Сите лица со попреченост ќе добијат единствена идентификациска картичка преку која ќе имаат бесплатен пристап до услуги, предвидува Владата во својата четиригодишна програма за работа. Со помош на оваа картичка тие треба полесно да ги остваруваат своите права во сите области, а услов да ја добијат е да бидат регистрирани во националниот регистар на лица со попреченост, кој допрва ќе биде изработен.
Во делот од програмата за социјалната политика, под наслов „Грижа за сите“ Владата ветува повеќе проекти и нови закони со кои треба да се олесни секојдневието на лицата со разни видови на физичка или ментална попреченост. Едно од клучните ветувања е нов закон за вработување на лицата со попречености, како и воведување на професионална рехабилитација платена од државата во 2021 година.
Државен центар за возрасни со аутизам
Владата ветува дека ќе промовира политики базирани на аргументи и емпатија што ќе ги рушат бариерите за лицата со попреченост и за нивните семејства.
„Поради навремена и соодветна грижа за децата со попреченост ќе воведеме пет регионални комисии за функционална проценка на овие деца. Како подршка на инклузивното образование ќе воведеме сензорни соби и соби за релаксација во градинките и училиштата. Ќе отвориме и Центар за повозрасни деца/лица со аутизам во Скопје“, наведува Владата.
Услугата за лична асистенција ќе можат да ја користат децата од 6 годишна возраст па нагоре, а во соработка со патронажна служба секое семејство со дете со попреченост ќе добие интензивна индивидуална поддршка и едукација во првите 12 месеци.
Новитет за семејствата со деца со посебни потреби е што ќе се воспостави центар за одмена на семејна грижа.
„Во наредниот период секое семејство кое има лице со попреченост ќе добие 15 дена заменска грижа во центарот. На територијата на целата држава ќе биде достапна услугата живеење со поддршка на лицата со попреченост. Ќе овозможиме и мерка за одмена на семејна грижа на дневна основа со тим кој ќе може тоа да го прави во интервали од два до четири часа еднаш до двапати во неделата. Ќе ја јакнеме улогата на центрите за деца со посебни потреби на примарното ниво на здравствена заштита за давање на физикална терапија дома кај децата со посебни потреби и кај лицата со инвалидитет. Ќе ја анализираме можноста за интеграција на овие центри со дневните центри кои ги основаат општините на локално ниво“, се обврзува Владата.
За слепите лица ќе биде донесен закон за нивно самостојно движење со куче водич и мобилна апликација за полесно функционирање во секојдневието. Државата планира да го ратификува Договорот од Маракеш, со кој, преку исклучување на авторките права им се олеснува пристапот до објавените дела на слепите и лицата со оштетен вид, кои се преработуваат во електронска верзија, аудио верзија или на Брајово писмо.
Државата ќе плаќа алиментација
Интересен момент е планот на Владата да основа државен фонд за исплата на законската издршка на децата во ситуации кога едниот родител по разводот не ги исполнува законските обврски, но во програмата не се наведени повеќе детали.
Многу сектори ќе се дигитализираат, па граѓаните нема да одат по шалтери да собираат документи за остварување на надоместоците од социјалната заштита.
„Министерството самото ќе ги презема документите од надлежните инсистиуции од другите министерства, со цел на граѓаните да им се заштеди времето и парите кои ги плаќаат за вадење на документите. Ќе ја спречиме злоупотребата во системот на социјална заштита преку задолжително пријавување на приходите остварени во странска држава“, ветува Владата.
Секоја година државата ќе распишува посебен конкурс за објавување на најмалку 10 нови наслови за деца и тинејџери, а за секое дете членството во библиотека ќе биде бесплатно.
Додатокот за семејна грижа во згрижувачки семејства ќе се зголеми за 30 отсто. Децата кои се сместени во мали групни домови, а кои се со високоризично однесување, ќе бидат сместени во посебен центар заради заштита на останатите деца и заради пофокусирана работа со нив.
Задолжително одење во градинка?
Владата најавува дека ќе ги анализира можностите да се воведе задолжително предучилишно образование и дека во секоја општина ќе има нова или реновирана градинка.
„Веќе обезбедивме дополнителни 15 милиони евра за нови инклузивни и енергетски ефикасни градинки. Заедно со амбициозниот план за реновирање и изградба на градинки во секоја општина ќе ги анализираме можностите за воведување на задолжително предучилишно образование. За сите деца од семејства со ниски приходи ќе обезбедиме бесплатно згрижување“, се вели во програмата на Владата.
Извршната власт сака да постигне 60 отсто од децата од 3 до 6 години до крајот на 2024 година да имаат предучилишна грижа и воспитување и затоа планира до крајот на 2023 да обезбеди најмалку 7.500 места во градинките во Лозово, Василево, Боговиње, Студеничани, Делчево, Битола, Гевгелија, Куманово, Чаир, Струмица, Дебар, Гостивар, Свети Николе, Тетово, Теарце, Неготино, Ѓорче Петров, Новаци, Брвеница, Пробиштип, Валандово, Арачиново, Карпош, Гостивар, Липково, Крива Паланка, Ресен, Кочани, Кисела Вода, Сопиште и Сарај.
Ниту збор за вработување на образовни аситенти
Иако со Законот за основно образование, донесен во јули 2019 година е предвидено дека со пари од државниот буџет ќе се вработуваат образовни и лични асистенти на кои секое дете со посебни образовни потреби има законско право, во програмата на Владата во делот за образованието за ова не е споменат ниту збор.
Се предвидуваат проекти за талентирани ученици, за мотивација на наставниците, за подобрување на резултатите на меѓународните тестирања, за дуалното образование, за развој на софтвер за учење, дигитализација, за нови учебници, стипендии, нова опрема и лаборатории во училиштата, за помали одделенија до 20 ученици, за изградба на нови училишта и за образование на мајчин јазик итн.
За образованието на децата со посебни потреби, за опремувањето на училиштата за полесна инклузија и за обуки на наставниците, како и за вработување на асистентите, не се споменува ништо.
The post Лицата со посебни потреби ќе добијат идентификациски картички appeared first on Слободен печат.
Лицата со посебни потреби ќе добијат идентификациски картички was first posted on септември 4, 2020 at 7:30 am.