-3.2 C
Скопје
23:37 - 22 декември, 2024

Никој не одговара за украдените години во пензискиот стаж

Да се направи дупка во нечиј пензиски стаж е исто како да му се оди дома и да му се украдат пари на осигуреникот од паричникот. Разлика нема. Ова значи дека се одземале пари некому што со години ги одвојувал од својата уста за да може да егзистира кога ќе отиде во пензија и дека се потрошиле за нешто друго.

Државниот завод за ревизија утврди дека на 4.210 граѓани кои исполнувале услови за пензија, на денот на ревизијата им недостигал пензиски стаж. Според ревизорот, оваа бројка има тенденција и да се зголемува.

Искуствата од нашето опкружување се дека бројката ептен ќе се зголемува. Речиси секој познава некого кој се пожалил дека му недостигаат во евиденцијата една, две или повеќе одработени години во стажот.

Овој проблем не е отсега, туку уште од осамостојувањето на Македонија. Една огромна неодговорност за која нема оправдување, а барем досега не била ни казнувана.

Периодот на приватизација значеше крај за многу фирми, а истовремено донесе и многу „загубен стаж“ на работниците. Фирмите одеа под стечај или беа ликвидирани, а стажот на работниците остана недефиниран. Се дозволи тоа да се прави аматерски, каубојски, фушерајски, без потребната целосна документација. Во овој кош се најдоа различни приказни. На едни работници стажот им недостига(ше) затоа што биле измамени, односно работодавачот не им плаќал придонеси. На други – стажот им е плаќан, но уредно не е доставувана документацијата. На трети, ем уредно им е плаќано, ем редовно се носела документацијата, но никаде нема доказ за тоа?!

За да се стави крај на манипулациите со пензискиот стаж, но и со неговото документирање, од 1 јануари 2009 година почна да функционира концептот „бруто-плата“, што значи дека работодавачот не може да исплати плата ако преку Управата за јавни приходи таа не помине со уплатен пензиски и здравствен придонес. Иронично, но вистинито – повторно се појавија проблеми! За 12.103 граѓани се префрлал пензискиот придонес во Фондот за ПИОМ, но оттаму не се префрлил делот што законски требало да се префрли во вториот пензиски фонд, затоа што овие граѓани не биле распределени во ниту едно приватно пензиско друштво. И сите што го знаеле тоа во Фондот си молчеле, а парите на овие вработени незаконски се трошеле. Ова траело 10 години, а аферата лани јавно ја обелодени тогашната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска, која поднесе тужба против непознат сторител за несовесно вршење на својата должност.

Во меѓувреме во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се случува ерата на дигитализација на пензискиот стаж. Почна во 2011 година и досега се дигитализирани 38 отсто од податоците, што од државниот ревизор е оценето како недоволно. Но, и тоа што ќе се дигитализира е непотполно. На пример, Државниот завод за ревизија констатира дека „за периодот од 1992 до 1996 година Фондот не располага со архивирани документи за доставените т.н. М-пријави, со што е оневозможено потврдување на внесениот стаж и основицата за платен придонес“.

Очигледно, многу години поминале без дисциплина и сериозен менаџмент во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, но и во сите институции што требало да го „хранат“ со податоци. Очигледно немало ни добра законска регулатива што ќе наложи процесот да тече нормално, во функција на идните пензионери.

За ова досега никој не одговарал, а треба да одговара, иако секој еден што ќе „брцне во туѓиот џеб“ треба да биде казнет.

The post Никој не одговара за украдените години во пензискиот стаж appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....