0.8 C
Скопје
11:06 - 23 декември, 2024

МЕДЕНА ЗЕМЈА: Снимањето на филмот ги промени нашите животи

Светската премиера на документарниот филм „Медена земја“ се случи на 28 јануари 2019 година на 38. Фестивал на независни филмови „Санденс“, а по освојувањето на три награди на фестивалот, меѓу кои и Главната награда од жирито за најдобар светски документарен филм, филмската екипа што го направи документарецот и главната протагонистка доживејаа комплетен пресврт во нивниот животен ритам. Филмот веќе е прикажан на голем број филмски фестивали низ целиот свет, а во еден период се прикажуваше во 36 киносали во САД. Режисерите, снимателите и главната протагонистка Атиџе на дневна основа се селат од континент на континент, со цел да подигнат некоја нова награда и да бидат поблиску до публиката низ целиот свет.

Продуцент и монтажер на документарниот филм „Медена земја“ е Атанас Георгиев, сниматели се Фејми Даут и Самир Љума, музиката ја направија членовите на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ Студиос“ (DB Studios) од Бејрут. Документарецот е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, а поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија.

Со екипата на „Медена земја“ се среќавав повеќепати во текот на годината. Почнувајќи од најавата за нивното заминување на фестивалот „Санденс“, потоа при нивното враќање со трите главни награди, а во текот на годината на повеќе проекции на филмот во нашата држава. Разговорот со Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, режисери, и Атиџе Муратова, главна протагонистка во документарниот филм „Медена земја“, се случи за време на македонската премиера на филмот на 10. Фестивал на креативен документарен филм „Македокс“.

Што успехот на филмот „Медена земја“ промени во вашиот живот?

Тамара: Најголемата промена се случи во динамиката на нашите животи. Едно по друго се редат фестивали, проекции, комуникација со многу луѓе. Гледаме како филмот допира до различни типови на луѓе и до различни народи. Од мојот агол гледано подолгорочно, после филмот видов патишта кои немав можност да ги видам пред успехот на филмот и сфатив дека сега имам пошироко поле на избор и за носење правилни одлуки.

Љубомир: Има две промени. Првата од нив е самиот успех на филмот и со таа промена во нашиот живот се занимаваме речиси една година и немаме време за ништо друго. Втората, односно вистинската промена кај нас не се случи со успехот на филмот, туку со правењето на филмот. Овие четири години што ги поминавме со Атиџе и со самите нас, како филмска екипа и како индивидуи, се најголемата промена што ни се случи. Снимањето на филмот ги промени нашите животи.

Атиџе: Најбитното за мене е што добив нова куќа, почнав да живеам поубав живот и стекнав многу пријатели, и кај нас и на гостувањата на фестивали низ светот.

Тамара: Најголемата промена ни се случи со снимањето на филмот, а не со постигнатите резултати. Таа промена е што со ова многу уникатно искуство научивме што значи да се дели во вистинска смисла на зборот, односно да се подели со протагонистот сето она што се проживува или добива со успехот на филмот. Научивме да си ги делиме нештата меѓусебно во филмската екипа како мал тим што функционира заедно и, на крајот, снимањето нѐ научи на несебичност којашто ни помага да се справуваме со сите обврски што ги донесе успехот на филмот. Во друг тип на процес со друг филм тоа не би било возможно, дури и мислам дека би не однело на спротивната страна, односно во себичност и хранење на сопствената суета.

Главен мотив во филмот е една мудра реченица која ја фасцинира публиката, а таа е „половина од медот за мене, половина за пчелите“. Од кого ја слушнавте или научивте оваа мудрост?

Атиџе: Самата го научив тоа, дури и мислам дека по правило треба повеќе да им оставаме на пчелите од тоа што го земаме за нас. На тој начин тие ќе опстанат, бидејќи имаат многу мака додека го собираат медот. Ако им земеме помалку од медот, тогаш в година ќе биде полесно за нив. Јас тоа цел живот го правам така.

Дали овој принцип беше архимотив да се сними „Медена земја“?

Љубомир: Филмските остварувања секогаш се комплексни во својата основа. Во некој филм може да се случи да ве привлече поентата, но може да ве привлече и визуелниот момент или некој од карактерите. Уште кога дојдовме до Атиџе и го забележавме целиот амбиент во кој живее и со што се занимава Атиџе, кога ја видовме целата егзотика која зрачи дури и од првата фотографија што ја направивме, ни беше јасно што треба да правиме. Практично, идејата за правењето на филмот дојде од првата фотографија што ја направивме во тој амбиент. На прв поглед нѐ привлече егзотиката, а потоа се појави мотивот. Ќе откријам и дека сцената каде Атиџе кажува „пола за мене, пола за пчелите“ ја снимивме меѓу првите и тој мотив нѐ водеше цело време во текот на снимањето.

Дали секаде низ светот се почитува правилото „пола за мене, пола за пчелите“?

Атиџе: Така би требало. Откако е направен филмот забележав дека и други пчелари почнуваат да го применуваат моето правило. И многу ми е мило кога ќе видам дека луѓето сакаат да научат нешто убаво од мене.

Штом им ја отворив вратата на семејната куќа се надевав дека се дојдени за добро – Атиџе Муратова (Фотографија: Македокс / Сашо Н. Алушевски)

Снимањето на „Медена земја“ траеше цели три години, но како се случи првата средба помеѓу филмската екипа и протагонистката Атиџе?

Атиџе: Тие не ме најдоа мене, туку јас ги пронајдов нив! Штом им ја отворив вратата на семејната куќа се надевав дека се дојдени за добро. Сега со гостувањата со филмот на фестивалите низ светот видов многу нови работи и сакам и на луѓето што го гледаат филмот да им пренесеме убави пораки.

