4.8 C
Скопје
03:12 - 21 декември, 2024

Лекарите незадоволни од укинувањето на рестрикциите: Враќањето во нормала преку ноќ, ќе донесе нови заболени и нови жртви

Одлуката на Владата да ги укине сите рестриктивни мерки на движење, иако кај голем број граѓани предизвика позитивни реакции, сепак кај дел од стручната јавност предизвика загриженост дека олабавувањето треба да оди постепено и дека во одредени средини каде се уште бројот на заболени од ковид-19 е висок треба да има рестрикции. Стравувањето е дека со целосно олабавување може повторно да се предизвика позначителен раст на бројот на заразени. Лекарите велат дека единствено логично образложение за оваа одлука е тоа дека се отстрануваат сите пречки за организирање на избори.

Од Комисијата за заразни заболувања пак не очекуваат бројките на заболени да растат и за нив е најважно што сега имаме систем кој со тоа може да се справи ако се случи.

Реакциите одат во насока на тоа дека пред да се донесе оваа одлука требало да се направи самоевалуација, да се пронајде каде сме потфрлиле и тоа да се поправи.

„Ако досега си дозволував да поделам некој превентивен совет кон сите вас како лекар, после ваквите предлог мерки од релевантни институции во кои членуваат мои колеги, не сакам ни да помислам што може да се случи со сите нас, ..а се прашувам зошто секогаш ако си професионалец треба да потпаднеш под нечие влијание, под нечие барање….Точно е дека ова трае можеби подолго отколку што треба и на сите нас и вас ни недостасува она што го имавме пред ова. Ако сите овие мерки кои беа преземени за наше добро преку ноќ ги повлекуваме, тогаш се наметнуваат многу прашања, на кои за жал наместо да одговорат професионалците, одговорите ќе ни ги даде времето… А јас ќе продолжам да делувам како лекар кога се работи за здравјето. Се надевам дека свеста кај населението ќе проработи, ако не, ќе го чекаме вториот бран“, пишува на социјалните мрежи лекарка од Клиниката за инфективни болести.

Матичниот лекар Ненад Лазаров вели дека за ваквата одлука нема никаква поддршка од медицинската фела, затоа што за нејзино носење нема никаква научна основа.

„Еве молам овде било кој медицинар јавно да ме демантира со аргументи“, пишува Лазаров.

По информацијата од Владата дека се укинува полицискиот час, стаса и известување од ЈСП Скопје дека од петок се враќа бесплатниот превоз за пензионерите, што збунува ако се земе во предвид дека за оваа категорија на граѓани долго време важеа многу рестриктивни мерки за движење.

Доктор Никола Пановски истакна дека укинување на полициски час на цела територија е признавање на пораз и смета дека треба да се преземат мерки во Сарај, Чаир и Аеродром каде има жаришта.

– За мене е неочекувано од медицински аспект и не гледам зошто сега би се олабавиле мерките кога бројот на активни случаи расте, така што мерките немаат оправдание од тој аспект. Друго е да паѓаат па да се очекува. Пензионерите имаа најрестриктивно ограничување на движењето и сега наеднаш се враќа и бесплатниот превоз. Мерките мора да се олабавуваат постепено, да се следи ефектот и потоа да се носат одлуки како понатаму – вели Пановски.

Тој забележува и дека, иако здравствениот систем е организиран за справување со епидемија, сепак треба да се земе во предвид и дека здравствените работници се уморни од напорот на кој се изложени во изминатите месеци, што секако ќе влијае и на нивниот понатамошен ангажман доколку повторно треба да се справуваат со голем број на нови и тешки случаи.

– Сето ова на крај изгледа како да се брза да се укинат сите рестрикции за да се укине и вонредната состојба и да се организираат избори – вели Пановски.

Претседателот на Комисијата за заразни болести епидемиологот Жарко Караџовски вели дека не очекува со олабавување на мерките да порасне толку многу бројот на заболени за да не може здравствениот систем да се справи со состојбата.

– Ситуацијата ја држиме под контрола. Може да има некои т.н џепови и поради нив да имаме зголемен број на заболени. Но цел свет кажува дека вирулентноста на ковид 19 слабее. За разлика од пред два месеци сега системот го имаме изградено, требаше време да се уиграат институциите и тимовите. Сега имаме доволно заштитна опрема респираторни искуство имаме систем на медицина базирана на докази – рече Караџовски.

Но сепак во последниот извештај за состојбата со ковид-19 има тројца починати, пациент од Струга (58), пациент од Скопје (47) и  пациент од Тетово (41) хоспитализиран на 19 мај и досега само двајца пациенти се тргнати од апарат за дишење.

The post Лекарите незадоволни од укинувањето на рестрикциите: Враќањето во нормала преку ноќ, ќе донесе нови заболени и нови жртви appeared first on Слободен печат.


Лекарите незадоволни од укинувањето на рестрикциите: Враќањето во нормала преку ноќ, ќе донесе нови заболени и нови жртви was first posted on мај 27, 2020 at 2:34 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....