-4.2 C
Скопје
04:58 - 24 ноември, 2024

Политички земјотрес: Сите да го бираат лидерот!

Некако премолчено и без големо внимание во јавната сфера во Македонија – во која, инаку, се „џвакаат“ бескрајни расправии за секакви ежедневни глупости – помина веста за одлуката за промена на партискиот Статут во владејачката СДСМ со којашто, во иднина, изборот на тамошниот претседател ќе се прави со општо гласање на целото партиско членство.

Медиумите информираа за тоа како да се работи за пуштање на уште една селска чешма.

Можеби некој смета дека е ова „внатрешна работа“ на една од партиите во државава што не ги засега другите? Или е веста толку ненадејна (иако благовремено најавена), збунувачка, па и необична за нашите сфаќања на султан-партискиот систем, што дозволивме да ни „прелета“ преку нашите глави како заталкана ластовичка која заборавила дека на есен треба да е на друга географска широчина?

Да се разбереме: за политичкиот систем во државата и за понатамошниот развој на овдешнава демократија, оваа одлука има епохално значење што не смее да се потцени. Таа е на трагата на почетокот на суштинските реформи за тоа кој и како владее со нашите политички партии, кои потоа владеат со сите нас.

Бидејќи, додека општеството е во перманентен триесетгодишен процес на општи реформи – спори и недоволно успешни, додуша, какви што сме самите ние – тие, партиите, останаа надвор од какви било суштински промени во комунистичките „комитетски“ методи на управување, високо централизирани и со различни облици на узурпации, од лидери избрани, често, со проблематичен легитимитет, на начин чија легалност се сведува на тоа кој прв ќе се дофати до фиоката во која се чува партискиот печат. Пречесто дебелината на вратовите на бодигардите играле поважна улога од конгресните делегати.

Да се разбереме уште нешто: ужасно е бирањето на лидерите на директни, општи – макар и внатрепартиски – избори! Но, подемократски начин сè уште никаде не е измислен.

Бидејќи, ваквите избори знаат на површина да ги извадат не најдобрите, туку најизвиканите кандидати; тие можат да бидат и внатрепартиски популисти од кои си патиме и на општата, вонпартиска политичка сцена; а и партиските „кујни“ нема да бидат помал фактор одошто се сега… Ќе се јават и безброј други проблеми, локализми, сепаратизми, догматизми, демагогии, фракционерства, клиентелизми и кариеризми… Можеби некој итарпејовски ќе се досети дека лидерот ќе се бира на општи внатрепартиски избори, но како единствен кандидат?!

Па, сепак, ако ништо друго, потешко е да наместите гласање на илјадници партиски членови, отколку да го контролирате патот на гласачките кутии што води низ темниот ходник од конгресната сала до просторијата на комисијата за верификација на гласовите. Познавам партии во кои и денеска, макар и на шега, важи поговорката: „Не е важно кој гласа, туку кој ги брои гласовите!“

Затоа е овој потег на Зоран Заев – да, де, негов е! – уште една крупна политичка иницијатива по која ќе биде запаметен во историјата на македонскиот политички систем. И откако ќе заборавиме кој денеска го мразел, а кој го сакал. Бидејќи македонските демократски партиски хронологии ќе се делат на периодот пред и по оваа суштинска партиска реформа во СДСМ.

Таа „преродбеничка“ шанса ја имаше Христијан Мицкоски во ВМРО-ДПМНЕ неколку месеци, а можеби и три години пред Заев. Како и за многу други нешта, и со таа можност се размина. Но, да, и тој ќе биде запаметен, во малите букви на фуснотите во македонската политичка историја.

The post Политички земјотрес: Сите да го бираат лидерот! appeared first on Слободен печат.


Политички земјотрес: Сите да го бираат лидерот! was first posted on октомври 28, 2020 at 9:36 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....