24.8 C
Скопје
14:48 - 20 мај, 2024

Измени само за препораките на ОБСЕ, без прекројување на изборните единици

Пратениците во последен момент ќе ги усвојуваат измените на Изборниот законик, но само за да се имплементираат дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР за подобрување на изборниот процес. Нема ништо од посакуваната и ветената промена на изборниот модел со една изборна единица, ниту за отворени листи за пратеници, а нема ниту да се прекројуваат изборните единици, иако ДИК го предупреди Министерството за правда дека за првпат во четири изборни единици има девијација на бројот на гласачите од над 5 проценти, што е надвор од законските ограничувања.

 

Измените се пред пратениците

 

Од Владата за „Слободен печат“ велат дека на минатите седници не е отворена дискусија и нема владин заклучок за потребата од изменување на Изборниот законик.

– Предлог-измените на Изборниот законик се испратени до координаторите, постигната е согласност за имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Станува збор за препораките за ажурирањето на избирачкиот список, за правните лекови за заштита од неправилност, за контролата над финансирањето на кампањите. Во предлог-измените не е предвидена една изборна единица за парламентарните избори. Една изборна единица не е дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР – велат од Владата.

Преговорите за измените за Изборниот законик се водеа под покровителство на Министерството за правда, а став на министерката Рената Дескоска е дека ниту една промена на изборните правила не смее да помине без општ политички консензус, што е стандард што го поставува Венецијанската комисија. Од Министерството за правда потврдуваат дека е постигната согласност за препораките на ОБСЕ/ОДИХР за ажурирање на избирачкиот список, за  заштитата од неправилности и за тоа колку се троши во кампањите.

Неодамна претседателот на ДИК Оливер Деркоски рече дека иако не се уште распишани, Комисијата се подготвува за предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат на 12 април и апелираше најавените измени на Изборниот законик што поскоро да бидат донесени.

– Овие работи треба да се прават на време за да има доволно време да се имплементираат правилно – рече Деркоски.

 

Нема да се прекројуваат изборните единици

 

Договорените предлог-измени се уште не се достапни за јавноста, а треба да се усвојат пред распуштање на Собранието, што начелно е договорено за задутре, 12 февруари, иако лидерот на СДСМ Зоран Заев притиска пратениците да работат уште десетина дена повеќе за да се усвојат и други клучни закони. Веќе е извесно дека нема да бидат усвоени измените што ги предложија помалите пратенички групи, а кои ги поддржа и СДСМ, кои бараат една изборна единица за парламентарни избори и отворени листи за локалните избори, затоа што ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ ги блокираа со 6.000 амандмани, а како што ни изјави лидерката на ДОМ, Маја Морачанин, минатиот понеделник немало кворум на собраниската Комисија за политички систем, каде овие измени беа ставени на дневен ред.

Извесно е само она дека се прифатени препораките на ОБСЕ, а не се знае како измените на Изборниот законик ќе поминат на гласањето, затоа што вицепремиерот Бујар Османи минатата недела најави дека ДУИ намерно ги кочи промените, затоа што не сакала да ја преземеме одговорноста за незаконитост на изборниот процес.

– Разликата меѓу шестата и третата изборна единица е околу 40.000 гласачи што ги прави гласачите нерамноправни, односно нивниот глас при нивниот избор нема иста тежина. Постојат најави дека луѓето може да поднесат претставка до Уставниот суд за незаконитост на изборниот процес и тоа дополнително да го комплицира не само изборниот процес, туку и политичката ситуација воопшто – рече Османи за МИА.

Тој најави дека ДУИ ќе поднесе амандман со „прецизни преместувања на изборни места од една во друга изборна единица“ и апелираше пратениците да го изгласаат за да не се дозволи „ризик од незаконит изборен процес што дополнително може да ја отежне политичката состојба“.

Лидерот на СДСМ, Заев на ова одговори дека нема основа врз која би се прекроиле изборните единици, затоа што нема попис на населението.

– Проблемот е што нема аргументи за каков било договор, бидејќи податоците кои ги имаме се од пописот во 2001 година. Ако нешто тргнете да менувате мора да има соодветна база. Кој податок да го земеме? Можеме да направиме само непоправлива штета во делот на нерамномерната застапеност во Парламентот. Некаде може да имаме 20 мандати од една изборна единица на излезени 140 илјади гласачи, а некаде 20 мандати на 240 илјади гласачи. Тоа не е еднаква застапеност во Парламентот. Волја има, но не можеме тоа да го аргументираме ниту законски, ниту пред народот, зошто нема податок што може да го земеме што ќе биде основа за промена на границите на изборните единици – изјави викендов Заев.

 

Што се препорачува во извештаите на ОБСЕ?

 

Мисијата на ОБСЕ во последниот извештај по претседателските избори во 2019 година како главна приоритетна препорака ја наведе потребата од целосна ревизија на Изборниот законик. Во извештајот е нагласено дека голем број од препораките од претходните изборни циклуси се целосно или делумно спроведени.

Втора клучна препорака е да се спречи секоја форма на притисок врз вработените во јавниот сектор и се наведува дека: „се потребни упатства од високи државни функционери дека таквиот притисок нема да се толерира и дека ниту еден граѓанин не треба да се плаши од негативни последици заради поддржување или неподдржување на некој кандидат или партија“.

Како приоритет се препорачува Државниот завод за ревизија да биде обврзан да ги прегледува периодичните извештаи и навремено да ги објавува наодите за финансирање на кампањите, а опсегот на ревизиите да обезбеди опсежен преглед на почитувањето на правилата за финансирање. На ДЗР треба да му бидат доделени неопходните истражни овластувања, како и соодветни ресурси и техничка експертиза. На партиите треба да им биде наложено и заемите за финасирање на кампањата да ги пријавуваат исто како донациите.

Се препорачува да се отстранат несоодветните ограничувања на правото да се поднесуваат изборни приговори и жалби и да се обезбедат ефективни правни лекови. Одлуките и постапките на изборната администрација треба да бидат образложени и да подлежат на навремена и ефективна судска контрола. За да се подобри пристапот до правните лекови и да се намали обемот на работа на ДИК, треба да се определи кои приговори ќе бидат во надлежност на општинските изборни комисии.

Според ОБСЕ/ОДИХР треба да се размисли и за ажурирање на регистарот на гласачи помеѓу двата круга. Гласачите со право на глас не треба да се исклучуваат од избирачкиот список поради истечени документи.

The post Измени само за препораките на ОБСЕ, без прекројување на изборните единици appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....