13.8 C
Скопје
15:51 - 18 декември, 2024

Офелија Гаџевска Садек од Каиро: Египет има врвни доктори, но сестри на ниво на домашни помошнички

Поранешната дописничка, на македонската јавност позната и како поранешна пејачка, стјуардеса и професорка, Офелија Гаџеска Садек, 25 години живее во Каиро со нејзиното семејство. Ја прашуваме како се живее овие денови во Египет, што се случува таму, дали и таму, во оваа топла земја, е проширен коронавирусот.

Каква е ситуацијата со корнавирусот во Египет?

– 1.560 заразени, 150 починати и 300 излезени е билансот до денес, 9-ти април, во оваа сто милионска држава, како е можно само толку малку заразени?! Египетскиот претседател изјави дека сè е под контрола, под големи наводници, а тоа што е под контрола е многу нејасно. Инаку, двајца милијардери, Егиќпани, починаа –  Мансур Ел Гамал на 70 годишна возраст без некои претходни болести, еден од најголемите бизнисмени во Египет и, еден голем бизнисмен од фамилијата на поранешниот претседател Мубарак. Сопственикот на најголемата приватна банка е во изолација бидејќи неговата сестра почина од корнавирус. Египет има феноменални доктори, странски, кои се обучени на најголемо светско ниво и практикуваат медицина по најнови светски стандарди, меѓутоа за жал, болниците и медицинскиот персонал кој што работи во болниците, освен докторите, е на најниско ниво. Ако може да се спореди, сестрите се на ниво на домашни помошнички, а нивната плата е помалку од сто евра. Во оваа земја мнозинството едвај преживува, а храната овие денови е многу скапа. За месец март, без разлика дали станува збор за приватни мали фирми, компании или државен сектор, платите на сите се исплатени. Претседателот им вети на оние 30 до 40 милиони надничари кои бараат работа дека ќе добијат по 25 евра и луѓето поитаа кон банките, но претседателот не кажа кога тоа ќе биде. Месо нема во побогатиот дел на градот, парацетамол нема.

Офелија со сопругот кој работи како пилот

Брзо ли реагираше власта откако се појави првиот случај?

Првиот случај беше регистриран на 14 февруари. Египет реагираше многу побрзо од Обединетото кралство и Америка, преземајќи мерки во здравството и образованието со затворање на уличишта, факултети, молови, кафулиња, продавници.., но државата не се затвори комплетно зашто претседателот вели дека тоа не би можело да се издржи. Затоа, на работните места се прават ротации, мајките кои имаат деца се дома, и тоа е позитивно што се случува. Ги гледам македонските телевизии оттука, навистина не сте свесни колку навреме и добро се реагираше во Македонија.

Откажани се и големите настани кои се најавуваа?

– Оваа 2020 година требаше да биде многу просперитетна во туризмот, а еден од најголемите настани требаше да биде отворањето на новиот гламурозен музеј со сите оние безвременски статуи од стариот Египет. Тоа требаше да биде светски настан за кој се потрошија многу пари, а беше и организирано да се доведат најпознатите луѓе во светот. Се одложи за следната година. Исто така, се одложија работите на мегакапиталните проекти на новата престолнина која би требала да личи на Дубаи. Интересно е што 30 проценти од економијата на Египет е во рацете на војската, тоа значи дека војската во своја сопственост има фабрики за храна, маски, војската прави патишта…,нивните врски се замешани во секоја индустрија и имаат потполна контрола.

Модерната движечка сила станаа жените кои чистат по домови и кои заработуваат 1.000 денари на ден, а со тие пари можат добро два- три дена да ја хранат фамилијата.

Египетската влада доби женско засилување, колку жени добија министерски места? 

– Шест жени министерки пред извесно време влегоа во кабинетот на претседателот. Станува збор за жени змејови, многу образувани, со одлично познавање на јазици, многу способни жени. Ги водат најважните сектори, меѓу кои и здравството. Претседателот пак, веќе си  подготви основа за владеење до 2030 година. Со овие шест жени веќе има доволно гласови од сите жени во Египет, како и од христијаните. Сепак, ова е контрадикција, зашто во исламот секоја жена е пола маж, така барем се караат мажите кога немаат аргумент пред жените.

Претстојат празниците, Рамадан е важен семеен празник за муслиманите. Дали се откажани и џамиите? 

-Според одлуката на Имамот забрането е одење во џамии, исто така за нашиот Велигден нема собирање по цркви, забранети се домани собирања. Сега на социјалните мрежи се случува една неформална економија, народот ја покажува солидарноста во овие тешки времиња, посебно кога се објави дека за рамаданските постови не може да се вика целата фамилија дома. Според Куранот, пак, вака би ви објаснила, зашто тешко е да се објасни – два ипол проценти од приходите, рентата, златото и тн, и билошто поседувате повеќе од една година, тие пари треба да се дадат на луѓе на коишто им требаат, а во вакви моменти – веднаш да се дадат. И ова добродетелство треба да се прави со љубов и искреност. Па, затоа луѓето се здружуваат на социјалните мрежи да даваат од своите пари, плати од сè што се има. Нашите милијардери пак, исто како секаде во светот, даваат пари за болниците, купуваат вентилатори, заштитна облека за докторите.

Можеби коронавирусот ќе ја однесе целата оваа негативна енергија насекаде во светот и на крај љубовта и доброто на сите нас треба да излезе на виделина и многу лекции сигурно ќе се научат од ова што се случува.

 

The post Офелија Гаџевска Садек од Каиро: Египет има врвни доктори, но сестри на ниво на домашни помошнички appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....