9.8 C
Скопје
12:18 - 18 декември, 2024

„Мојата година со Селинџер“ го отвора Берлинале

Денеска во Берлин со премиерата на канадско-ирската копродукција „Мојата година со Селинџер“ на Филип Фаларду започнува јубилејното 70. Берлинале, кое е предвидено да трае до 1 март. Тоа е филм направен според романот на американската писателка Џоана Ракоф, кој се фокусира на 1990-тите години во Њујорк, каде што низ книжевниот свет зборува за уметноста, но и за сето она што го одбележува денешното живеење. Во главните улоги се појавуваат Сигурни Вивер и Маргарет Квели („Неславни копилиња“), носејќи една од поголемите ѕвезди на годинешното Берлинале, на кое многумина му замеруваат дека во главната програма речиси и да нема големи холивудски ѕвезди. Приказната се фокусира на младата поетеса Џоана (Маргарет Квели), инаку помошник на книжевната агентка Маргарет (Сигурни Вивер), која главно одговара на писмата на обожавателите на Селинџер, со оглед на тоа што тој е гордост на агенцијата. Интересно е дека Фаларду во Берлин бил пред десет години, и тоа во детската програма, каде што ја освоил „Кристалната мечка“.

Инаку, ова е посебна година за Берлинале, не само затоа што по цели 18 години се сменија луѓето на челната позиција (веќе легендарниот Дитер Кослик, кој го донесе Холивуд во Берлин), туку и затоа што тие воведоа големи промени, враќајќи ги во програмата независните филмови, но и затоа што годинешниот фестивал веќе пред самото започнување го одбележаа многу скандали и контроверзи.

Најзначајниот, секако, е откривањето на нацистичкото минато на Алфред Бауер, култниот прв директор на овој фестивал, кој бил на водечката позиција цели 25 години. Според неговото име наречена е и наградата која се доделува за „нови перспективи“. Каква иронија! Впрочем, токму затоа како бомба експлодираа новинарските написи во германскиот неделник „Дие Зеит“, каде што беше откриено дека Бауер бил член на Нацоналсоцијалистичката партија и во периодот од 1942 година до крајот на војната бил референт во Филмската дирекција на Третиот рајх. Со други зборови, тој бил еден од креаторите на филмската политика на нацистите. По војната тој своето минато го  прикажувал сосем поинаку, а на челната позиција на Берлинскиот филмски фестивал дошол во 1951 година и останал сè до 1976, притоа имајќи многу важна улога во профилирањето на фестивалот. Откако овој скандал е откриен, повлечена е публикацијата посветена на неговата темелна улога која годинава требаше да биде промовирана, а исто така, како што објавија организаторите, суспендирана е и наградата „Алфред Бауер“.

Се чини како да не беше доволно тоа што сега, откако по 18 години беше сменет директорот Дитер Кослик, сè што беше објавено како програма и како новина на фестивалот е посебно под лупа на новинарите и на филмските критичари, туку се случува и еден ваков навистина тежок скандал. Се разбира, сè друго, сите реакции по објавувањето на годинешната програма како да паднаа во втор план, но за кратко, бидејќи како се приближуваше денот на започнувањето на фестивалот, коментарите станаа сè погласни. Така, една од најголемите забелешки, е дека во главната програма нема ѕвезди. Повеќето ѕвезди кои ќе бидат присутни на фестивалот, ќе дојдат или како дел од програмата во која се вклучени сериите, како Кејт Бланшет, или поради почесните награди, како Хелен Мирен. Дури и филмот на отворањето, кој ја носи Сигурни Вивер, не е дел од главната програма, туку ја отвора програмата „Берлинале спешл“, што е навистина реткост.

Додека, втората најголема замерка е помалото присуство на жени во главната програма, за разлика од минатата година. Така, годинава од 18 филма кои се борат за „Златна мечка“, само шест се режирани или корежирани од жени, а тоа значи 33 проценти наспроти 44 проценти лани, кога од 16 филма дури 7 беа потпишани од жени. Дури се правеа споредби и со Венеција и Кан, кои исто така имаа зголемување на бројот на режисерки во последните изданија, и тоа Венеција за 10 проценти повеќе од лани, а Кан дури за 19 проценти. Уметничкиот директор Карло Катриан и извршната директорка Мариета Рисенбек веднаш беа потсетени на повелбата 5050х2020 која лани ја потпиша Дитер Кослик токму за рамноправност на половите и за зголемување на паритетот на фестивалот, на што Катриан одговорил дека „целта на 50/50 е процес“.

