5.8 C
Скопје
17:52 - 18 декември, 2024

Полудиктатури, вонредна состојба и полициски час- Како Балканот се бори против коронавирусот

Државите во светот се во војна со коронавирусот, за чие лечење, терапијата и вакцината сè уште се бараат. Владите во одредени балкански држави  користат  разни меетоди во борбата против ширењето на болеста, употребувајќи ги сите можни методи кои им се на располагање. Неретко се употребуваат и методи  со примеси на одреден вид  диктатура, која потсетува на некои дамнешни времиња.

Поголемиот дел од земјите во светот воведоа забрана за движење на населението и со кампањата ,,Остани дома”, или ,, Биди одговорен” се обидуваат да влијаат на луѓето, да не го шират вирусот.

Сепак владите на одредени држави низ примената на воведување на вонредна состојба и полициски час,всушност носат закони со кои сериозно се нарушуваат демократските придобивки и човековите права, констатираше Европската комисија.

Одбегнувајќи да ги  именува државите за кои се однесува оценката, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен оцени дека најважно во воведувањето на вонредните мерки е да не се на штета и да не се нарушат темелните начела и вредности кои се опфатени во договорите на ЕУ.

Од владеење со декрети, до воведување полициски час

Досега најостри критики беа упатувани кон Унгарија, чија влада преку донесување на сет мерки во борбата против коронавирусот, му даде одврзани раце на премиерот Виктор Орбан да донесува одлуки без согласност од унгарскиот парламент.Орбан сега практично во услови на светската пандемија, може да владее со декрети и да не мора да добива согласност од парлментот.. ЕУ изминативе години го критикува Орбан поради неговиот демократски дефицит, како и загрозувањето на медиумската слобода и гушење на независното судство. Владата на Орбан ја затвори границата за влез на странски државјани и воведе мерки за ограничено движење.

Унгарија со 9,7 милиони жители, досега според официјалните податоци, има 492 заразени и 16починати.

Во Србија се регистрирани 900 заболени и 23 починати, од кои 7 во последните 24 часа.Уште на самиот почеток на пандемијата беше  воведен полициски час, кој сега се заострува.

Владата на Ана Брнабиќ, воведе забраната за движење од 17 часот попладне до 5 часот наутро. Особено радикална мерка е воведена за време на викендите, кога полицискиот час ќе стапи на сила во 15 часот и ќе трае до 5 часот наутро.Први реагираа сопствениците на миленици кои ја оценија должината на забраната за движење како нехумана бидејќи нивните миленичиња  ќе мораат да се воздржат 16 часови и нема  да смеат да излегуваат надвор.

Незадоволен од постигнатите резултати во спречувањето на ширењето на  коронавирусот, претседателот Александар Вучиќ најавува дека доколку состојбата не се подобри во наредните две недели , ќе предложи со воведување на 24 часовен полицски час за граѓаните на Србија.

Вучиќ се пофали дека Србија има воведено најстроги мерки за ограничено движење во Европа и јавно се закани дека доколку граѓаните не ги почитуваат мерките на самоизолација, ќе воведе целодневен полициски час, со цел Србија да го избегне, како што посочи, италијанското сценарио.

Белградскиот центар за човекови права поднесе до Уставниот суд иницијатива за покренување на постапка за оценка на уставноста на Уредбата на мерките што се воведуваат  за време на вонредна состојба, како и Наредбите за ограничување и забраната за движење.

Црна Гора која последна регистрираше заболени и починати од коронавирусот, недоамна воведе забрана за движење во наредните две недели. Вонредните мерки на владата во Подгорица предвидуваат забрана за јавни собири што опфаќа и собирање во приватни живеалишта, куќи и затворени објекти.

Колку е сериозна намерата на Подгорица покажува и веста дека три лица за време на викендот ја  прекршиле мерката за забрана за превоз бидејќи се превезувале повеќе од две лица во патнички автомобил. Лицата се уапсени и одреден им е 30 дневен притвор.

