-0.2 C
Скопје
02:06 - 19 декември, 2024

Пропадна Еуростандард, клиентите останаа без плати и пензии

Како бомба одекна веста дека Народната банка ја укина дозволата за основање и работење на Еуростандард банка АД Скопје затоа што банката не ги исполнувала минималните законски услови за работење и не е солвентна. Банката веќе е исклучена од платниот промет, што значи дека сите граѓани и фирми што имаат сметки во банката не можат ниту да ги допрат своите пари, ниту, пак, да се раздолжуваат со земените кредити онака како што се договориле со банката, туку тоа треба да го средуваат со стечајниот управител.

Најмногу на удар се оние што добиваат плата или пензија преку оваа банка, затоа што ако не си ги подигнале, или ако со нив работеле преку платежна картичка, неискористените пари им остануваат заробени во банката, што значи дека до обесштетувањето, тие остануваат без основните средства за егзистенција. Народната банка ги известува граѓаните дека треба да изберат друга банка преку која ќе им стигнуваат парите  И корисниците на социјална помош и пензионерите треба да ја променат банката и за тоа да го известат исплатувачот.

За граѓаните: Целосно обесштетување до 30.000 евра

Веста за пропаѓањето на банката завчера во попладневните часови ја соопшти гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. Во однос на депонентите, главна поента од нејзиното обраќање е дека 99,4 отсто од граѓаните што штеделе во банката или имале трансакциски сметки, целосно ќе си ги земат своите пари преку Фондот за осигурување депозити, кој има законска обврска да ја почне исплатата по 20 дена од отворањето на стечајната постапка.

Преку Фондот за осигурување депозити, според законот, целосно се исплатуваат оние граѓани што имаат заштеди до 30.000 евра, додека оние што имаат поголем износ, ќе треба да чекаат пари од стечајната маса, но колку ќе добијат засега е неизвесно. Токму од овие причини, многу често во јавноста се алармираше во една банка да се чуваат најмногу 30.000 евра.

Целосно обесштетување ќе добијат 136.619 граѓани, 780 гарантирано ќе добијат 30.000 евра, а за остатокот ќе ја чекаат распределбата на стечајната маса.

За фирмите: Обесштетување од стечајна маса

За разлика од граѓаните, чии пари до 30.000 евра се секогаш на сигурно дури и да пропадне банката, за депозитите на фирмите нема гаранции. Тие овие пари треба да ги чекаат од стечајната маса, односно од парите што ќе се добијат од наплата на кредити и од сѐ она што го поседува банката на денот на отворањето на стечајната постапка, како и од продажба на имотот што евентуално би го стекнала во текот на стечајната постапка.

Во текот на вчерашниот ден Народната банка предложи отворање стечајна постапка врз Еуростандард банка, а судот треба да донесе решение по предлогот најдоцна во рок од 3 дена. Потоа, со назначување стечаен управител, тој има должност да ја објави листата на сите доверители и да се грижи за наплата на долговите и за продажба на имотот на банката.

Сефови и отплата на кредити

И за начинот на отплата на кредитите, како на граѓаните и на фирмите, задолжен е стечајниот управител.

– Начинот на измирување на обврските врз основа на кредити, клиентите ќе го регулираат со стечајниот управник, кој навремено ќе сподели информации со нив – велат од Народната банка.

Но упатените велат дека ова и не е така едноставно, ако се земе предвид дека има и долгогодишни станбени кредити, потоа хипотекарни кредити, како и долгогодишни инвестициски компаниски кредити…

Што се однесува до сефовите што ги имаат закупено клиентите на Еуростандард банка, Народната банка вели дека и во овој случај тие ќе треба да го почекаат стечајниот управител.

„Физичките лица што користеле сеф во трезорот на Еуростандард банка АД Скопје, по отпочнување со работа на стечајниот управник ќе можат да ги подигнат своите предмети од вредност. Овие предмети се нивна сопственост и не може да бидат задржани во текот на стечајната постапка“, известија од Народната банка.

Инаку, во Банката имаше 170 вработени, кои остануваат без работа.

Трифун Костовски: Народната банка со двојна игра

Мнозински акционер во Еуростандард банка е бизнисменот Трифун Костовски. Тој за денеска најави прес-конференција заедно со акционерите, но за Фактор изјави дека Народната банка игра двојна игра.

– Народна банка цела година нѐ држеше под строги мерки и не ни дозволуваше да работиме и да заработиме. Како во тој случај да се подобри состојбата. Исто така, Народната банка не прифаќаше ниту еден од нашите предлози за надминување на состојбата и за евентуална продажба на банката. Ако веќе беа решени да нѐ затворат, тоа требаше да го направат уште пред една година, а не за овој период уште дополнително да заглавиме со 15 милиони евра – вели Костовски.

Димитриеска-Кочоска: Преку оваа банка се исплатуваа 35.000 пензии

Со затворањето на банката, директно и индиректно се засегнати огромен број пензионери што добиваат пензија преку банката, луѓе што добиваат плата и бизниси што ги користеле услугите на банката, вели Гордана Димитриеска-Кочоска, претседател на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ.

– Со пропаѓањето на банката, доведени се во прашање исплатите кон 55 илјади граѓани, од кои повеќе од 35 илјади пензионери и речиси 20 илјади приматели на социјална помош… Што ќе се случи со депозитите на правните и на физичките лица? Загрозени се и лицата со станбен кредит – вели Димитриеска-Кочоска.

The post Пропадна Еуростандард, клиентите останаа без плати и пензии appeared first on Слободен печат.


Пропадна Еуростандард, клиентите останаа без плати и пензии was first posted on август 13, 2020 at 1:09 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....