15.8 C
Скопје
20:39 - 16 април, 2024

Мицкоски: „Коњ, коњ, давам кралство за коњ!“

Ако се во право моите (фала на прашање) пословично добри извори во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, врвот на партијата, откако ги прегореле дигитроните неуспешно пресметувајќи (со „математичка прецизност“) како да направат „своја“ нова влада, сега се предадени на само едно (за себе) спасоносно решение: да го убедат Заев дека она што на Македонија ѝ е итно неопходно е – создавање на „концентрациона влада“!

Со други зборови – патем, сценариово е креирано од добро познатите пара-безбедносно-разузнавачки персоналитети и нивните удбашки екстензии со кои е окружен Мицкоски – тоа би била влада во која ќе седнат претставници од најмногубројните политички партии во новото Собрание, за во следниот мандат ефикасно да ја спроведат евро-атлантската агенда на земјата!

Генијално! Така Мицкоски, за своите внатрешни партиски потреби на опстанок, ќе може да толкува дека навистина не ги изгубил изборите; мислат дека тоа би му одговарало за „спасување на образот“ и на ДУИ, чие „модалитетно“ учество во идната влада, инаку, „виси на конец“; а идејата за „стабилност на државата“ ќе почнат поинтензивно да ја „продаваат“ на меѓународната заедница, практично, почнувајќи од денеска.

Па – што даде Господ!

Кодното оперативно име за создавањето на ваквата влада е: „Ле-ле-ле-ле, баба роди теле!“

Додуша, уште немаат расчистено каква врска би имале тие со евро-атлантската агенда на Македонија, со оглед на упорните повеќегодишни напори до неа да не дојде, иако, наводно, би биле „широкогради“ со понудата таква влада да поддржат, под услов да не ја предводи Зоран Заев.

Преостанува уште Заев да го натераат да истрча неколку кругови околу Собранието и, со повремено рикање, да извикува: „Јас сум магаре со ушите нагоре!“… Добро, свесни се дека тоа им е максималистичкото барање, би се согласиле и со рефренот: „Јас сум Зајко кукурајко!“, ама под услов Чулев да се врати за министер за внатрешни работи! Под тој минимум не одат. Или тоа – или Гордана Силјановска да се избере за претседател на Собранието. Ако ви чини!

А, во меѓувреме, во самото ВМРО-ДПМНЕ – според моиве извори – се одвиваат занимливи процеси… Кратката дијагноза би била: три групи војуваат и меѓусебно, јавно и тајно, безмилосно се напаѓаат, а големото партиско мнозинство збунето набљудува и го чека исходот околу тоа кој ќе ја формира новата влада.

Првата група носи име „Милевисти“, бидејќи се под влијание на Миле Јанакиевски (попознат и по прекарот: „Парите не ги давам!“). Дел од сегашниот ИК на ВМРО-ДПМНЕ, со Мицкоски и Јанушев на чело, се предводници на групата на Миле, со неколку од новите пратеници кои, по заслуга на „купување бурек на Миле“, од петтиот партиски ешалон, се пробија во првиот. Нивната цел е една: Миле да не оди во затвор, а со тоа да не пропаднат и „парите на партијата“. Ароганцијата и агресивноста на оваа група расте – следете само што говорат секојдневно партиските портпароли – паралелно со стравот од внатрепартиските промени.

Логистиката на оваа група во последнава година е особено зајакната од „рекетираниот“ бизнисмен со неговите „пролупани“ пропагандни и кулоарски ресурси, иако постои страв дека тој сите „би ги пуштил низ вода“, бидејќи се свесни дека тој се обидува да води „паралелни“ преговори со кого ќе стигне.

Втората група се „Мијалковистите“, во која членува само Ивица Конески и некои „поситни“ претходни функционери. Мијалков е убеден дека може сам да го смени Мицкоски. Милевистите се свесни, а по малку и уплашени, дека не е добро да ја потценуваат решителноста на Мијалков. Дополнителна елаборација не е потребна.

