Додека лидерот на СДСМ, Зоран Заев е на одмор, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја реформира партијата, првиот интегративец, Али Ахмети изигрува фактор, а Зијадин Села и Африм Гаши од Алијанса и Алтернатива протестираат, медиумите ја кројат владата.
Вака изгледа сликата во јавноста која политичките партии сакаат да им ја претстават на граѓаните. Последната вест за новата влада вчера дојде од весникот „Коха“ кој повикувајќи се на извори од три партии објави дека Владата меѓу СДСМ-Беса, ДУИ и ДПА веќе е скроена со договор за премиер со ротација, 3+1 и дека лидерите јавно ќе ја објават по 4 август, односно по конститутивната собраниска седница.
По ваквата објава која одекна како „бомба“ во јавноста, дека Заев прифатил Албанец премиер, тргна лавината партиски реакции. Прво, веста беше експресно демантирана од СДСМ и ДУИ.
Артан Груби од ДУИ на Фејсбук напиша дека ДУИ е транспарентна партија и дека сите процеси ги развива со вклучување и известување на граѓаните.
„Во моментов, ниту една од многуте вести во медиумите не е потврдена од наша страна, како и да е, кога ќе имаме нешто конкретно, ќе ве известиме благовремено. Воспоставените постизборни контакти со СДСМ и другите партии се колегијални, пријателски, иницијални, секако за доброто на земјата и нејзините граѓани. Разговори за детали, како што се претставени, ниту имало ниту се договорени со ниту една од страните“, напиша Груби.
И од СДСМ демантираа дека новата влада е договорена, нагласувајќи дека партијата преговорите за ќе ги почне по конститутивната седница на Собранието. Се очекува партискиот лидер Заев да се врати од одмор на први август и да учествува во Илинденските чествувања. Потпретседателот на партијата Мухамед Зеќири на својот фејсбук профил, во врска со написите на Коха, напиша: „Гладна кокошка, просо сонува“.
Според комуниколозите, ваквиот однос политичари – медиуми во голема мера се должи на застарената пи-ар стратегија на политичките партии која била актуелна во 90-те години од минатиот век.
Комуникологот Бојан Кордалов за Слободен печат вели дека политичките субјекти забораваат дека многу работи се променети, бидејќи граѓаните се созреани затоа што зад себе имаат три децении на искуство и живот во демократски систем, но и дека политичката клима е многу променета, особено во делот на комуникациите каде веќе повеќе од деценија развиениот свет применува двонасочна комуникација и интеракција со медиумите и граѓаните.
Според него, аргумент плус е и тоа што денес живееме во многу брза и динамична дигитална ера, каде информациите и актуелностите се менуваат во минута, па дури и секунда. Тоа значи дека било каков „пробен балон“ кој сакаат да го пуштат партиските „кујни“ или пи-ар центри не може да пројде без одговор, не само од другата страна, туку буквално од секој граѓанин и организација. А „пробниот балон“ дека новата влада е стокмена меѓу СДСМ, ДУИ и ДПА и само се чека моментот да се објави, го пушти медиум, секако повикувајќи се на извори во партиите кои потоа истиот го демантираа.
Според Кордалов, решението за пуштањето на „пробните балони“ кои потоа партиите сами си ги демантираат е во градењето на искрена комуникација и однос на граѓаните со јавноста за сите процеси кои ги водат.
– Тоа значи и искрен однос на политичарите со медиумите, поставен на рамноправна основа или поконкретно однос во кој политичарите и јавните личности одговараат на прашањата и барањата од новинарите и медиумите, а не обратно. Што ова значи практично? Партиите и нивните пи-ар сектори треба да градат образложение за секоја своја одлука која планираат да ја донесат. А, не како досега да градат план за алиби или стратегија за пренесување на одговорноста врз опонентите или други домашни или надворешни фактори. Брифинзите и различните извори за информирање се нормален и составен дел од секоја демократија, но не се единствениот. Потребно е да се покаже визија и лидерство, нешто што многу недостасува – вели Кордалов.
Тој нагласува дека нашите политичари треба да го следат примерот на однесувањето и начинот на кој германската канцеларка Ангела Меркел комуницира со своите сограѓани и медиумите во текот на целата пандемија предизвикана од коронавирусот, но и на многу други горливи теми.
– Како со зрели личности, организации и партнери во процесите. Меркел е 15 години на власт во Германија, а има победено во 4 изборни циклуса. Токму ова е резултат на градењето на правилен и зрел однос и комуникација на политичарите со јавноста – додава Кордалов.
The post Пробниот балон за новата влада пуштен преку медиумите, се издиша за еден ден appeared first on Слободен печат.
Пробниот балон за новата влада пуштен преку медиумите, се издиша за еден ден was first posted on јули 30, 2020 at 1:50 pm.