разговараме со Каролина Костадиноска, лиценциран клинички психолог, гешталт-терапевт од Центарот за психолошка помош и психотерапија „Синергија“.

Дали пораката за останување дома може, кај некои луѓе, да има спротивен ефект?

– Новите предикции на светските истражувачи на јавното здравство говорат за нов бран на „вирус на ментални растројства“ поврзани со ковид-19 и повеќемесечната социјална и физичка изолација. Очекуваниот бран е во насока на анксиозни и депресивни нарушувања, болести на зависност – дрога и алкохол, и пост-трауматски стрес синдром. Ова е состојба на „колективна планетарна траума“. Мораме да бидеме спремни да одговориме на нарушеното ментално здравје на глобалната популација, прво со доволно професионален кадар, но истовремено и со јавна едукација за заштита и дестигматизирање на менталните нарушувања. Состојбата на нашите граѓани на ментален план веќе е подолго време оптоварена со сите општествени транзиции низ кои минавме, сега пред нас имаме уште една висока планина да искачиме. Справувањето со пост-ковид 19 на ментален, здравствен и економски план ќе наликува како закрепнување и санирање на последиците после војна. За жал, нема да можеме да ја истресеме од нас прашината и само да продолжиме понатаму. Актуелново дисторзирање на психички план вклучува реакции на шок, негирање, интензивен страв, паника, анксиозност, пад и брзи промени на афектот когнитивни дисторзии, дисфункции на исхрана и сон, лутина, огорченост и агресија,односно психички реакции на акутен стрес со тенденција за пост-трауматски стрес синдром. Секако, важно е да се напомене, ако единката имала историја на претходни кризи, стресови и психијатриски нарушувања, таа ќе биде далеку поранлива и помалку отпорна во реакциите кон стрес-факторите.

Кои се најчестите емоции што можат да се доживееат во период како овој и како можеме да ги препознаеме и да се соочиме со нив?

– Би сакала да потенцирам дека моите колеги и колешки во овој месец дена период интензивно и пожртвувано се ангажирани на социјалните медиуми во насока на психоедукација на населението и секој кој сака да се информира за влијанието на пандемијата врз менталното здравје има изобилство на текстови и содржини. Браво за сите нас од професијата дали медиумски или дирекно во практика што ја активираме нашата професионалност и одговорност кон професионалните повици и задолженија.

Јас само би додала уште неколку важни моменти:

– Емоциите се составен дел на организмичкиот одговор на опасност и мора да ги уважиме со целиот нивен дијапазон, дури и да се доживуваме стабилни и цврсти пред таа опасност во актуелниов момент, на несвесно ниво протекуваат процеси кои ние не ги регистрираме, а го тресат јадрото на личноста и може да се манифестираат откако ќе престане големата опасност, бидете внимателни и грижливи кон себе во сите фази и побарајте помош без себестигматизирање

– Најголемата анксиозност е непредвидливоста на иднината, не знаеме што да правиме со нашите планови, идеи, стремежи, каде да ги сместиме, која форма да им ја дадеме? Ковид 19 направи прекин на временската оска на континиум минато-сегашност-иднина и овој прекин ужасно нè вознемирува и разочарува. Разбирливо е превртувањето по старите фотографии и албуми за несвесно да го залепиме овој прекин на внатрешното време. Во ред е да продолжиме со таа потреба. Сега нужно важно ни е да го повикаме познатото додека непознатата иднина зјае пред нас како отворена уста на ѕвер. Во сегашниот миг ќе носиме дигитален часовник кој ни го покажува само сегашниот час и минути и ќе научиме како никогаш досега што значи да си сега и тука со целото свое присуство на постоење. Нема да се откажеме од иднината, но ќе мора да прифатиме дека можеби патот и начинот за реализирање на плановите и целите сега ќе бидат изменети. Ќе вртиме одоколу или по некои други неистражени скали ќе дојдеме до нив. Само ќе мора да прифатиме дека никој нема да ни ја вети иднината која посакуваме да ја добиеме.

Дали оние што живеат сами повеќе се изложени на психолошки ризик?

– Да се потсетиме, да бидеш сам, не значи да бидеш осамен. Ако индивидуата живеела социјално и емотивно неповрзана и отсечено од околината пред пандемијата, тогаш е можно изолацијава да го зголеми интензитетот на осаменост до ниво на анксиозно растројство и депресија. Додека индивидуите кои работеле на себе во насока на себеспознание имаат добро развиен себеподдржувачки систем и во кризни периоди, без разлика што живеат сами.

