3.8 C
Скопје
03:11 - 17 ноември, 2024

Кривична одговорност и повисоки казни за загадувачите

Македонија е убава, но извалкана земја, со загаден воздух и со примитивен третман на отпадот, така што еден од најголемите предизвици на Владата ќе биде да го промени овој опис. Владата во својата програма за работа се обврза дека „ќе обезбеди чиста, здрава и добро зачувана животна средина како поддршка на одржливата економија и општеството во кое живеат задоволни граѓани“. Приоритет ќе биде намалување на аерозагадувањето и третманот на отпадот, како и целосното исполнување на строгите европски еколошки стандарди.

Старо-новиот министер за животна средина Насер Нуредини од ДУИ, вчера го почна мандатот со оправдување дека предвремените избори и пандемијата со коронавирусот го спречиле да ги спроведе почнатите и планираните активности.

– Ни претстои период во кој сѐ уште ќе се справуваме со најголемиот здравствен предизвик во последниот век и економските последици. Меѓутоа, ние не смееме да заборавиме на заштитата на животната средина, ниту на климатската криза. Ако нешто научивме, тоа е дека здравата животна средина е предуслов за исполнување на сите човекови права и дека државите можат да преземат радикални чекори кога тоа е потребно. Затоа мора да вложиме сериозни напори за да ги исполниме европските еколошки стандарди – рече Нуредини.

 

Повисоки казни и одземање дозволи

 

Владата ќе ги следи Зелениот договор на Европската Унија и Целите за одржлив развој на Обединетите нации, а ќе се раководи според неколку принципи: борба против климатските промени, превентива, загадувачот плаќа и сл. Политиката за заштита на околината ќе се интегрира и во земјоделството, транспортот, енергетиката, индустриската политика итн.

„Се залагаме за долгорочен одржлив развој што се темели на грижливо користење на природните ресурси. Контролата и намалувањето на загадувањето останува една од основните цели. Ова вклучува употреба на еколошки горива и користење обновливи извори на енергија, промовирање одржливо управување со отпадот, правилно и правично управување со водите и зелен транспорт. Ја поддржуваме циркуларната економија преку која ќе се намалат количините на отпад поради повторна употреба и рециклирање на материјалите и производите“, се вели во владината програма.

За да ги оствари овие цели, Владата ветува дека до 2024 година ниту една државна институција нема да се грее со стари и нееколошки системи за греење, туку со централно парно греење, со гас, со инвертер клима-уреди или со топлински пумпи. Во првите две години ќе вложи пет милиони евра за енергетска ефикасност на јавните објекти.

До крајот на оваа година ќе се воведе 24-часовно работно време на државните и на локалните инспектори за животна средина, кои ќе добијат поголеми надлежности. Инспекторатите ќе располагаат со Централната лабораторија за животна средина која конечно ќе биде акредитирана, а други акредитирани лаборатории ќе вршат суперконтрола.

„Ќе ги заостриме казните само во областа на заштита на животната средина поради лошото искуство од неажурноста на институциите и бирократското водење на постапките. За оние што незаконски ја загадуваат околината и го загрозуваат здравјето поради профит, ќе има и кривична одговорност. Оној што ги прекршил правилата и процедурите ќе ја изгуби лиценцата и дозволите“, се обврзува Владата.

 

Трамвај во Скопје

Првите две години од мандатот ќе бидат посветени на планско, но интензивно зазеленување, особено во најзагадените градови. Ќе се подигне зелен ѕид кај Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, поголеми запуштени површини ќе бидат заменети со урбано зеленило, индустриските капацитети ќе мора да постават зелени зони околу себе, а во кругот на касарните ќе се пошумува.

Владата ќе даде поддршка на Град Скопје за изградба на брз транспорт со трамвај со кредитна линија од ЕБРД. Ќе се воведе покомплексен систем на субвенции и даночни олеснувања за набавка на еколошки возила на електричен и на хибриден погон, за замена на нееколошко гориво со гас и за набавка на велосипеди.

Државата ќе купи уште станици за мерење на аерозагадувањето и посебна софтверска апликација за приказ на состојбата со ПМ-честичките, како и инструмент со нуклеарни технологии за анализа на составот на честичките. Податоците за емисиите од големите загадувачки капацитети ќе бидат достапни во реално време, како и Катастарот за  животна средина, регистрите за испуштање и пренесување загадувачки материи и регистрите на издадените еколошки дозволи. Граничните вредности на загадувачките супстанции во воздухот ќе бидат намалени, а стандардите за квалитет на горивата ќе бидат зголемени. Стандард за квалитет ќе добијат и пелетите за греење, а ќе се воведе и мерење на зацрнетоста на чадот.

Догодина се очекува и законот за индустриски емисии, а од 2023 година Владата најавува меки кредитни линии за набавка на опрема и нови технологии.

Комуналната полиција ќе почна да функционира во 2021 година.

Во врска со отпадот, целта е до крајот на 2025 година минимум 60 отсто од тежината на отпадот од пакување да се преработи или да се употреби за добивање енергија, а една четвртина од биоразградливиот отпад да не се фрла на депониите. Ќе биде воведена засилена контрола на увозот и извозот на отпад, како и на правните лица што го третираат медицинскиот и другите видови опасен отпад.

Во Скопскиот регион Владата ќе помогне за итна ремидијација на поголем дел од дивите депонии, со приоритет на Вардариште. На локалните власти Владата ќе им дава директна поддршка за набавка на 10.000 канти и контејнери годишно. До 2024 година постепено ќе се забранува употребата на пластичните ќеси во малопродажба.

Владата ветува и чистење на линданот во ОХИС, како и на индустрискиот отпад од некогашен „Југохром“ во Радуша и во Јегуновце.

Постапките на доделување концесии за користење вода, за вадење песок, чакал и камен од коритата на реките ќе се доделуваат еднаш годишно, со јавни расправи. Ќе се забрани изградба на мали хидроелектрани во заштитени подрачја и во национални паркови.

The post Кривична одговорност и повисоки казни за загадувачите appeared first on Слободен печат.


Кривична одговорност и повисоки казни за загадувачите was first posted on септември 1, 2020 at 8:00 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....