-0.2 C
Скопје
21:27 - 26 ноември, 2024

(Мулти)генерациска катастрофа

Тоа што генералниот секретар на Обединетите нации Гутиереш сега, речиси уште пред да се случи, јавно ја адресира генерациската катастрофа што му се заканува на човештвото е наша одамна (не)научена лекција. Ние таква катастрофа живее(в)ме во континуитет цели единаесет години под неуката ама лакома шепа на злосторничкото здружение камуфлирано во политичка партија. Запустија сѐ што можеше да се запусти: образованието, културата, науката, уметноста…!

Така што, ние сега можеме да му држиме лекции на светот како тоа се прави, можеме да извезуваме и „учители“ за создавање погодна почва за вакви културни катастрофи – зашто, и нашата, и оваа светскава, во самата суштина се културни катастрофи! – но, ќе се осмелам да кажам, имаме за извоз и „професори“ што можат да ги препознаат скриените знаци на настанувачката катастрофа и да предлагаат соодветни мерки. (Само, овие вториве, ни дома не умееја да ги искористат! Нејсе, но мора да остане забележано за иднината дека сепак имало поединци кои јавно, јасно и гласно говореле за тоа што ни се случуваше!).

Светот и ние

И во еден миг, краток за жал, уште во 2017 година мислевме дека завршивме со човечките/генерациските катастрофи од тој тип, дека се опаметивме, но реалноста и денес ни раскажува речиси иста, или слична приказна. Без оглед дали сакаме да ја согледаме во континуитет или не, но фактички навлегуваме во петнаесеттата година на македонската културна катастрофа којашто, заради многу причини, некои не само што не можат да ја видат туку не се способни ни да ги согледаат нејзините крајно деструктивни повеќедецениски последици. Ама сепак настојчиво се обидуваат да нѐ убедат дека нивните затворени очи се подобар избор од нашите отворени, и од – вистината. А вистината е поинаква. Г-динот Гутиереш крева паника поради само шестмесечен „застој“ – да, знам, со потенцијални уште година, две плус – во развојот на човештвото, но ние на крајот на умот не ја ставаме ни нашата конкретна катастрофична бездна од цела деценија и половина! Е тоа е разликата помеѓу културниот свет и нас, го сакале ние тоа или не! Тоа е разликата помеѓу умни народи и визионерски лидери и сите други, тоа е разликата помеѓу цивилизација и каллива провинција.

И точно е дека е на повидок светска генерациска катастрофа, на оваа/овие генерации кои тукушто тргнаа во училиште или оние што треба наесен да тргнат. А ако пандемијата потрае, како што ќе потрае, може да се случи да отседат или дома со онлајн настава (што никако не е исто!), или со некои „live“ модификации и „настава“ под (маскирани) групи, со строги контроли итн. Ситуација којашто мали деца тешко ќе ја разберат и на кои – лесно може да се случи – училиштето ќе им се види како мачилиште! Иако, велам, цивилизираниот свет умее да ги преброди и тие предизвици, подготвен е и технолошки и кадровски и финансиски. Ние – не знам. Ние ги помагавме „бизнисмените“ – една булумента крадци премачкани со сите бои!

А за децата ни текна дваесет дена пред почетокот на школската година. Згора, велат, само пет училишта во државава не биле соодветни за „новата (не)нормалност“! Јас ќе се кладев дека само пет се подготвени, ама ајде да не го тупам зашто сигурен сум дека под поимот „подготвеност“ сите подразбираме различни нешта. До вчера говоревме дека во повеќе од половината училишта нема саглам тоалети, за тоалет хартија и сапун да не говориме, ама сега тоа изгледа не е важно, нели?

А сепак, она што политиката и медиумите денес ни го поставуваат како судбинско прашање е конституирањето на новиот парламент – во онаа монструозна „македонистичка гробница“ конструирана од  болни македонски умови – па составувањето на новата влада, пазарот околу ресорите итн. Ние вистинските судбински прашања не ги ни поставуваме! Не знам ни дали сакаме да ги поставиме. Зашто, не потценувајќи ги локалните успеси од типот на договорите (какви-такви) со Бугарија и Грција, официјализирањето на нашето членство во НАТО, отворањето на пристапните преговори со ЕУ…  сето тоа нема да ги покрие нашите повеќегодишни каскања зад Европа и светот, нема да ги сокрие ни нашите катастрофи во образованието, културата, науката, уметноста, здравството…, нема да го направи невидлив центарот на Скопје и монструозната кичеризација на идентитетот, историјата, уметноста.

Уништени генерации

Ние, за жал, не умееме да процениме колку генерации уништи нерешавањето на проблемот со Грција и колку (можеби) ќе упропасти натегањето околу историските факти со источниот сосед; не сме ни свесни колку генерации израснаа со тотално дегенерираната претстава за тоа што е уметност, што е култура, што е скулптура а што споменик и кому се подига нешто такво; македонската наука на чело со славната ни МАНУ пладнува во континуитет, а богами и слатко прежива на некоја своја идиотска ледина додека во светот веќе и приватните иницијативи ја освојуваат вселената. Следствено, кому, извинете, му требаат седумнаесет (и со бројка: 17 лекари во парламентот? Немаат ли тие попаметна работа, учеле ли да бидат политичари или да лечат луѓе? И немаше ли еден доблестен во партиите да ги исшутира од листите? Или, еве ги повторно оние хохштаплерски „бизнисмени“, повторно плачат, иако претходната државна помош за работници ја ставаат на своите лични конта. Светот – или Обединетите нации, ако ви е полесно – жали и крева паника за една/две генерации, ние во континуитет упропастивме триесет. И? Никому ништо, повторно сите среќни и весели, нели!?

The post (Мулти)генерациска катастрофа appeared first on Слободен печат.


(Мулти)генерациска катастрофа was first posted on август 12, 2020 at 8:30 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....