Секако дека здравото колективно живеење ни нуди чувство на безбедност и припадност, посебно кога тлото под нозе ни се поместува и сè е така неизвесно. Но, дури и да живееме сами, алатката за заштита на менталното здравје е ОСТАНУВАМ ПОВРЗАН, не се изолирам! Психички е истоштувачко чувството сите стравови во ова непредвидливо време да ги носиме сосема сами. Човекот има генетска детерминараност од заедницата, и за солзи и за радост ни треба друго човечко битие. Можеби е време да размислиме за одредени онлајн-социјални групи на поврзување во кризни периоди достапни за единки кои живеат сами. Важно е да се создаде чувство на припадност кон некоја форма на социјална заедница каде што би се чувствувале прифатено, разбрано и поддржано.

Алатката за заштита на менталното здравје е ОСТАНУВАМ ПОВРЗАН, не се изолирам!

Кои домашни активности можат да ни помогнат да ја ослободиме тензијата?

– Сите познати или нови активности кои ни носат растеретување на тензијата и ја подигаат животната вибрација во организмот. Сè што ни помага да го олесниме нервниот систем од напнатост, страв, тага, депресивност, конфузија, немир. Потребно е секој да го детектира својот персонален „сетинг“ на активности. Активностите да се организирани во неколку сфери: да го опфатат телесниот aспект – базични потреби за храна, вода, воздух, сон, физичко движење, менталната сфера – емотивни споделувања, работни обврски, медитација, музика, филм, цртање, свирење,читање, социјалната сфера -социјални контакти, безбедно информирање, заедничко готвење, групен танц, социјални игри, заедничка грижа за домот, хуманитарна активност. Егзистенцијално битен е контактот со сончевата светлина и природата, имаме среќа што ни претстои пролетна и летна сезона, а зимата и тмурното време, краткиот ден се позади нас. Користете го секој момент надвор на безбедна физичка дистанца, а за време на полицискиот час бидете со часови во двор, на тераса или во сончевиот дел од домот. Стишете се, затворете очи и почувствувајте ја топлината на сонцето на лицето, сонцето нè потсетува дека животот секогаш го наоѓа својот пат.

Токму во периодот на изолација зачестени се случаите на семејно насилство, а познато е, жените кај нас од бројни причини не можат да се обратат на одговорните служби. Што им препорачувате?

– Со појавата на вирусот сите ние на некој начин станавме негови заложници. Но некои членови од заедницата освен на вирусов, истовремено се заложници  и на семејните агресори – партнери, родители. Претпоставувам дека карантинов им буди чувство на фатени во стапица. Посебно што податоциве велат дека во последниов период процентот на купен алкохол е прилично висок, што значи дека агресор – алкохоличар кој е затворен со жртвата во карантин е ужасно опасна ситуација. Целокупнава ситуација тригерира психичка напнатост која може да се манифестира како вербална или физичка агресија. Жртвите на семејно насилство НЕ СМЕАТ да бидат оставени сами и заборавени од општествената грижа. Дури ни полицискиот час не смее да биде стапица за жртвите, би требало да се нагласи во владините соопштенија кои отстапки би важеле за жртвите на насилство. Многу ми се допадна мерката за заштита на жртвите во Франција каде што може да се пријави насилството во секој отворен маркет или аптека, доколку жртвата нема можност да пријави во полиција. Мислам дека кај нас можеме барем да закачиме постери во маркети и аптеки со броеви на служби за помош при семејно насилство. Им препорачувам да пријават насилство на кој било достапен начин или во моментот да излезат од дома и да се упатат кон најблиската полициска станица или некој близок од семејството.

Кога сè ова ќе заврши и кога би требало да се почувствуваме повторно слободни, постои ли опасност од социјални фобии, како што се стравот од отворени простори и од од луѓе? Очекувани ли се пост травматски реакции?

– Поради опасноста од асимптоматско ширење на болеста, кај некои од нас ќе се развие параноичен страв од зараза, дури и од најблискиот. Секој на секого би можел да му стане опасност, дури и кога пандемијата ќе стивне, а вирусот и понатаму ќе остане меѓу популацијата. Овој процес за самозаштита секако дека може да биде подлога за социјална фобија и задржување во ограничен безбеден простор. Паралелно овој социјален страв придружен со непредвидливата иднина е совршен пакет за развој на анксиозни и депресивни психички одговори на организмот. Ќе мора да НАУЧИМЕ да живееме во небезбеден свет, кој не може да ни понуди сигурност и константност и ќе мора да направиме наши мали персонални депоа на некаква безбедност и познатост во нашите индивидуални кругови на егзистирање. Ќе дојде време на „повторно слободни“, но мислам дека слободата сега ќе ги смени дефиницијата и значењето, ќе најдеме нова форма на слобода што ќе соодејствува со променетата форма на живеење. Една добра вест е дека Балканот со векови наназад не бил сигурно тло за своите граѓани, така што нашите адаптивни системи за преживување во вонредни услови се далеку поразвиени за разлика од други земји во кои општеството и владата им обезбедуваат чувство на заштита и згриженост на своите граѓани. Мислам дека ние сме прилично вешти и резилиентни да функционираме „речиси нормално“ во изместени средински услови. Таа сурова адаптибилност би била нашата поткрепа во фазата пост-ковид 19. Да не заборавиме дека ние, средните генерации, поминавме низ смртта на Тито, распаѓањето на СФРЈ, рестрикции на гориво, струја и храна, девалвации на валута, војна во соседството, локални вооружени судари, ембарга, визен режим и ограничено движење и низа други вонредни настани и повторно сме тука со целиот арсенал на преживувачки стратегии кои можеме да ги активираме и да ги пренесеме на помладите генерации. Прво што мораме да направиме кога ќе излеземе од вакуум-карантинов е да го почувствуваме ЗДИВОТ НА ЖИВОТОТ, потоа ќе ги редиме другите коцки од мозаикот на животното поле.

