3.8 C
Скопје
20:04 - 27 декември, 2024

Општините во „ќор-сокак“ со хаварисаните возила, немаат депо ниту надлежности

Неколку стотици хаварисани возила се оставени и заборавени по тротоарите и паркиралиштата низ Скопје. Само на територијата на Општина Центар, според евиденцијата на ЈП „ПОЦ“ има 236 вакви автомобили, во Карпош 100, во Аеродром 75, а слична е состојбата и во другите општини.

Проблемот кој општините го имаат со хаварисаните возила е стар со години и досега се покажа нерешлив. Општините се со „врзани раце“ затоа што законите не им овозможуваат целосна ингеренција за да можат да интервенираат, но проблем е и фактот дека во Скопје нема соодветна локација каде што можат да се носат ваквите автомобили. Во меѓувреме, сопствениците на старите возила, кои одамна ја изгубиле својата функција, но и на нерегистрираните, воопшто немаат грижа дека со својата неодговорност го нагрдуваат јавниот простор во градот и непотребно заземаат простор за паркирање.

– До крајот на минатата година во Општината Ѓорче Петров беа направени неколку акции за отстранување на хаварисани возила. Од јавните површини беа отстранети 40-ина хаварисани возила откако им беа залепени налепници со опомена. Сопствениците сами го отстранија возилата, без потреба да биде повикана пајак-службата од ЈП „Градски паркинг“, со кое Општината Ѓорче Петров има склучено договор за подигање на хаварисани возила. Деновиве во соработка со МВР, повторно ќе се организира акција за отстранување на новооставените хаварисани возила, кои по наша проценка се околу 5 до 10 – вели Златко Бојаџиев, раководител на Одделението за инспекциски работи во Општина Ѓорче Петров.

Бојаџиев објаснува дека од страна на Град Скопје се утврдува постапката со која ќе се регулира висината на казната и надоместокот за лежарина за подигнато и оставено возило на одреден плац, но и дека се бара законско решение што да се прави со возилата што сопствениците нема да ги подигнат по 30-тиот ден од депонирањето на возилото.

Општинските инспектори можат само да опоменуваат

И останатите општини немаат простор каде би се дислоцирале ваквите автомобили и очекуваат тоа да се реши на ниво на Град Скопје. Нивните комунални редари можат само да ги опоменуваат сопствениците и да се надеваат дека тие самите ќе ги отстранат хаварисаните возила.

– Општината нема јавен простор на кој може да ги носи овие автомобили. Нашата обврска и активност која досега ја практикувавме преку нашите комунални редари, е доколку забележиме хаварисано возило или пак со пријава од граѓанин во некоја урбана заедница инспекторите, најпрво да проверуваат дали станува збор за хаварисано возило, а потоа комуналните редари на возилото лепат специјални налепници. Со тоа сопствениците на старите автомобили се предупредени дека мора да ги отстранат овие возила – велат од Карпош.

Општинските инспектори немаат право дури ни да пишуваат казни, законот тоа не им го дозволува.

– Во минатото, Законот за јавна чистота во член 14 дозволувал санкционирање на сопственици кои своите хаварисани возила и приколки ги оставиле на јавна површина. Меѓутоа, со измените во Законот и со отстранување на членот, комуналните инспектори на општините, немаат повеќе ингеренции за санкционирање и изрекување казна за сопствениците – објаснуваат од Општина Центар.

Старите возила нема да се складираат во Драчево

Од Град Скопје велат дека проблемот со хаварисаните возила не е во нивна надлежност. Сепак, градоначалникот Петре Шилегов на последната седница на градскиот Совет предложи да се усвои одлука за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и десетте скопски општини за отстранување на напуштени, хаварисани и нерегистрирани моторни и други возила од јавните површини.

Во предлогот стоеше дека Градот се согласува „пајаците“ на ЈП „Градски паркинг“ да се користат за отстранување на напуштените возила во сите општини, освен во Центар каде оваа услуга би ја извршувало ЈП „ПОЦ“. Притоа се предлагаше возилата што ќе бидат отстранети од јавните површини да бидат времено депонирани на одредена локација во Драчево.

Одлуката не беше усвоена по двочасовно жестокото противење на советниците од опозицијата, кои сметаа дека создавањето на голема депонија од хаварисани возила, сериозно ќе ја наруши животната средина и квалитетот на живот на жителите на Драчево и на Батинци.

Сето ова значи, дека проблемот со старите нефункционални возила заборавени по јавните површини продолжува и е оставен, пред сѐ, на свеста на нивните сопственици, кои доколку сакаат можат да ги однесат во отпадите за старо железо. Сѐ дотогаш, додека надлежните не изнајдат решение кое ќе биде во полза на сите.

Центар: Возилата бесплатно на отпад и пари за откуп

Иако моменталните законски прописи не дозволуваат голем простор за справување со проблемот со хаварисани и нерегистрирани возила оставени по паркиралиштата и другите јавни површини, Општина Центар и ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ подготвуваат акција за отстранување на хаварисани возила, која наскоро ќе започне со реализација.

– Со цел да го исчистиме Центар од отпад и да ја заштитиме животната средина во која сите ние живееме, на граѓаните ќе им понудиме бесплатно отстранување на нивните хаварисани возила, кои ќе ги однесеме до најблискиот отпад и за нив ќе добијат средства за нивен откуп. Тие средства ќе бидат префрлени директно на трансакциска сметка на сопственикот на хаварисаното возило – објаснуваат од Општина Центар.

The post Општините во „ќор-сокак“ со хаварисаните возила, немаат депо ниту надлежности appeared first on Слободен печат.


Општините во „ќор-сокак“ со хаварисаните возила, немаат депо ниту надлежности was first posted on октомври 7, 2020 at 12:32 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....