-2.2 C
Скопје
07:26 - 19 декември, 2024

Караоке политика за разочараната чаршија

Талкајќи деновиве низ февруарската чаршија, чудно тивка и тажна, и некако издишана по напорната и трескавична собраниска теревенка, по која останаа расфрлани хартии, шишиња, недојадени свадбарски чинии, истурени пепелници – со еден збор крш и хаос – слушам изјава што се тркала по тротоарите и се одбива од фасадите, плеткајќи се по нозете на минувачите, како искористена звучна салвета што ветерот ја одвеал од собраниската банкет сала:

„Ова беа три години на неправда, брутален криминал и врзани очи на министрите и на владата, затоа што тоа се првите што прават криминал. Ова е време на рекет, милионски провизии, бизнисмени кои сведочат за рекет, кеш и уцени. Криминалците направија сојуз со власта. Ова е време кога на површина излегуваат сите лаги. Нема правда, нема ниту мир!“

Рефлексно ги начулив ушите, како да сум животно што чуло вознемирувачки шум во дивото опкружување, и си помислив: кој пушта стари снимки од огнените опозициски говори што пред три-четири години татнеа по овие улици? Да не е некој учесник во „шарената револуција“ што се присетува на последните години на партиско-мафијашката диктатура на ВМРО? Нема никаква сомнеж, зборовите прецизно ја сликаат криминалната диктатура на Груевски и неговата ВМРО, тоа мора да е снимка од 2015 или 2016 година. Ѕиркам во далечниот екран, и – што да видам – тоа лидерот на ВМРО, како во некоја перверзна филмска пародија, со микрофон во рацете и текст што се одвиткува на екранот, да ти пее караоке музика од хитовите на „шарената“?!

Завива тој: нема правда, нема ниту мир! Морам да признам дека бев збунет. Првин помислив дека е снимка на стара изјава од времето на „шарената револуција“. Потем дека Мицко пее во караоке бар. На крајот почнав да се сомневам во некаква префинета пародија во која не е лесно да се открие колку слоеви има иронијата што сатиричарот ја смислил. И, на крајот сфатив дека се работи за тапа и глупава стварност: банална, навредливо повторлива, бесмислена, нечовечка, папагалска, или дури роботска, машинска повторливост. Ужас.

Вмровскиот доктор Ивл

Но, сепак, си велам, иако пародична фигура, вмровскиот доктор Ивл мора да има своја публика, мора жителите на Белата куќа на фашизмот да ја почувствувале познатата миризба на расипано јајце, јасниот знак на вмровска ојаденост во воздухот. Мора да почувствувале дека нивните малоумни повторувања на слоганите на довчерашната опозиција можат да легнат како иљач на некои разочарани души, на луѓе што се чувствуваат запоставени, чиишто надежи и очекувања се изневерени. Малоумното повторување на паролата на „шарената револуција“ – нема правда, нема мир, можеби и не е толку малоумно, колку што е злонамерно.

Зашто, најсилната карта на која ВМРО може да игра во предизборието во кое сме нурнати, е картата на разочарувањето, чувството на незадоволство и рамнодушност, што на најефикасен начин ќе ги поистовети сегашната власт на СДСМ со некогашната власт на ВМРО. И, кога разочарувањето од сегашноста ќе ги направи исти денешниве власти со вмровските мегакриминалци од пред три и тринаесет години – а тоа е можно само кај луѓе без меморија и разум, туку само со дразби и чувства – тогаш најинтензивната присутност во тие мазни мозоци е токму денешната ојаденост, денешното чувство на разочарување, а не некое веќе непостоечко минато. А, моментното чувство – болката што боли – секогаш ги победува мемориите, логиката, разумот или мислата, и тоа е „најдобрата“ душевна состојба за спин-мајсторите, за политикантските лажговци, за вмровските улични „шибицари“ да ја пренасочат вината за сегашното незадоволство кон сегашната власт и да понудат спас во нејзиното менување.

Разочарувањето и незадоволството на осиромашената средна класа, или на лумпен-пролетаријатот што сака да мисли дека е средна класа, никогаш не смееме да го потценуваме. Историски гледано, од тие исти чувства и од таа иста класа секогаш се излегнувал фашизмот. Разочарувањето е специјално чувство што е егоистично и дури нарцистично по својата суштина: тоа е секогаш свртено кон надворешната причина за неостварените лични очекувања, а никогаш не ги преиспитува самите очекувања, никогаш не го доведува во прашање сопственото учество во создавањето на тие очекувања.

Грамши, грамадниот гениј од ќелијата на смртта

Грамши, тој грамаден гениј од ќелијата на смртта, напишал за индиферентноста она што денес може да се рече за индуцираното чаршиско разочарување во Македоња: „Но, настаните созреваат и избиваат (…) и тогаш изгледа како неминовната судбина да се струполила врз животот на сите и на секој; врз тие што сакале и врз оние што не сакале, оние што знаеле и оние што немале ниту поим, оние што активно се бореле и оние што биле пасивни. А токму овие последниве најмногу се лути, и не ги поднесуваат последиците на случувањата, и сакаат да биде јасно дека тоа не го сакале и дека тие не се одговорни за исходот. Некои плачно ламентираат, другите грубо пцујат, но никој или малкумина си го поставуваат прашањето: јас да го направев она што ми е должност (…) да ли ова воопшто ќе се случеше? И никој или малкумина не ја обвинуваат својата сопствена рамнодушност (и разочарување), својот скептицизам, ниту некој се смета за виновен што активно не помогнал да се избегне злото, и не се борел да се постигне нешто добро.(…) Кога белјата ќе се случи, мнозинството најмногу сака да зборува за пропаста на идеалите, за програмите што не се остварија и за други слични убавини. И така повторно ја утврдуваат сопствената отсутност од секоја одговорност.“

И, продолжува големиот Грамши да зборува за Македонците од 2020 изборна година: „Ги мразам индиферентните (и разочараните) зашто ми пречи нивното цимолење дека се секогаш божем невини жртви. Барам од секој од нив да положи сметка за тоа како тој лично се однесувал кон задачите што пред него ги поставил животот (…), сметка за она што тој лично го сторил или не.“

Треба ли да го дообјаснувам Грамши, почитувани читатели: најголемото мнозинство на грешки и неисполнети ветувања на власта на Зоран Заев, се состојат всушност во нејзината неможност за две и пол години да ја надвладее нашата веќе националната декапацитираност, што е резултат на децениското пропаѓање и самопоништување во вмровскиот културоцид. Колку треба да сме ментално декапацитирани со инфантилно кмекање да ги минимизираме грамадните постигања на владата на Зоран Заев, кога единствената алтернатива е општонародната смрт во прегратките на ВМРО?!

The post Караоке политика за разочараната чаршија appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....