Можеме ли од ова да извлечеме некоја поука, сега кога сите на својата кожа ја почувствувавме тежината на ограничувањето?

– Дали некој ќе извлече поука и која ќе биде поуката, зависи колку работел на својот раст, развој и свесност, досега. Пораките ќе се искреираат на индивидуално и колективно ниво. Има еден вид на жолти мравки во Амазон кои за време на поплави се поврзуваат меѓу себе и формираат сплав со своите тела, така да водата не може да ги однесе и усмрти така лесно како кога секоја би била сама во водата. Ако вирусов е смртоносната поплава, се надевам дека колективната свест би се развила во насока на заедништво, сплотеност и еднаквост пред опасноста. Сега гледаме дека социјалните класи, подкласи, верата, националноста, расата или полот не се фактори за поштеда пред опасноста од вирусот, ниту од економската криза која ќе ги раздрма сите општествени слоеви. Сега колективниот активизам е мерка за преживување на сите нас. Колективното поврзување и тимската кохезија се предуслов за справување со заедничките опасности, лекарите со економистите, економистите со пекарите, пекарите со ветеринарите, владите со граѓаните, граѓаните со  семејствата…Кругот е голем, а внатре сме сите ние.

21 век е означен со својот материјалистички, конзумерски и хедонистички карактер, животот стана премногу богата трпеза со милиони удобства, а ние го изгубивме чувството колку и што ни е навистина потребно. Сега, кога материјалниот конформизам не ни е достапен (продавници, ресторани, хотели, патувања, козметички салони…) карантинот нè донесе кон себе, би рекла присилно и непланирано. Но многумина од нас, за жал, кога се свртија кон себе не најдоа никој таму, доволна причина за паника. Изолацијата е растегната низ месециве, па ни остави доволно време да договориме средба со себе, со партнерите, семејствата и пријателите, другите. Средбата е внатре во нас или во нашите домови, инаку пак ќе избегавме надвор ако имавме можност. Доколку болеста го промени досегашниот стил на живеење на глобално ниво имаме сериозно големи можности да научиме да бидеме почувствителни, поемпатични и погрижливи прво кон себе, па кон тој до нас. Ќе имаме можност животот во неговата срж, без неговите артифициелни додатоци, да го поставиме на пиедестал. Задоволствата ќе ги побараме на друго место и на друг начин, можеби преку звукот на птиците, кикотењето на децата, насмевката на драгиот, среќата од здравјето, мирисот на свежо печениот леб. Животните вредности и смислата на постоењето ќе имаме можност да ги реобликуваме и секој од нас ќе мора да ја прифати својата одговорност за промена или стагнација.

Од природата ќе ја извлечеме пораката дека премногу ѝ стежнавме со човековата негрижа кон неа. Сега без нас таа раскошно се врати назад кон нејзиниот природен тек, многу поубава и почиста, посакувам кога би можела во оваа состојба и да остане.

Како вие се справувате со вашите внатрешни непријатели во овој период?

– Секој од нас изложен на вонреднава состојба, без разлика на професијата, очекувано е да има средба со својата Сенка (Shadow) според Јунг. Прва содржина која се појави кај мене беше егзистенцијалниот страв од сопствената смрт и смртта на најблиските. Откако го освестив и се поздравив со својот страв, се втурнав во акција за да го раздвижам нагонот за живот. Станав свесна дека сум си потребна на себе, на син ми, на партнерот, на пријателите, на моите клиенти и едуканти. Се раздвижив на телесно ниво (долги прошетки во природа со кучето, јога), се раздвижив преку социјални контакти и внесов активности во мојот дом, животот продолжува понатаму и покрај опасноста надвор. После еден месец карантинско функционирање, се трудам да ги намалам професионалните активности за да го забавм темпото, потребно ми е стишување и одмор од целава збрка. Потребно ми е да седам на тераса, да слушам трансцедентална музика и да чувствувам радост во стомак дека сум ЖИВА.

The post Психолог Костадиноска: Справувањето со пост-ковид 19 ќе наликува како закрепнување после војна appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....