Бугарскиот портал Биг5 објави „ексклузивни фотографии од новото прибежиште на премиерот Зоран Заев“. Станува збор за ексклузивна вила на Халкидики, Грција. Порталот, повикувајќи се на тамошни мештани, тврди дека Заев редовно одел во вилата на одмор. Вилата не била купена на негово име, туку на име на неговиот брат, Вице Заев. Веста која ја објави Биг5 е непроверена и непотврдена, а истоврмено и сајтот нема соодветен импресум, така што не е познато кој работи на него. Меѓутоа, тоа не ги спречи дел од македонските портали блиски до опозицијата, оваа „мега бомба“ да ја пренесат експресно и да ја шират масовно на социјалните мрежи.
Насловите беа од типот: „Бугарските медиуми открија ултра луксузна вила на Заев!“, а луѓето во коментарите кои се нижеа под објавите не пропуштаа да искоментираат дека „предавникот Заев вилата ја добил на подарок затоа што го сменил името на државата“.
Оваа вест потоа опозициската ВМРО-ДПМНЕ вешто ја употреби за да удри по премиерот. Па така, партискиот лидер Христијан Мицкоски на Фејсбук сесија на која во живо одговараше на прашања од неговите следачи, рече:
„Претпоставувам дека во сопственичкиот лист вие тешко ќе го најдете името на Зоран Заев, но истовремено сум сигурен дека во имотниот лист ќе најдете имиња кои што некако ќе можат да се поврзат со семејството Заеви. Јас навистина загрижен бидејќи ако во нешто сме први во регионот и во Европа, тоа е по криминалот и корупцијата и злоупотребата на врвните политичари. Единствен начин да овие луѓе, овие корумпирани политичари бидат поразени е на избори…“.
Партиските портпароли исто така не пропуштија да се јават за „вилата на Заев. Наум Стоилковски на Фејсбук напиша:
„Сите се подновија, Зоран Заев со вила на Егејско… “
Димче Арсовски, пак, закажа и прес-конференција на оваа тема:
– Луксузирањето на власта и функционерите од СДСМ не може никако да биде игнорирано, и не смее да биде игнорирано. Државата наместо по успех, во регионот за жал ни е актуелна и позната по скандалите на Зоран Заев и неговата Влада. Странски медиуми вчера известија за имотот на блиски луѓе од семејството на Зоран Заев дека поседуваат нова луксузна вила на Халкидики, далеку поголема и полуксузна од онаа која ја знае јавноста. Ние не чувме никаков демант од семејството Заеви, дека никој од семејството Заеви не поседува ваков луксузен имот кој чини неколку милиони евра. Тоа е реалноста кај семејството Заеви, луксуз, скапи вили во странство и безгрижен живот, додека пак од друга страна обичниот граѓанин нема основни средства да купи компјутери и ИТ уреди за своите деца и учениците немаат услови да се едуцираат во корона пандемијата. За жал, ова е тажната вистина за Република Македонија. Ултра богата власт и енормно сиромашен народ и држава – рече Арсовски.
Демант на Владата
Она што пропуштија порталите кои ја објавија оваа вест, е истата да ја проверат, односно не побараа одговор, ниту од Заев, ниту од Владата, дали е точна информацијата за луксузната вила на Халкидики. Владата сепак на Твитер се огласи со демант:
„Официјалниот твитер профил на Владата во име на премиерот Заев, категорично и целосно ја отфрла веста, и ја нарекува истата лажна и тенденциозна. Истовремено, Владата бара од сите медиуми коишто ја објавиле лажната вест во целост да го објават и демантот, во спротивно најавуваат преземање на сите правни механизми во насока на зачувување на угледот на засегнатите страни“.
Но, дури и демантот од Владата не ја спречи пропагандната машинерија. Ден потоа, истите портали удрија со уште посилна „ексклузивка“. Пренесувајќи фотографии од Твитер профилот на Чарлс бојкот, тие излегоа со наслов: „Нови фотографии од ултра-луксузната вила на Заеви на Халкидики се појавија на „Твитер“.
Во потрага по вистината
Слободен печат тргна во потрага по овие нови фотографии за кои се тврди дека се од вилата на Заев. Фотографиите ги побаравме на Гугл и погодете што откривме. Истата вила, истите фотографии, се наоѓаат на неколку сајтови на грчки агенции за недвижности. Посочената вила се продава и тоа по цена од 470.000 евра.
Испративме прашање во една од агенциите, „Сузан Џејмсон“ и прашавме дали вилата се уште е на продажба или пак, веќе е продадена.
Од агенцијата експресно ни одговорија:
„Ви благодариме за пораката. Да, вилата се уште е не продажба и имаме уште многу слични вили. Можете да ги посетите кога ќе допатувате на Халкидики. Ве молам да ме известите еден ден пред вашето доаѓање. Се надевам дека наскоро ќе се видиме, имајте убава вечер“.
Не е првпат опозициската ВМРО-ДПМНЕ да презема цели операции за нарачка, создавање и пласирање на лажни вести. За време на коронакризата одредени медиуми преку анализа на едноставен пример открија како функционира шемата на лажни вести на партијата на Мицкоски и како тие плански се шират масовно на социјалните мрежи.
The post Како лажна вест од непознат бугарски сајт стана главно оружје на опозициската пропаганда против Заев appeared first on Слободен печат.
Како лажна вест од непознат бугарски сајт стана главно оружје на опозициската пропаганда против Заев was first posted on октомври 6, 2020 at 9:35 am.