Третата група не е хомогена и е, всушност, составена од разно-разни опортунисти кои го чекаат исходот од пресметката на Милевистите и Мијалковистите, за да го зграпчат моментот и да видат каде себе би се позиционирале. Во неа спаѓаат Никола Попоски, Антонио Милошоски, Александар Николовски, Владо Мисајловски, Митко Јанчев, Васко Наумовски, како и голем дел од поранешните градоначалници и пратеници. Сите спомнати веќе имаат „иницијативни одбори“ околу себе, за сопствена, евентуална, промоција за наследници на Мицкоски.

Никола Попоски се третира за сериозен кандидат, па Милевистите трошат многу енергија за да го извалкаат, поврзувајќи го јавно со Мијалков. Наводно, неколку општински скопски комитети веќе изразиле подготвеност него да го поддржат и да се „отцепат” од Милевистите. Неговите промотори велат дека Попоски не им пречеше на Милевистите, не ги поткопуваше и јавно не ги напаѓаше, иако целосно беше исклучен од нивна страна од партискиот живот, а е единствениот кој одел на сите партиски настани и протести, сам, во задните редови, меѓу обичното партиско членство.

Сепак, Милошоски е миленикот на членството на партијата, особено на старите партиски кадри. Него го сметаат за „чист вмровец“ и ја темели широката поддршка кај општинските комитети особено во Западна Македонија. Има направено услуги на „половина партија“ и тоа во периоди кога другите функционери не кревале телефон. (Навистина, познат е Антонио по своите „телефонски“ партиски активности.) Моите извори велат дека, кога би била волјата на широкото членство решавачка, Милошоски лесно би ги победил останатите кандидати. Кога не би бил толку дискредитиран кај меѓународната заедница.

И за Николоски во партијата владее добро мислење, од сите кандидати тој е најупорен и особено вешт во градењето внатрепартиски алијанси, па дури и со Мијалковистите, ако треба, малку од страв, а малку и од итрина. Проблем? Во партијата се вртат озборувања дека е поврзан со надворешни кругови кои не гледаат со одобрување на македонската евро-атлантска ориентација… Ама, па, тоа може и да му е предност во внатрепартиските пресметки.

Зад ненаметливиот и умерен Владо Мисајловски силно стои општинскиот комитет од Ѓорче Петров, што е премалку за сериозна кандидатура, барем во овој момент.

Митко Јанчев, пак, на своја страна ја има „Кавадаречката група“, сопствените бизнис ресурси и омиленоста кај меѓународната заедница, како одличен градоначалник и менаџер. Популарноста кај широкото вмровско членство му стои полошо од онаа во општата македонска јавност, а близината со Никола Тодоров го надоместува неговиот недостаток од подеталното познавање на внатрепартиските кујни и „кетеринзи“.

Васко Наумовски е кандидат „од неодамна“, прилично „раздвижен“ после поразот на ВМРО-ДПМНЕ на изборите, поддржан од „интелектуалното крило“ во партијата, сочинето од универзитетски професори како Муцунски и Силјановска. Се смета дека има добри односи со стратегиските партнери на Македонија, иако не е јасно дали е тоа предност или маана во ова ВМРО-ДПМНЕ.

Занимливо, НИКОЈ од наброените не излезе со јавна и недвосмислена постизборна поддршка за Мицкоски, а неколкумина отворено побараа негова оставка. Што ви говори тоа за состојбите во опозицијата?

Така што, доколку не успее „телешкиот“ план на Мицкоски од Заев да направи магаре со идејата за формирање „концентрациона влада“, ќе мора „кралството“ да го даде за еден обичен, ако може побрз коњ!

 

П.С. Се извинувам за должината на овој текст, но ќе требаше уште неколку пасуси за да се објаснат позициите на будимпештанскиот бегалец во однос на жестоката лидерска битка што претстои во опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Па, нешто да остане и за понатаму…

The post Мицкоски: „Коњ, коњ, давам кралство за коњ!“ appeared first on Слободен печат.


Мицкоски: „Коњ, коњ, давам кралство за коњ!“ was first posted on јули 27, 2020 at 10:04 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....