Американскиот претседател Доналд Трамп има лошо мислење за сите луѓе што не се белци, се однесува како мафијаш и се грижи сами за себе и за ништо друго, тврди неговиот поранешен адвокат Мајкл Коен во книга што ја напишал во затвор.
Белата куќа ги отфрли сите тврдења од книгата „Нелојален: Мемоари“ од Коен, кого Трамп го нарекува „стаорец“ и го обвинува дека лаже.
– Коен е обесчестен криминалец и разрешен адвокат, кој лажеше пред Конгресот. Тој го изгуби сиот кредибилитет и не изненадува неговиот последен обид да профитира од лаги – соопшти Кајли Мекинани, прес-секретарката на Белата куќа.
Поради пандемијата на ковид-19, Коен во домашен притвор ја отслужува казната од три години затвор поради лажни изјави, затајување данок, но и поради незаконско финансирање на кампањата на Трамп во 2016 година. Своевремено, кога му беше адвокат на Трамп, тој тврдеше „дека би примил куршум“ за својот клиент, но во книгата тврди дека претседателот е подеднакво виновен за сите криминални дела поради кои е осуден на три години затвор. Својот поранешен шеф го нарекува „измамник, лажго, напасник, расист, предатор и криминалец“ и вели дека „има менталитет на мафијашки бос“.
– Во книгата го опишувам господинот Трамп како лидер на култ, а јас бев во тој култ. Па една од целите поради кои ја напишав книгата е порака од поранешен член на култот до оние што останаа. Отворете ги очите како мене. Треба да знаете дека Доналд Трамп не се грижи за никого и за ништо освен за себе – објаснува Коен.
Земји нужници
Низа американски медиуми објавија делови од книгата на Коен, која завчера се појави во книжарниците. Коен, на пример, тврди дека Трамп имал многу неповолно мислење за јужноафриканскиот претседател, нобеловец и долгогодишен борец против апартхејдот, Нелсон Мандела, кого не го сметал за лидер, пред сѐ зашто не бил белец.
– Кажете ми една земја раководена од црнец што не е нужник. Сите тие се целосни тоалети – рекол Трамп, според тврдењата на Коен.
На ова итно реагираше Фондацијата на Нелсон Мандела, која оцени дека „лидерите што се однесуваат на начин како што тоа го прави Трамп, не се во позиција да го коментираат животот и делото на Мадиба“.
Како уште поизразен пример на расизам, Коен ги истакнува зборовите на Трамп кога поминувале низ сиромашен кварт во Чикаго: „Само црнци би можеле да живеат вака“.
Трамп со години ги отфрла обвинувањата дека има изразени расистички ставови.
– Не сум расист. Јас сум најмалку расист од сите што сте ги интервјуирале – изјавувал Трамп пред репортерите. Обвинувањата за расизам, сепак негативно влијаат врз неговата кампања за реизбор.
Презир за Обама и за Хиспаноамериканците
Говорејќи за односот на претседателот кон својот претходник, Коен тврди дека Трамп чувствува само омраза и презир кон Барак Обама. Осудениот поранешен адвокат потсетува дека Трамп уште пред да се кандидира за претседател, снимил видеоспот како отпушта лик што треба да го претставува Обама. Спотот наводно бил направен за конвенцијата на Републиканската партија во 2012 година, кога Мит Ромни беше избран за противкандидат на Обама, но никогаш не бил пуштен на телевизија.
Трамп, според Коен, има и изразен супремацистички однос кон Хиспаноамериканците.
– Никогаш нема да ги добијам гласовите на Хиспаноамериканците. Како и црнците, тие се премногу глупави за да гласаат за Трамп. Тие не се мојот народ – рекол своевремено Трамп, според книгата на Коен.
Почнувајќи од кампањата во 2016 година, па сѐ до крајот на својот прв мандат, Трамп честопати беше критикуван дека ги навредува Латиноамериканците, особено Мексиканците.
Восхит за Путин
Претседателот, според Коен, не се воздржувал и од навредување на друга голема заедница во САД, од која, за разлика од Хиспаноамериканците, очекува да гласаат за него – за евангелистите.
Коен раскажува дека кога Трамп веднаш по победата на изборите се сретнал со група евангелистички лидери во „Трамп тауер“ во Њујорк, тој тивко прокоментирал: „Можете ли да поверувате дека луѓе веруваат во такви глупости?“. Потпретседателот Мајк Пенс е посветен евангелист, а и Трамп самиот тврди дека е голем верник.
Сосема поинакво е мислењето на Трамп за неговиот руски колега Владимир Путин, кому, според книгата на Коен, му се восхитува зашто „може да преземе цела нација и да ја води како лична компанија, всушност токму како Организацијата на Трамп“.
Коен, сепак, ги отфрла тврдењата дека Кремљ му ја водел кампањата на Трамп во 2016 година.
– Кампањата беше премногу хаотична и некомпетентна за да има каков било заговор со руската влада кога Трамп дојде на власт – наведува обесчестениот адвокат во книгата „Нелојален: Мемоари“.
Да се легне со порно-ѕвезда е „кул“
Адвокатот се осврнува и на улогата на Трамп во едно од делата за кое ја отслужува затворската казна. Како „човек за сѐ“ на Трамп, Коен ѝ платил 130.000 долари на старлетата Сторми Дениелс да молчи за својата афера со милионерот за да не му го наруши угледот спроти претседателските избори во 2016 година. Таа исплата беше посочена како нарушување на правилата за финансирање на кампањата. Коен упорно тврди дека ѝ платил на Сторми Дениелс по наредба од Трамп, но претседателот постојано го негира тоа. Коен пишува дека Трамп долго време размислувал каков ефект кон гласачите би имала приказната за неговата врска со старлетата.
– Се обложувам дека ќе мислат дека е „кул“ што сум спиел со порно-ѕвезда – наводно кажал Трамп.
Токму книгата го спаси Коен од враќање зад решетки. Тој накратко беше вратен во затвор, но федерален судија ја поништи мерката, оценувајќи ја како можна казна од владата за Коен поради пишувањето на книгата за Трамп.
Подготвил: Митко Билјаноски
The post Поранешниот адвокат Коен од затвор напиша книга за Трамп: Тој е „измамник и расист“ со „менталитет на мафијашки бос“ appeared first on Слободен печат.
Поранешниот адвокат Коен од затвор напиша книга за Трамп: Тој е „измамник и расист“ со „менталитет на мафијашки бос“ was first posted on септември 10, 2020 at 8:42 am.