Но, да се вратиме на главната програма во која се вклучени 18 филма од 18 земји (сметајќи ги и копродукциите), од кои 16 ќе имаат светска премиера, додека еден филм е документарен. Интересно е дека во програмата дури три филма се италијански, меѓу кои е и новиот „Сиберија“ на Абел Ферара, а два филма има од земјата домаќин – Германија, и тоа еден ветеран, Кристијан Пецолд и еден помлад автор со авганистанско потекло, Бурхан Курбани, кој ја носи адаптацијата на еден од највлијателните романи на 20 век, „Берлин Александерплац“ на Алфред Доблин.

Со по два филма застапени се САД и Франција. По еден филм доаѓа од Иран, „Таму нема зло“, во кој Мохамед Расулоф се осврнува на современиот филозофски концепт на „Баналноста на злото“ на Хана Арент, а со злото се занимава и познатиот режисер од Камбоџа, Рити Пан, кој за филмот „Озрачен“ вели дека „за доброто на човештвото мора да ги разберете различните облици на зло и дека злото зрачи толку што стигнува до идните генерации“. Не дека сите филмови се занимаваат со мрачни теми, но факт е дека годинава има доминација на темни тонови, за што организаторите рекоа дека целта на авторите не е да предизвикаат страв, туку да нè натераат да ги отвориме очите и да ја гледаме сегашноста без илузии, свесни за човечкото страдање, за манипулативноста, за злоставувањето. Тоа е реалноста, а авторите сакаат да и гледаат в очи, без илузии.

Меѓу нив е и младата американска режисерка, Елиза Хитмен, која е позната како независна авторка и чиј филм „Никогаш Ретко Понекогаш Секогаш“ веќе ја имаше својата премиера на познатиот фестивал на независни филмови во Санденс. Тоа е ретко за големите фестивали, но овој пат, како што нагласија челните луѓе, најважен им бил квалитетот, а овој филм на „Санденс“ веќе ја освои и Специјалната награда на жирито. Тоа е приказна за две тинејџерки кои патуваат за Њујорк поради несаканата бременост и кои се соочуваат со многу предизвици. Во главната програма годинава е вклучен и тајванскиот режисер, Тсаи Минг Лианг, познат на нашата публика по тоа што го делеше „Златниот лав“ во Венеција во 1994 година со режисерот Милчо Манчевски, а во Берлин доаѓа со филмот „Денови“. Станува збор за еден контемплативен филм за машкото пријателство.

Необично е дека рускиот филм „ДАУ Наташа“ на Илја Кржановски и германската долгогодишна мејкап артистка, Екатерина Ертел, веќе предизвика бура од реакции, бидејќи како што изгледа го направија најконтроверзниот филм годинава (обвинуван за порнографија). Станува збор за животот во еден изолиран таен Советски институт за истражување, каде што поради однесувањето на Наташа ќе реагира државната безбедност, најавувајќи го филмот како толку радикален колку и провокативен. Интересно е дека овој филм произлегува од експеримент на кој авторот работи долго време и дека неговиот документарец со наслов „ДАУ Дегенерација“ е вклучен и во програмата „Берлинале спешл“. Но, за тоа во текот на фестивалот.

Оваа година почесната „Златна мечка“ оди во рацете на дамата Хелен Мирен, додека жирито го предводи уште еден култен британски актер, Џереми Ајронс. По повод 70-от роденден воведени се и две нови програми, и тоа „Пренос“, програма за која Карло Катриан покани седум режисери што оставиле трага на Берлинале, да одберат филмски автори со кои би сакале да одржат јавни дискусии, како и програмата „Соочувања“, замислена да им се даде поддршка на новите гласови во филмот, а во која е селектиран и романскиот филм „Малмкрог“ на Кристи Пуиу, во кој и Македонија е копродуцент. Од Македонија имаме и двајца претставници во Талент кампус, режисерот Ханис Багашов и актерот Стефан Вуисиќ.

The post „Мојата година со Селинџер“ го отвора Берлинале appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....