18.8 C
Скопје
11:48 - 2 мај, 2024

Полесно е да се мине низ иглени уши отколку да се формира партија

Граѓански движења, иницијативи и здруженија кои периодов се обидуваат да ги соберат потребните 1.000 потписи за да регистрираат политичка партија и да учествуваат на предвремените парламентарни избори на 12 април, се жалат дека пропишаните услови тешко се исполнуваат или дека им се прават опструкции на терен. Услов за запишување во судскиот регистар на политичките партии е барателот да достави потписи од 1.000 основачи и оригинали или фотокопии од уверенија за државјанства за секој основач, заверени на нотар.

Според познавачите, овие услови се тешки, практично и невозможни за исполнување, а намерно се така поставени за да се обесхрабри формирањето на нови партии кои би им зеле дел од изборниот колач на големите партии. Тие коментираат и дека голем дел од малите партии кои опстојуваат со години на политичката сцена, а немаат ефект на политичкиот живот, се само сателити на големите партии кои и ги одржуваат во живот и им ги собираат потребните 1.000 потписи на секои 4 години за пререгистрација во судот, само за да се создава привид дека во земјава има многу политички избор.

 

„Твоја партија“ ќе ги собере потписите

 

Адвокатот Александар Тортевски, кој повеќе месеци наназад собира потписи за основање на граѓанската „Твоја партија“, вели дека процесот бил тежок, но ќе успеат.

– При крај сме и мислам дека ќе успееме да поднесеме листа и да учествуваме на овие избори како политичка партија и покрај тешките административни бариери. Во МВР имаат повеќе разбирање од оној што го пишувал Законот за формирање на политички партии, па ни издаваа групно и по 100 уверенија за државјанства наеднаш. Уверенијата за државјанство се покажаа како најголем проблем во процесот на собирање на потписите, иако овој услов нема никаква основа, затоа што личната карта и матичниот број се доволен доказ за нечие државјанство. Дополнително, од судот каде што се врши регистрацијата се бара документот за државјанство да не е постар од шест месеци. Зошто, кога тоа треба да е траен документ, како изводите за родени и умрени? Изговорот им е дека можеби некој во меѓувреме побарал отпис од државјанството. Тој услов многу ја комплицира постапката, ги демотивира луѓето, се губи време, се губат нерви. Се случува во документите да има грешки, па пак се губи време на корекции итн. – вели адвокатот Тортевски за „Слободен печат“.

Тој не се согласува со тврдењата дека бројката од 1.000 потписи за основање на партија не е мала, односно дека оние што сакаат да формираат партија не го заслужуваат тоа ако не се кадарни да соберат 1.000 поддржувачи на почетокот.

– Во Словенија има праг од 100 основачи, а во Хрватска 200. Во Британија се доволни само пет потписи потврдени од судија за да се формира партија. Но, јас не сум за толку ниски прагови, сепак не може секој кому ќе му текне да си формира партија и да настапува на избори. Примерот со Словенија или Хрватска е тој што треба да го следиме, 200 потписи даваат сосема добар легитимитет да се основа партија – вели Тортевски.

Од Иницијативниот одбор на „Родина“ кои исто така во изминативе месеци собираат потписи за формирање на партија, освен сложената бирократија како проблем ја посочуваат и апатијата на граѓаните. И тие потврдуваат дека МВР им излегува во пресрет и брзо и групно им ги издава државјанствата, но се жалат дека нотарите им прават опструкции.

– На нашите поддржувачи им се случува во нотарските канцеларии да им речат дека немаат изјави. Или пак, ги тераат да потпишат под материјално-кривична одговорност дека во последните две години не биле основачи на некоја друга партија, а не успеавме во ниеден закон да го пронајдеме тој услов. Со тие постапки ги одвраќаат нашите поддржувачи и затоа е многу тешко да се соберат потребните 1.000 потписи – велат од Иницијативниот одбор на „Родина“.

 

Спротивно на Уставот

 

Учество на изборите, но не како нова политичка партија, туку со независна листа најавува и Петар Богојески од иницијативата „Македонски концепт“, според кој „партиите се здодевни, а сега е време за граѓаните“.

– Доста ни е од партии, доста ни е од полувоени формации, време е самите граѓани да ја носат демократијата. Ние на изборите ќе настапиме со граѓански листи, ќе понудиме индивидуален интегритет на пратеникот – вели Богојески.

Според Изборниот законик, право да поднесат листа на кандидати за пратеници имаат политичките партии самостојно или во коалиција и група избирачи. Кога подносител е група избирачи листата за секоја изборна единица треба да биде поддржана со по 1.000 потписи кои се собираат во канцелариите на ДИК и кај нотарите, што значи дека ако некоја иницијатива сака да учествува во сите шест изборни единици, ќе и требаат 6.000 потписи.

– Свесни сме дека се потребни многу потписи и дека овој начин за учество на изборите преку граѓански листи е многу потежок од формирањето на политичка партија. Но, нашата цел е граѓански активизам и будност на нацијата – вели Богојески.

Според роковникот на ДИК за претстојните избори, рокот за собирање на потписи за независните листи на пратеници почнува на 26 февруари, а завршува на 6 март на полноќ. Граѓаните можат да се потпишуваат за поддршка на повеќе листи. Крајниот рок за поднесување на кандидатските листи е 12 март.

Инаку, Уставниот суд во 2016 година ја отфрли иницијативата на движењето за социјална правда „Ленка“, која бараше да се укине условот во судскиот регистар на партии да се доставуваат и оригинали или заверени фотокопии од уверенија за државјанство. Тогаш судијата Сали Мурати даде издвоено мислење дека „оспорената законска одредба го попречува и го ограничува развојот на политичкиот плурализам, односно егзистирањето на мноштвото политички опции, го попречува и го ограничува слободното здружување на граѓаните заради остварување политички цели во рамките на политичките партии, од каде што истата не е во согласност со членовите 2, 8 став 1 алинеи 3 и 5 и 20 од Уставот“.

The post Полесно е да се мине низ иглени уши отколку да се формира партија appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....