13.8 C
Скопје
15:56 - 18 декември, 2024

Националниот интерес им е мил, ама партискиот им е помил

Помеѓу загарантирана европска иднина за Македонија или силен партиски рејтинг што гарантира власт, партиите повеќе би го одбрале второто и не би ги ставиле националните интереси пред партиските, коментираат аналитичарите за „Слободен печат“, на прашањето – можна ли е и би била ли корисна широка владина коалиција, заедно со СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во неа, по предвремените парламентарни избори на 12 април.

Целта на оваа идеја која неодамна во јавниот дискурс ја пушти Никола Тодоров е заеднички да се реформира Македонија на патот кон ЕУ и да се обединат поделените граѓани.

Од една страна, сите политички партии во своите програми недвосмислено се определени за евроатлантската агенда, исто како и мнозинството граѓани, а останувањето на една голема партија надвор од извршната власт може да значи нови потрошени години во поделби и блокирања наместо во напредок и во исполнувањето на европските цели.

Од друга страна, останувањето без опозиција, исто така може да ги загрози европските цели, затоа што партиите лесно се здружуваат за своите интереси што СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ неколкупати го покажаа кога ги носеа законите за пратеници или за финансирање на политичките партии. Иако наликуваа на најлути непријатели, пред две години брзо и тивко се усогласија и со 101 глас си изгласаа наместо 1,8 милион евра да добиваат 4,5 милиони евра годишно од државниот буџет.

Ни насон заедно

Од СДСМ брзо и кратко одговорија со „секако, не“ на прашањето дали по изборите е можна широка владина коалиција, нешто како национално помирување и обединување на ресурсите, со цел да се исполни европската агенда.

Од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, одговорија негативно.

– Апсолутно сме фокусирани на иднината на нашата држава и на граѓаните која им е оневозможена со оваа криминогена влада на СДСМ. Исклучена е таква влада каде што би коалицирале со СДСМ, која е изворот на сите криминогени скандали во Република Македонија – одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.

Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, формирањето широка коалиција во која би се здружиле ресурсите на најголемите партии би имало огромни придобивки за европската интеграција на Македонија, но шансите за тоа се мали.

– Сите досегашни успешни евроинтеграции се случиле со соработка помеѓу власта и опозицијата, а во земјите имало широк консензус. Последен пример е Хрватска, каде што Советот за евроинтеграции во Парламентот е издигнат на највисоко ниво, а со него раководи опозицијата. И кај нас е потребна соработката за да се исполни евроагендата, но нашите партии се како рогови во вреќа. Мала е веројатноста за широка постизборна коалиција, особено што за опозициската партија не е јасно колку е искрена и колку брзо сака да се случат ЕУ-интеграциите. Тоа го покажаа со негирањето на Препанскиот договор, со негласањето на Законот за Јавното обвинителство, а еве сега и со информациите дека лобирале во ЕУ да не добиеме датум за почеток на преговорите. Кај нас добивањето на датумот се перципира како победа на партијата што е на власт, а на штета на опозициската партија, наместо на тоа да се гледа како победа и напредок на сите – вели Арсовски.

Поранешниот висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров во последната колумна предложи поразениот по изборите веднаш да му честита на победникот, а победникот витешки да ја покани поразената партија да му се приклучи во владата.

„Да се формира голема коалиција која ќе ја води земјата во процесот на преговори со ЕУ, која ќе ја намали толку изразената поларизација и нетрпеливост, која ќе работи на помирување помеѓу граѓаните и партиите. Голема коалиција, базирана на најдобрата понуда од двете партии. И од аспект на човечки потенцијал, но и од аспект на проекти и решенија. Ова можат да бидат нашите златни години. Анализата покажува дека земјите што пристапиле кон НАТО имале одличен и брз развој, најмногу во периодот од влезот на земјата во НАТО до влезот на земјата во ЕУ. Ако сме заедно и сплотени, многу побрзо ќе ги затвораме поглавјата со ЕУ, многу подобро ќе се развива економијата, ќе се намали поларизацијата и нетрпеливоста, ќе се избегнат политичките кризи. Затоа би било добро кога вакво нешто би се реализирало, иако се плашам дека е малку веројатно“, напиша Тодоров, прогнозирајќи дека со заедничкиот придонес Македонија може да стане членка на ЕУ за пет до шест години.

Мора да има опозиција што контролира

Професорот Денко Малески смета дека опозицијата е потребна за контрола на власта и дека за нашето општество е опасно ако власта никој не ја контролира.

– Најдобро е во земјата да има власт и контрола на власта, да го совладаме прво тоа. Ние имавме неконтролирана власт и видовме до колкава криза доведе масовното прислушување од претходната деценија. Кога власта е под контрола од опозицијата, ние граѓаните сме сигурни и заштитени од можноста партиите да се ујдисаат и да работат во свој сопствен интерес – вели Малески.

Тој додава дека во некои од земјите од Балканот што влегоа во ЕУ имало џентлменски договор сите теми што се поврзани со реформите за ЕУ и преговорите за членство да не се проблематизираат, а системот да продолжи да си функционира со власт и опозиција.
– Тешко се предвидуваат идните состојби кај нас. Треба прво да се види како ќе поминеме на изборите, дали тие ќе бидат фер и демократски или партиите ќе продолжат да се бомбардираат, вадејќи нови работи, затоа што е познато дека постојат илјадници снимки од прислушувани разговори што дури се продаваат и на Битпазар. Партиите би требало да се воздржат од натамошно спуштање на нивото. Од тоа какви ќе излезат од изборите ќе зависи и волјата понатаму да соработуваат – вели Малески.

The post Националниот интерес им е мил, ама партискиот им е помил appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....