0.8 C
Скопје
23:02 - 18 декември, 2024

Преживеавме? Ајде назад на избори!

После првата најава – макар и со „половина уста“ – дека вирусната епидемија е (навистина?) ставена под контрола и дека на почетокот од мај може да се очекува попуштање на општонародниот карантин, очекувајте дека во Македонија се враќаме на омилената општествено-политичка тема: избори!

Како што стојат работите, за таа демократска вежба ќе се бара датум на крај од јуни, почеток од јули, бидејќи летнава сезона за одмори, ако воопшто ја има, ќе се „нагнети“ накај август… А и со техничкава влада, која доби мандат вон секоја претпоставка кога се формираше, сме на крај од нервите.

Тоа значи дека дневните здравствени билтени, околу кои два-три месеци се вртеше севкупната општествена драма во земјава, за неколку недели, ќе станат здодевни и дел од едно минато што најголем дел од граѓаните ќе сакаат да го потиснат од памтењето. Со неа ќе заминат во бледо сеќавање – да, да, нациите имаат необично кратко памтење за непријатните настани од својата блиска историја – и сите херои, од врвот на власта, до „обичните“ професионалци низ здравствениот систем кои покажаа (и сè уште покажуваат, во најголемиот дел!) необична компетентност и храброст не само на тешкиот предизвик да му погледаат „в очи“, туку во неизвесниот костец и да го победат… По цена којашто се чини општествено прифатлива, со оглед на многу полошите сценарија што можеа да се случат.

А веќе од мај, целата нација ќе се фрли во „прегратките“ на економската и социјалната, пост-епидемиска стварност во земјата. Таа стварност ќе биде компликувана, мачна и преполна со реални кукумјавки за ситуацијата во која се наоѓаме. Нема во тоа многу да помогнат споредбите со светот кој е во истата горчлива каша.

Не се прослави нашата опозиција за време на здравственава криза. Генерално земено, покажаа политичка, па дури и повремена човечка незрелост, „растргнати“ помеѓу потребата да „инкасираат“ барем некаков, невкусен, политички профит, наспроти успешната навигација на власта низ бурните и опасни здравствени вирусни „води“. Но, затоа сега им се отвора голема порта низ која ќе можат да поминат сите критики за реални и фантастични економски и социјални решенија што можеле, требале или морале да се направат. Со оглед на тоа што, во меѓувреме, и правно и политички се „испушија“ сите надежи за прилично скапите и детално подготвуваните скандали и афери што требаше да го донесат „пресвртот“ на претходно закажаниот изборен датум, сега во кампањското изборно „казино“ сè ќе се стави на економскиот и социјалниот сентимент на избирачите. Не е тоа карта за потценување.

Од друга страна, кога се трошење пари во прашање, секоја власт, во принцип, е во предност. Финансиските предизвици се огромни, исти какви што се и предизборните потенцијали за ветување и трошење пари. Сега и оправдувањата ќе звучат логично и легитимно. Прашање е само колку сегашнава “сметководителска“ екипа што „располага“ со таа иницијатива ќе знае што и како да прави. Не импресионираат премногу.

Конечно, деновиве погледав и некои последни меѓународни рејтинзи, споредба помеѓу февруарските и априлските поддршки во 36 европски земји, за време на ковид-кризата: речиси по правило, во триесетина земји (меѓу кои и Македонија) рејтинзите на власта се секаде во пораст. Ако тоа нешто воопшто значи во овие ненормални времиња.

Според тоа, кому повеќе му се брза на избори, на власта или на опозицијата?

И на едните и на другите. Разликата од неколку месеци меѓу вонредните и редовните избори сега веќе не игра никаква пресудна улога, сите се прилично исцрпени и на крајот од нервите, а на сите им се доаѓа што побрзо на (нова) власт. Иако наредните две-три години не ветуваат никакви гламурозни владејачки прерогативи.

Ама, власт си е власт, секако е подобро отколку да си во опозиција.

The post Преживеавме? Ајде назад на избори! appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....