5.8 C
Скопје
16:16 - 22 декември, 2024

Не се грижете, од старост ќе си умрете

Значи, да се дообјасниме: бидејќи се работи за чичка-нов вирус во светот, за кој немало претходни епидемии, па нема ни население што го прележало и станало имуно; а немало ни измислена вакцина за да се имунизира населението однапред, овој корона вирус се шири многу побрзо и пошироко од познатите (и поопасни од него) вируси на кои сме навикнати и ги третираме како сезонски непријатности кои се дел од сите светски здравствени системи.

Според некои стручни проценки (ги слушам вечерва на Би-Би-Си), ако „просечниот“ заразен сооднос на „обичниот“ грип за ширење е 1:1,5 (значи, еден заразен може да зарази уште еден-двајца покрај себе), овој корона вирус, во оваа почетна фаза, има рацио од 1:4-5 (значи, еден заразен може да го пренесе вирусот на уште 4-5 души со кои доаѓа во контакт) – и, потоа, со таа геометриска, експлозивна прогресија епидемијата се шири понатаму, бидејќи секој нов заразен го шири на уште 4-5 незаразени, па сите тие уште на 4-5… Така ќе експандира додека не се постигне одреден статистички врв, кога огромен процент од заразените (како опаѓа староста, и над 98-99%) не го прележат вирусот без посериозни последици (често и „од нога“), а со тоа да станат имуни на натамошна зараза и ширење на вирусот. Ако, во меѓувреме, не измислат и вакцина за негово уште побрзо сузбивање.

Тој врв на заразата е уште далеку од достигнување, затоа бројките се нагло растечки, што ги доведува светските здравствени системи до преоптовареност, па се чини дека се неспособни да се носат со заразата. Овој впечаток е особено во земји во кои владее зимски период (Европа), па здравството си е под „напад“ на „редовните“ зимски грипози и нивната вообичаена „клиентела“, плус сега оваа наврапито ширечка корона-епидемија. Следствено, во цел свет ургентно недостасуваат болнички кревети и лекарски персонал за третман на корона-вирусот, што Кина, на пример, агресивно го решава со затворање на цели 50-милионски провинции и отворање големи нови болници во загрозените подрачја за, со илјадници нови сместувачки капацитети, да ја задоволи потребата од болнички кревети. Не дека вирусот е драматично смртоносен, далеку од тоа, туку растечкиот број на случаи е брз и голем, додека вирусот не се „умори“ и нема веќе каде (на кого) да се пренесе.

Токму тоа се случува во Кина, бројките на ширење таму, барем официјално, почнаа да опаѓаат – но, растат брзо во други делови од светот каде епидемијата е на почеток. И ќе продолжат да растат, додека не го постигнат врвот на својата релативна геометриска прогресија, пред да почнат со истата наглост да опаѓаат.

Оваа ситуација најверојатно ќе се преслика и во Македонија. Домашните експерти и надлежните институции ова добро го знаат и затоа, со право, повикуваат на смиреност, бидејќи вирусот не е толку опасен колку што брзината на неговото ширење остава таков впечаток. Тоа не значи лефтерност во неговиот здравствен и општествен третман, но не бара, за сега, никакви специјални („холивудски“) вонредни мерки од масовни размери. За понатаму – ќе се види.

Оваа „игра“ на епидемиолошки статистички алгоритми и односи треба внимателно да се следи и предвидува (во тоа, на пример, ако е можно, спаѓа детектирањето на сите со кои еднаш заразените дошле во симптомски контакт), за на време да се контролира и пресретне заразата. Тоа, со антиципација, може да подразбере откажување масовни настани или времено одлагање на настава во образовни системи, на пример – а може да покаже потреба и од поместување на закажани изборни датуми! – па затоа е важно ситуацијата компетентно да се комуницира со јавноста (што надлежните кај нас, до сега, одлично го прават), за да се избегнат непотребни масовни паники и фејсбук-хистерии со реални, а не виртуелни последици.

Е, добро, де, ќе пропадне некоја екскурзија и повеќето 8-мартовски лумперајки… Голема работа! Какви сме ние, кога ќе помине оваа здравствена непријатност, после тројно ќе надополниме!

Затоа, се молат кафеанските оркестри да не паѓаат во непотребна депресија, а крчмарите да не шират паника… Ќе му се одмаздиме ние на вирусов „со камата“! Нема друго, ќе мора од старост да се умира.

Извор: Цивилмедиа

The post Не се грижете, од старост ќе си умрете appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....