13.8 C
Скопје
14:25 - 18 декември, 2024

Никој нема да се спаси, додека сите не се спасиме

Ако ме држи добро памтењето – а попушта драматично последниве години! – Аристотел природата на пријателствата ја делеше на неколку различни видови, како оние кои се потпираат врз уживање или врз некаква потреба (утилитарни), но за оние кои се втемелени врз чистата доблест (пријателства заради пријателствување, без никаков друг интерес) велеше дека се „над законот“. Односно, дека само на вистинските пријатели, оние што взаемно си ги препознаваат моралните добрини, закон не им е потребен за да си ги уредат меѓусебните односи. Нешто како „зборот е збор“, и тоа важи меѓу доблесни пријатели повеќе отколку да е потпишано на хартија.

Пријателите немаат потреба од правда, а на справедливите сè уште им требаат пријатели – велеше Аристотел (велам, по памтење). Законот, всушност, и е измислен за да го уреди „просторот“ – огромниот „простор“ – во односите меѓу луѓето каде не владеат пријателства. Бидејќи пријателствата, сами по себе, се негуваат за да се шири добро; другото е во доменот на законот кој во секоја различна култура го нормира, инаку, апстрактниот концепт за „правда“. Деликатна е таа граница.

Се извинувам за ова мало „тегавење“, ама се обидувам „од околу“ да стигнам до следнава поента: кризите, поединечните или колективните, го вадат најдоброто и најлошото од луѓето. Бидејќи во кризи емоцијата на стравот го „надвишува“ рациото –  можеби дури, ако ја тенчиме до крај по Аристотел, и меѓу „вистинските пријатели“. „Прво жени и деца“ за многумина беше тенката граница меѓу животот и смртта во паниката на „Титаник“, пропис што го нема во законите, но го има во моралните општествени норми. Бидејќи само тие што ќе преживеат – што би рекол (а не рекол) Хобс во неговиот концепт на „војна на секој против секого“ – ќе можат да раскажуваат.

Во целата оваа корона-криза, полека, но сигурно, и македонското општество, како и многу други подобро организирани и поефикасно нормирани општества во светот, се приближуваат до состојбата стравот да ни го надвладее рациото во односот кон другите луѓе. Како што дневно растат лошите вести (а кај нас, за жал, не сме ни блиску до врвот на таа вишна „планина“), така многу луѓе стануваат сè понервозни и понетрпеливи: на пример, на оние кои се заразиле, особено на хистеријата на фејсбук каде се суди „по куса постапка“, се гледа како на „морални отпадници“ виновни за понатамошно ширење на епидемијата, небаре тие доброволно или со зла намера го „закачиле“ вирусот; или, на постарите сограѓани се гледа како на „однапред осудени“ да бидат „потрошени“ во трагичната статистика на смртноста од вирусов; а само е прашање на ден кога ќе го извадиме најлошото од нас доколку некое малцинство, кое и да е тоа, можеби ќе ја има таа несреќа да биде посебно погодено од ширењето на вирусов – памтите, тоа го преживеаја „педерите“ во првите години од ширењето на СИДА-та…

Затоа е обврската на власта – и на масовните медиуми, молам! – многу голема, во неопходноста од „ширењето“ на потребата за општата внимателност со вирусов, не сакајќи да не подлегнеме на „ширењето“ на стравот што оди заедно со него.

Мерката мора да се задржи, за од деликатните морални мудрувања на Аристотел сосема да не се изгубиме, „како гуски во магла“, во општествените теории на Хобс.

Ова е момент кога треба повеќе, а не помалку да се грижиме едни за други.

The post Никој нема да се спаси, додека сите не се спасиме appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....