2.8 C
Скопје
19:39 - 18 декември, 2024

Неподнослива леснотија на банкарите

„Банките не може да се солидаризираат, тие си се акционерско друштво и најголем дел од нив се дел од некоја странска групација. Ниту во еден момент кога Владата преговараше за мораториум со банките не стана збор за каматите. Тие се подразбираат. Тие се цена на парите. Ако отидете на бензиска пумпа, никој нема да ви даде бензин без пари. Одеднаш, кога се појави првата понуда од банките, се појави и хистеријата за каматите“.

Ова се зборовите на претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова Штериева, во врска со, како што рече „хистеријата“ за каматите. Но, Штериева многу работи пропушти да каже и сакаше да ја направи целата јавност со кратко паметење.

На пример, пропушти да каже дека минатата година за добро остварениот профит во 2018 година, од 29,4 милиони евра, на тројцата членови на Управниот одбор на една банка им се исплатени 876.400 евра (и со букви, како што пишуваат банкарите, осумстотини седумдесет и шест илјади и четиристотини евра), и тоа за плати, плати од деловна успешност, новогодишен надоместок и менаџерско осигурување, а во сумата се вклучени и стручното усовршување и систематските прегледи (како што тогаш соопшти Банката). Банките се направени со пари од граѓани и од фирмите. Ниту Штериева, ниту некој друг, донесе пари од дедо му, ниту пак ја измисли струјата или пеницилинот, за да сега зборува за акционерство, капитал, несолидарност…

Штериева рече дека и тие мора да наплаќат камата, затоа што и тие за вложените пари од фирмите и граѓаните наплатуват камата. Но заборави да каже колкава е разликата во таа камата. Податоците на Народната банка кажуваат дека просечната каматна стапка на вкупните кредити на домаќинствата во февруари била 5,67 проценти, а просечната камата за нивните пари вложени во банките била 1,15 проценти. Без да ги каже овие бројки, Штериева рече дека оние што ќе забележат дека има разлика во каматите, треба да знаат дека од тие пари се плаќа функционирањето на банките, нивно одржување, сметките за вода, струја,  за плати на вработените… Но, кој им даде за право на банкарите да имаат толкави плати, најскапи автомобили, најлуксузни згради, да делат речиси 900 илјади евра како награда на тројца луѓе. Дали тоа право им го дале депонентите чии пари тие ги менаџираат? Не! Очигледно и државната регулатива направи од нив галеничиња (веројатно пак од интерес), па со туѓи пари сега држат лекции и во вонредна состојба не сакаат да слушнат за солидаризирање (читај: кратење од нивните трошоци).

Бројките пак кажуват дека банкарскиот сектор е преполн со добивки. Вкупната добивка за мината година била 114 милиони евра. Навистина, има и банки кои лани направиле загуба. За нив секако треба да се најде решение. Но, вкупно земено, систем кој има добивка од 114 милиони евра да стави во џеб уште 80 милиони евра од граѓаните затоа што нема да им наплатува рати за шест месеци е повеќе од безобразно.

Ако е вонредна состојба за народот, ако компании се ставени под клуч со декрет на Влада, ако е ограничено основното човечко право – правото на движење, како тоа банкарите (не банките) сакаат да останат нечепнати?! Нивното објаснување е дека за овие шест месеци се проценува дека тие нема да наплатат рати во износ од една милијарда евра. Да, ќе признам дека регулативата и банкарите завршиле добра работа што имаме таков банкарски ситем што може да си дозволи да биде стабилен и нормално да ги извршува обврските кон депонентите, а притоа да не наплати една милијарда евра. Ама да се убедуваат граѓаните дека ова може да се направи токму поради големите добивки што ги остваруваат е бесрамно, затоа што од сите тие добивки една група лихвари заработи за 100 животи.

Се согласувам донекаде дека е точно и она – никој никого не тера да земе кредит! Но, за жал, живееме во општество на таков агресивен маркетинг каде што парите на банките тропаат на секој прозорец, каде техниката секој ден исфрла нови производи, каде авионските компании се полесно го поврзуваат светот, каде патувањата на разни дестинации се сè подостапни, но во исто време живееме и со просечни плати кои сите овие задоволства ни оддалеку не може да ги покријат. Ова е време како создадено за банкарите. Но мора некој да им застане на патот. Да им одржи лекција за тоа колкава цена на парите може да наплатуваат, за тоа колкави провизии и трошоци смеат да пресметуваат, и на крајот – ако е вонредна состојба, да е вонредна и за нив.

The post Неподнослива леснотија на банкарите appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....