10.8 C
Скопје
12:57 - 18 декември, 2024

„МојДДВ“, ТВОЈ ПРОБЛЕМ: Граѓани се жалат дека им се издаваат веќе скенирани сметки, нема каде да се пожалат

Наградната игра „МојДДВ#МојНаграда“, како и повратот на ДДВ со скенирањето на фискални сметки, принудува некои од вработените кои ги издаваат истите да прават „чудни“ работи, забележале граѓани кои во изјава за „Слободен печат“ велат дека им биле издавани веќе скенирани сметки. Граѓаните исто така забележале дека, доколку имало оставено сметка пред нив, некои вработени веднаш ги земале, како и тоа дека им биле заменувани сметките со други кои имале помал поврат.

Читател на „Слободен печат“ раскажува што му се случило во Институтот за патологија, кога од страна на вработената на еден од шалтерите му била приложена фискална сметка која веќе била помината на апликацијата „МојДДВ“.

– При подигнување на резулатите за мојот татко, кој е болен од рак, вработената на шалтерот ми рече дека треба да платам 4.200 денари. Додека ги вадев парите од паричникот, ја забележав дека го вклучува телефонот и ја скенира сметката, а истата подоцна ми ја даде со резултатите – вели нашиот читател.

Тој се направил дека не ја забележал и токму пред неа го извадил својот телефон за да ја скенира сметката на која стоел пресметан ДДВ од 700 денари, но на апликацијата му се покажало дека фискалната сметка е веќе скенирана.

– Ова предизвика голем револт кај мене при што малку бурно реагирав. Веднаш побарав од вработената да ја сторнира сметката и да ми издаде нова. Таа се вознемири, а поради вревата дојдоа и нејзините колешки. Потоа добив нова фискална која веднаш ја скенирав и беше успешно. Искрено сакав да го пријавам овој случај во УЈП, не поради повратот на ДДВ или слично, туку поради злоупотребата од страна на некои вработени, но во моментов немам премногу време за да се занимавам со ова – додава читателот.

Ова не е прв случај со добивање на веќе скенирани фискални сметки. Претходно на социјалните мрежи многу граѓани се пожалија дека во одредени објекти (ресторани, продавници, кафулиња и многу други), исто така кога ја вклучиле апликацијата „МојДДВ“ им покажувало дека нивната сметка е веќе скенирана од страна на некој друг.

Иако оваа мерка, според Владата, вроди со плод при спречувањето на „сивата економија“, сепак ги принудува дел од вработените кои треба да издадат фискална сметка за некоја извршена услуга, истата да ја сокријат од купувачот.

– Веќе сите знаат дека сметките за гориво имаат речиси најголем поврат на ДДВ. На една бензинска пумпа полнев бензин, а си купив и некои други работи. Ја земав добиената сметка, а дури дома забележав дека на неа се само производите кои ги земав. Тоа значи дека вработениот ми ја даде само таа сметка со производите, но не и од горивото, иако мислев дека на истата ќе биде се што платив – вели друг наш читател.

„Слободен печат“ праша во Управата за јавни приходи, дали вакви или слични случаи биле пријавувани кај нив и како граѓаните да реагираат доколку се соочат со вакво нешто.

– Управата за јавни приходи нема надлежност да постапува во случаите кога на граѓаните би им се издала веќе скенирана фискална сметка. Управата за јавни приходи има надлежност и постапува во случаи кога даночниот обврзник – правно лица ќе издаде незаконска фискална сметка (компјутерска сметка или маркер). Укажуваме дека секој граѓанин кој извршил плаќање за купување на добра или користење на услуги треба да бара да му се издаде валидна фискална сметка. Во овој случај граѓанинот на кој му се издала скенирана фискална сметка апелираме  веднаш да бара да се сторнира скенираната фискална сметка и да побара да му се издаде нова фискална сметка – велат од УЈП за „Слободен печат“.

Исто така, ги запрашавме, дали се следи доколку некој вработен постојано скенира исти сметки од исто место (бензинска, маркети, ресторани и слично) и дали тоа некако се регулира.

– Преку апликацијата МојДДВ  може да се скенираат само валидни фискални сметки како и фискални сметки кои не го надминуваат износот од 30.000 денари. Целта на апликацијата и на самата мерка е да имаме што повеќе корисници кои скенираат што повеќе фискални сметки за да од една страна на граѓаните им се исплати поврат, а од друга страна да се намали „сивата економија“ односно да се избориме против оние кои не издаваат фискални сметки или издаваат невалидни сметки – ни изјавија од Управата за јавни приходи.

The post „МојДДВ“, ТВОЈ ПРОБЛЕМ: Граѓани се жалат дека им се издаваат веќе скенирани сметки, нема каде да се пожалат appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....