Босна поделена и во однос на коронавирусот

Бројката на заразени лица од коронавирус во Босна и Херцеговина е зголемена на 418 регистрирани случаи и 12 починати, повеќето постари и лица со хронични болести.

Жариштето на епидемијата е регистрирано во Бања Лука каде се потврдени 150 инфицирани. Градските власти воведоа строги мерки на ограничување на движење и социјални контакти во периодот до 13 април. Мерките беа ублажени за пензионерите до 65 години кои до сега, не смееа да излезат од своите домови, а со новите мерки им се овозможува да смеат да излезат два пати неделно, но само за завршување на најнеопходните потреби.

Наспроти Република Српска, во БиХ федерацијата лицата со над 65 години и лицата под 18 години им е строго забрането да ги напуштаат своите домови. И покрај апелите и предупредувањата дека оваа мерка е неуставна и дека со неа се кршат основните човекови права, федералните власти засега ја применуваат оваа мерка, и предвидуваат големи казни за лицата кои нема да ја почитуваат.

Проблем е фактот дека властите во Сараево немаат обебзедено достава на храна ,лекови и подигнување на пензиите за лицата кои се во наметнат карантин, па луѓето се снаоѓаат како знаат и умеат.

Овие нелогичности се припишуваат на неединството на Босанскохерцеговската федерална влада во која претставниците на трите ентитети не можат да најдат заедничко решение за ниту едно прашање.

Како пример, може да се посочи одлуката на општинските власти во Сараево за забрана на собири на повеќе од 20 лица, поради што мораше да се откаже седницата на федералниот парламент кој брои стотина пратеници.

Коронавирусот ја урна косовската влада

Откако одби да воведе вонредна состојба во земјата поради коронавирусот , на владата на Албин Курти ѝ беше изгласана недоверба од страна на косовскиот парламент

Со ова, наместо да се насочи во борбата за запирање на ширењето на пандемијата Косово се соочи со сериозна политичка криза. Владата на Курти, падна на неполни два месеци откако дојде на власт и засега е нејасно како државата ќе функционира, бидејки вонредните избори нема да се одржат сè додека не заврши пандемијата на коронавирусот.

Победникот на изборите, партијата Самоопределување на Албин Курти го одби предлогот на  претседателот Хашим Тачи,да воведе вонредна состојба поради глобалната пандемија. Курти го обвини Тачи дека преку вонредната состојба сака да се затскрие од правдата, изјава која потоа му беше испорачана со изгласување на недоверба во Собранието.

Во Словенија воведена законска обврска за носење заштитни маски

Словенија досега регистрираше 802 заразени и 15 починати од коронавирусот.

Словенечката влада ги отфрла критиките за воведената мерка  за задолжителна употреба на заштитни маски за лице во затворени простории . Мерката беше донесена со цел да се намали опасноста од пренесување на вирусот меѓу луѓето кои се во непосредна близина.

Проблематичниот  закон на словенечката влада за задолжитлено носење на маски за лице, доби дополнителни критики откако Светската здравствена организација јавно апелираше до здравите лица да не носат заштитни маски туку маските да бидат наменети само за болни и инфицирани.

Помош за Западен Балкан

Владата на Северна Македонија донесе одлука за намалување на платите на министрите и премиерот како дел од 17 економски мерки усвоени за борба против епидемијата на коронавирусот. Одлуката предвидува премиерот и членовите на неговиот кабинет за наредниов месец да примаат минимална плата од 234 евра. Северна Македонија во почетокот на седмицата конечно стана и полноправна членка на НАТО, што беше во сенка, заради последиците  од коронавирусот.

Европската комисија одлучи дека на земјите од Западен Балкан ќе им додели 38 милиони евра помош за набавка на заштитна опрема, медицински уреди како би им помогнале во справувањето со коронавирусот.

Предвидено е Албанија и Северна Македонија да добијат 4 милиони евра, Босна и Херцеговина 7милиони евра, Црна Гора 3 милиони евра, Косово 5 милиони евра, а за Србија се превидени 15 милиони евра, помош од ЕК.

The post Полудиктатури, вонредна состојба и полициски час- Како Балканот се бори против коронавирусот appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....