Љубомир: Пред да почнеме со снимањето на „Медена земја“ како филмска екипа и како ко-режисери работевме и на други проекти. Меѓу другите добивме задача да направиме краток документарец/репортажа за еден проект за зачувување на природната околина. Во текот на истражувањето за тој проект ја сретнавме Атиџе и тогаш сфативме дека имаме сериозна приказна. На почетокот идејата беше да се направи некоја пократка форма, но потоа успеавме да најдеме средства со кои идејата ја финализиравме во форматот што сега го има „Медена земја“. Отпосле аплициравме за средства од други фондови за постпродукцијата на филмот.

На кој начин реагира публиката по гледањето на филмот на фестивалите каде сте присуствувале?

Тамара: Публиката речиси секаде реагира неверојатно. Тоа е искуството што беше највредно за нас и од кое научивме најмногу. Многу често авторите на филмови стануваат толку опседнати со тоа што го прават така што забораваат на наједноставната суштина што им е важна на луѓето и со своите филмови ги затрупуваат со слоеви и размислувања кои ги оддалечуваат од обичниот човек. Од идентичните реакции на публиката што ние ги забележавме ни стана јасно дека насекаде, од Азија до Америка, обичните луѓе се исти и им треба нешто вистинско.

Љубомир: Најчестиот збор што луѓето ни го кажувале после проекцијата на филмот е – благодарам! Некои од нив беа потресени, некои дури и плачеа.

Тамара: Од сите контакти што ги остваривме поради огромниот успех на филмот и сите фестивали на кои бевме највредната работа што ни се случи е тоа што осознавме што е тоа што публиката сака да го гледа.

За Љубомир Стефанов „Медена земја“ е грандиозен филмски пробив, но познато е дека љубовта кон фотографирањето го преокупира повеќе од 20 години. Што фотографијата ви значи и колку истата придонесе да „го фатите моментот“ со снимањето на документарецот?

Љубомир: Речиси 20 години наназад работам во секторот за екологија и заштита на природната околина и некако природно се појави ангажманот во визуелниот сегмент, проследен со снимање мноштво фотографии и видеоматеријали. Уште пред околу 17 години го направив филмот „Бучни соседи“ (Noisy neighbors). Порано снимав со Димо Попов, а материјалите ги монтирав со Атанас Георгиев или со Благоја Неделковски. Тогаш целта не беше да се занимавам само со правење фотографии и снимање филмови, туку со конципирање на пошироки кампањи или проекти за заштита на природната околина. Со текот на времето стекнав доверба кај финансиерите да наметнам идеја која би требало да се реализира, како што беше случајот со филмот „Медена земја“. Тоа секогаш носи компликации и чудни договори, но крајната цел беше да го добиеме тоа што сега го имаме како финален продукт.

Тамара Котевска дипломираше на филмска режија на ФДУ во Скопје. Со „Студантс“ (2016) направивте филмски експеримент со цел да пронајдете подобар дом за себе. Во „Медена земја“ трагате по земја во која владее совршена рамнотежа меѓу човекот и природата. Дали тоа се две нијанси на една иста приказна за егзистенцијата на човекот на планетава?

Тамара: Како коавтор во „Медена земја“ приказните на двата филма повеќе би ги поврзала како компарација на животински видови кои егзистираат на планетата Земја. Тоа значи дека и луѓето се дел од еден поголем систем за кој треба да бидат свесни и да знаат дека не се надмоќни во таквиот природен систем. Затоа мислам дека нема поврзаност во приказните на двата филма, но потрагата по подобра егзистенција е тема којашто ме интересира и планирам дополнително да ја развијам со наредниот игран филм што го подготвувам. Потрагата по подобро место за живот и егзистенција, но и нашата себичност во сето тоа е тема која можеби ги поврзува двата филма, но и ме интригира за понатамошна разработка. Прашање на кое би сакала да го откријам одговорот е дали подобрата егзистенција е нешто за кое човекот постојано ја бара вината во нешто друго или треба да ја пронајде во самиот себе, односно во сопствената себичност!

Во снимањето и продукцијата на филмот учествуваше, за филмски услови, неверојатно малубројна екипа – двајца режисери, двајца сниматели, групата „Фолтин“ која ја направи музиката, музички супервизор и монтажер/продуцент. Како други филмски професионалци реагираат на овој факт?

Тамара: За наша среќа имавме можност да сретнеме и да се запознаеме со ист тип на филмаџии како нас, кои стигнале до истите резултати на ист начин. На фестивалот „Санденс“ сретнавме луѓе кои работат на идентичен начин како нас, со многу мала екипа, а некои од нив дури и сосема сами ги прават своите филмови. Во документарните филмови често владее принципот авторот на филмот да е снимател, монтажер, дури и продуцент на својот филм. Тоа се автори кои имаат огромна мотивација и посветеност, имаат големо трпение и отпорни се на сите проблеми со кои се соочуваат.

Љубомир Стефанов, Тамара Котевска, Атиџе Муратова и Самир Љума во Њујорк

По добивањето на бројни награди и номинации, објавата на десетици статии на филмски критичари во најзначајните светски списанија за филм, станавте ли свесни за придонесот на вашиот филм во светски рамки? Како ја чувствувате таа свесност?

Тамара: Стануваме уште посвесни со секоја следна проекција, со секоја нова средба со публиката, со секој искрен коментар што ќе го добиеме и со секоја солза што ќе ја забележиме кај гледачите.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ бр. 8, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 7/8 декември 2019)

The post МЕДЕНА ЗЕМЈА: Снимањето на филмот ги промени нашите животи appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....