-2.2 C
Скопје
08:42 - 23 декември, 2024

Ќе му помогне ли Брисел на Скопје пред заканите од Софија: Кога се тепаат Давид и Голијат, ЕУ не се меша

Македонија мора самата да најде решение во спорот со Бугарија околу идентитетот на Гоце Делчев и бугарското негирање на македонската нација и јазик и не може да се надева на помош од Европската Унија во вид на олеснување или арбитрирање меѓу двете земји, а уште помалку дека некоја членка ќе ѝ врши отворен притисок на Софија да му попушти на Скопје, колку и да се нерационални бугарските позиции.

Според познавачите, блокадата од Бугарија не е исклучена, и покрај препораката на Европската комисија во најновиот извештај дека преговорите може да почнат, а Македонија не може да го почне процесот без едногласна одлука од сите членки. 

На прашањето дали ЕУ на некој начин може да посредува во спорот меѓу Бугарија и Македонија за да ги оствари намерите за своето проширување со земјите од Западен Балкан, Симонида Кацарска од Институтот за европска политика вели дека во најголема мера останува на нас да го водиме дијалогот.

– Германското претседателство во голема мера се обидува да најде решение за да се почнат преговорите, односно до крајот на годината да се одржи меѓувладината конференција со ЕК. Но, не е коректно да се зборува за арбитража или за друго посредување во овој случај, затоа што Бугарија е земја членка на ЕУ, а таму се одлучува со консензус. Поинаку би било кога би се работело за спор помеѓу две земји кандидатки. Останува на нас да го водиме дијалогот. Од друга страна, Бугарија нема завидна позиција во ЕУ, напротив. Во најновиот извештај има забелешки за владеењето на правото, добива критики за корупција, за почитување на човековите права итн. Бугарската влада, пак, има и внатрешни проблеми, протести на улиците итн., што дополнително ја комплицира позицијата за преговарање – вели Кацарска за „Слободен печат“.

Таа потенцира дека Бугарија во своето мислење кон Македонија е изолирана во ЕУ и не доби поддршка од другите земји за својот објаснувачки меморандум во кој ги негира македонската нација, јазик и историја, но неминовно, начинот на кој се носат одлуките во ЕУ, не исклучува блокада на преговорите.

– Како пример може да го споменеме спорот меѓу Словенија и Хрватска, но има суштински разлики. Тој спор, кој отиде и пред суд и уште не е решен, беше од поинаква природа и во друга фаза од процесот. Словенија ја блокираше Хрватска при отворањето на поглавјата, а преговорите беа отпочнати, а Бугарија може да нè блокира на почетокот. Впрочем, Бугарија е свесна дека во оваа фаза има најголема можност да го стопира процесот за пристапување, а подоцна кога ќе почнат преговорите ќе ѝ биде потешко. Исто така, поддршката на Германија кон Хрватска во тоа време е неспоредливо поголема од поддршката на Германија кон Македонија, што исто така е суштинска разлика. Како и да е, во денешниот свет има различни форми на неказнивост за постапките и тоа во голема мера, па сè е можно. На крајот, дали владата во Бугарија ќе нè блокира или не, зависи од нивната оценка дали блокадата ќе им донесе повеќе или помалку поени и рејтинг на домашната политичка сцена – вели Кацарска.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархељ завчера не одговори директно дали ЕУ ќе посредува во спорот меѓу Македонија и Бугарија, туку рече дека е во интерес на двете земји да најдат решение за спорните теми. Тој не прецизираше кога точно ќе се усвои преговарачката рамка и ќе почнат преговорите и потенцира дека „се движиме според планот, тоа е одлука што ќе ја донесе Советот“.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Софија од прва рака ќе ја испита позицијата на Бугарија на средба со неговата колешка Екатерина Захариева.

– Очекувам да испратиме пораки на пријателство, пораки на заемна поддршка, а во насока на заедничкиот интерес за европската иднина на целиот регион. Оваа посета претставува исполнување на првиот приоритет од мојата мандатна мисија како предводник на дипломатијата, а тоа е активен придонес во одржувањето и унапредувањето на добрососедските односи – вели Османи.

Заканата дека Бугарија ќе ја блокира Македонија на патот кон ЕУ ја испрати вицепремиерот Красимир Каракачанов, а премиерот Борисов, иако вели дека се доследни во поддршката на европската иднина на Македонија, досега неколкупати истакна дека таа не може да биде на штета на Бугарија.

Бујар Османи: Да не дозволиме заради рецидиви од минатото да си ја загрозиме иднината

The post Ќе му помогне ли Брисел на Скопје пред заканите од Софија: Кога се тепаат Давид и Голијат, ЕУ не се меша appeared first on Слободен печат.


Ќе му помогне ли Брисел на Скопје пред заканите од Софија: Кога се тепаат Давид и Голијат, ЕУ не се меша was first posted on октомври 9, 2020 at 7:17 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....