Ако месечно издвојуваме барем 1.000 денари за старите денови, наместо, на пример да купуваме цигари, таа сума на крајот ќе биде добро заокружена. Едноставно заборавете на тие пари, кои добро ќе ви дојдат кога ќе остарете. Македонците и покрај ниските примања, стануваат сѐ посвесни дека им се потребни дополнителни приходи во староста и дека не е пожелно да се потпираат само на пензиите од државната каса. Луѓето живеат сè подолго и човекот колку подолго и повеќе штеди, ќе има и поголеми приходи во подоцнежните години.
Нашите граѓани се релативно скромни во младоста, но штедливоста е одлика на традиционалното воспитување. Оттука и реалноста на податоците дека пензиските фондови во вториот и третиот столб, имаат респектабилно учество во БДП, со оглед на фактот дека минатата година, нивните вкупни средства надминаа 11 проценти. Во 2019 година е зголемен и опфатот на населението во вториот столб, односно 87 проценти од вкупниот број на осигуреници во Фондот на ПИОСМ или 53 проценти од вкупното активно население се членови на вториот столб. Во извештајот за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување во 2019 година, на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС, може да се види и дека учеството на населението во третиот столб е сеуште скромно, односно само околу 2,6 проценти од вкупното активно население во РСМ се членови со доброволна индивидуална сметка и се учесници во пензиска шема со професионална сметка во доброволен пензиски фонд. Инаку, лани, вкупните средства на задолжителните пензиски фондови пораснаа за 17 проценти и достигнаа 75,6 милијарди денари, а вкупните средства на доброволните пензиски фондови пораснаа за 28 проценти и достигнаа речиси 2 милијарди денари.
Структурата на портфолијата на македонските задолжителни пензиски фондови, според видовите инструменти, не се разликува многу од оние во блиското соседство, но и во дел земјите членки на ЕУ. Забележително е дека се „игра на сигурно“, па кај сите земји, повеќе од 50 проценти од средствата се инвестирани во обврзници и во други хартии од вредност, за кои гарантира државата, или локалната власт (68 проценти во Хрватска, 62 проценти во Романија, 59 проценти во Северна Македонија и 57 проценти во Бугарија). Преостанатиот дел од средствата се вложени на различни начини.
– Во акции и удели најмногу се вложува во Северна Македонија (30 проценти), потоа следуваат Хрватска (26 проценти), Романија (25 проценти) и Бугарија со 22 проценти. Најмногу вложувања во депозити имаат пензиските фондови во Македонија (11проценти), потоа Романија (4 проценти), додека, тие суми во Хрватска и Бугарија се незначителни. Пензиските фондови вложувале и во корпоративни обврзници, но во споредба со пензиските фондови во другите земји, учество на ваквите инвестиции во Северна Македонија е значително помало – 0,01 проценти. Инвестиции во недвижен имот имаат само пензиските фондови во Бугарија (2 проценти), во другите земји овој инструмент, најчесто, не е дозволен. Во однос на изложеноста на портфолијата на задолжителните пензиски фондови во инструменти издадени од издавачи од странство, може да се забележи дека најголема изложеност во странство имаат пензиските фондови во Македонија (27 проценти), потоа во Хрватска (16 проценти) и во Романија (14 проценти),- се нотира во Извештајот на МАПАС.
Инаку според податоците од Фондот за пензиско-инвалидско осигурување, лани пензиите биле усогласени само за 1,1 проценти ( 0,7 проценти на 1 јануари 2019 и 0,4 проценти на 1 јули), по што просечната пензија во декември 2019, изнесуваше 14.602 денари. Зголемена е и независноста на Фондот, па така учеството на државата во финансирањето на структурата на ПИО е намалено од 42,69 на 37,1 проценти. Државата дала 29,5 милијарди денари за пензии, односно 293 милиони денари помалку од 2018. Лани беше зголемена стапката на пензиско осигурување кај платите од 18,4 проценти. Евидентирани биле 324.039 пензионери, што е за 6.761 корисници повеќе од 2018.
The post Македонците сѐ повеќе се грижат за поспокојна старост: „Државни“ пензионери членуваат и во вториот столб appeared first on Слободен печат.
Македонците сѐ повеќе се грижат за поспокојна старост: „Државни“ пензионери членуваат и во вториот столб was first posted on јули 21, 2020 at 1:22 pm.