21:53 - 22 декември, 2024

Парацетамолот не е канцероген, но често се злоупотребува

Температурата е еден од најчестите симптоми во детската возраст, особено во периодот на грип во кој се наоѓаме сега. Лекарите уверуваат дека температурата не треба да биде баук од кој ќе се плашат родителите, бидејќи таа е одбранбен физиолошки механизам и претставува имунолошки одговор на организмот на предизвикувач (вирус, бактерија или друг микроорганизам). Родителите исплашени од температурата често знаат да ги злоупотребуваат лекови за нејзино намалување (антиоиретици) и да ги даваат кога нема потреба или превентивно, со што го одложуваат излекувањето и го зголемуваат токсичното дејство на оваа терапија.

Микроорганизмите предизвикуваат излачување на субстанци таканаречени пирогени кои доведуваат до покачување на температурата. Микроорганизмите не можат да живеат на висока температура и побрзо се уништуваат.

– При покачена температура се засилуваат и имунолошките процеси во организмот. Лимфоцитите и неутрофилите побрзо се активираат и го уништуваат микроорганизмот што резултира во побрзо оздравување. Интерферонот кој го лачат клетките и има антивирусен ефект го зголемува своето дејство на висока температура (40 степени). Температура над 38 е пожелна за побрзо оздравување и не треба да се третира. И повисока температура доколку не ја нарушува состојбата на детето не треба да се третира. Температурата треба да се третира тогаш кога доведува до пореметен дисконфорд на детето – објаснува д-р Катерина Ставриќ.

Превентивно не треба да се дава парацетамол. И при примање на вакцина, доколку детето покачи температура над 38.5 тогаш се дава парацетамол.

– И при вакцинацијата покачената температура има корисно дејство во создавање на имун одговор од вакцината. Секој организам индивидуално реагира. Но парацетамол може да се даде доколку детето има болка и е вознемирено, иако нема температура – објаснува д-р Ставриќ.

Температурата да се симнува со терапија на природна база

Нефармаколошки методи за борба со температурата треба да се користат како што се зголемен внес на течности, ладење и проветрување на просторијата, лесна облека, бањање со нормална температура на водата како што се бања и кога е здраво, ладни влажни облоги на телото.

Не се препорачува мачкање со алкохол затоа што алкохолот е силен за нежната кожа и со оглед на големата површина може да се ресорбира и да доведе до труење. Исто не се препорачува бањање со ладна вода.

– Треба да се следат упатствата за дозите на антипиретици кои се даваат и не треба да се злоупотребуваат со наизменично давање на парацетамол и ибупрофен. Во такви случаеви може да се пречекори дневната доза, но и да се зголеми нивниот токсичниот ефект – вели нашата соговорничка.

Нема научни докази дека парацетамолот е канцероген

Во поглед на поврзаноста на парацетамол со канцерот, тешко е да се извлече таков заклучок. Нема јасни научни докази кои ја потврдуваат оваа поврзаност. Сепак не треба да се злоупотребуваат антипиретиците во детската возраст и треба да се користат навистина кога има потреба и да не се надмине препорачаната доза – вели д-р Ставриќ.

Од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) ги демантираат објавите по некои медиуми дека парацетамолот е ставен на листа на канцерогени супстанции.

„Согласно официјалните податоци објавени на веб страните на регулаторните тела во САД (ФДА) и Европа (ЕМА) нема податоци кои укажуваат дека лекот парацетамол е ставен на листа на канцерогени супстанции. Агенцијата за лекови и медицински средства заедно со носителите на одобрение за ставање на лек во промет го следи безбедносниот профил на секој регистриран лек во РСМ и доколку има промена во истиот навремено ќе ја извести јавноста“, објаснуваат од Агенцијата.

 

The post Парацетамолот не е канцероген, но често се злоупотребува appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....