-1.2 C
Скопје
09:54 - 23 декември, 2024

Катастрофална смртност на пациентите приклучени на респиратор: Ковид-19 може да се преживее, апаратот за дишење никако!

Борбата за спасување на пациентите болни од ковид-19 е најголемиот предизвик со кој се соочуваат лекарите низ целиот свет во овие моменти. Иако бројот на излекувани се зголемува и различните, по малку и експериментални методи на лекување, даваат резултати, сè уште тешко се добива битката за живот на пациентите што ќе развијат најтешка форма на болеста и ќе завршат приклучени на апарати за дишење. Лекарите во нашите болници сè уште не успеале да спасат ниеден пациент што бил во ваква состојба.

Последната статистика вели дека кај нас од новиот вирус починале 56 пациенти, а повеќе од 300 се излекувани. Од починатите 10 се од Скопје, 14 од Куманово, а 12 од Струга. По градови најголема е стапката на смртност во Струга 21,8 отсто, а на ниво на државата е 4,3 отсто.

На прашањето колку од пациентите заболени од ковид-19 кои биле на апарати за дишење преживеале, од Министерството за здравство одговараат:

„Досега кај оние пациенти што се приклучени на респиратор во Инфективната клиника, нема позитивен резултат“.

Д-р Маја Мојсова Мијовска, која е директор на Клиниката за интензивно лекување и реанимација (КАРИЛ) и интензивно е вклучена во лекувањето на најтешките пациентите со ковид-19 кои се приклучени на респиратори, вели дека вирусот, не само што ги зафаќа белите дробови, туку атакува на сите органи, поради што и лекувањето на овие пациенти оди многу тешко.

– Пациентите со ковид-19 развиваат комплицирана бронхопневмонија, која ги зафаќа белите дробови. Но вирусот ја нарушува и микроциркулацијата на крвта поради што не може да се врши размена на гасови во организмот што се одразува на недоволно снабдување со кислород на сите органи. Како последица на тоа доаѓа и до нивно откажување. Кај овие пациенти доаѓа и до тешко растројство во хемостазата на крвта, односно во коагулациските фактори, што предизвикува згрутчување на крвта во организмот – објаснува Мојсова Мијовска.

Поради високата коагулација кај пациентите со ковид-19 се случуваат зголемен број мозочни удари. На респиратор се ставаат пациенти што не можат самостојно да вршат размена на гасовите во белите дробови и кај кои се очекува со помош на апаратите да се стабилизира работата на белодробниот систем.

– Кога ќе се види дека пациентот не може самостојно да дише и не може недостигот на кислород да се компензира на друг начин, тој мора да се интубира, односно да се постави на апарат за дишење. Важно е и тоа што, додека пациентот е на респиратор, добива и соодветна терапија за поддршка на работа на срцето, бубрезите и сите други витални органи, со што практично се одржуваат во функција сите системи во организмот – објаснува Мојсова Мијовска.

Не сите пациенти починати од ковид-19 биле на апарати. Некои толку брзо развиле тешка клиничка слика што и немало време да се постават на апарати. Зошто е тоа така, науката треба допрва да открие.

– Некои пациенти имаат толку лоша клиничка слика што здравствената состојба им се влошува многу брзо, од минута во минута. Таква драматична клиничка слика досега сме виделе само во случај на септичен шок. Оваа состојба бара и брза реакција – вели Мојсова Мијовска.

Кај пациенти  приклучени на респиратор се јавуваат и други инфекции и суперинфекции, кои исто така се третираат, но тоа го прави сложено лекувањето. Екипи од КАРИЛ како центар со најголемо искуство во лекување пациенти што се на апарати за дишење, работат и на Клиниката за инфективни болести и во Градската болница „8 Септември“.

Во болничките кругови се зборува дека добро би било доколку напомош повикаме лекари од познати странски центри, кои би можеле да помогнат во лекувањето на најтешко болните од новиот вирус. Во врска со ова, Мојсова Мијовска објаснува дека странската експертиза ја имаме бидејќи се во постојан контакт со колегите од другите земји и на дневна основа се разменуваат искуства, размислувања и знаења.

Нашата соговорничка вели и дека не може да се дефинира која група пациенти има најголеми шанси да развие тешки компликации.

– Имавме пациент со трансплантиран бубрег кој, иако спаѓа во ризична група, добро се справи со состојбата и сега е на домашно лекување. Едноставно нема правила. И за нас лекарите ќе биде голем поттик да успееме да извлечеме пациент кој е на апарати на дишење, бидејќи навистина се трудиме – вели Мојсова Мијовска.

Журналот на Американската лекарска асоцијација објавува студија во која биле вклучени 2.600 пациенти болни од ковид-19. Стапката на смртност кај пациенти  приклучени на апарати за дишење била 88 отсто. Најлоши резултати имало кај пациентите над 65 години, каде што само 3 отсто од оние што биле на апарати преживеале. Други направени истражувања покажуваат стапка на смртност од 86 до 97 отсто кај оваа група пациенти.

Во однос на стапките на преживување на пациентите, кои завршуваат на апарати за дишење, кои се презентираат во други земји Мојсова Мијовска вели дека рано е да се дадат релевантни и точни бројки кои ќе може да се споредуваат.

The post Катастрофална смртност на пациентите приклучени на респиратор: Ковид-19 може да се преживее, апаратот за дишење никако! appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....