12.8 C
Скопје
14:46 - 26 ноември, 2024

Историски најголем буџетски дефицит од 8,4 отсто од БДП!

Буџетскиот дефицит ќе изнесува 8,4 проценти од бруто-домашниот производ (БДП). Ова го соопшти Владата заедно со известувањето дека ребалансот на државната каса е утврден и оди на усвојување во Собранието. Овој буџетски дефицит е најголем од осамостојувањето на Македонија. Досега, рекордот го држеше 2001 година, кога беше воениот конфликт, и кога имавме буџетски дефицит од 5,8 проценти од БДП.

Според најавите на Владата, приходната страна на Буџетот останува непроменета, а очекуваниот дефицит ќе се покрие со задолжување на домашниот пазар. Но, според податоците на Министерството за финансии, државата досега вратила многу мал дел од долговите што ги има кон домашните кредитори. Имено, заклучно со 31 август, вратени се само 10,4 отсто од доспеаните рати кон домашните кредитори. Главницата на домашниот долг што треба да се врати во 2021 година изнесува 248 милиони евра, а за 8 месеци се вратени само 25,7 милиони евра. Притоа, враќање на рати кон домашните кредитори имало само во март и во јуни, иако долговите доспеваат секој месец.

Министерството за финансии направи пресек со датум 17.9.2020 година за да се види колкав е износот на државните хартии од вредност со кои државата се задолжува на домашниот пазар. На тој датум, износот бил повеќе од 1,9 милијарди евра, односно толку пари должиме на домашните кредитори.

На домашниот пазар пак, пари се позајмуваат од банките, приватните пензиски друштва и од осигурителните компании. За овие пласмани тие си остваруваат камати, односно приноси. Речиси половина се парите пласирани во државните обврзници се пари од идните пензионери, што се наоѓаат на сметките на трите пензиски друштва.

Според податоците на КБ Прво пензиско друштво, до крајот на минатата година, 62 проценти од парите на осигурениците во ова друштво, или 401 милион евра, се вложени во домашни државни обврзници. Во Сава пензискиот фонд, заклучно со 31.12.2019 година, 55 отсто од парите, или околу 318 милиони евра  се инвестирани во домашни државни обврзници. Триглав пензиско друштво е најмладото пензиско друштво. Процентуално, тоа вложило најмногу пари во домашни државни обврзници –  82,12 проценти. Но во апсолутен износ, тоа се најмалку пари, односно 4,9 милиони евра.

Инвестициите на пензиските фондови во акции, обврзници, депозити и останати хартии од вредност се дефинирани во законската и подзаконската регулатива поврзана со капитално финансирано пензиско осигурување.

Буџетскиот дефицит „скокна“ на 920 милиони евра

Со мајскиот ребаланс на Буџетот се планираше разлика меѓу приходната и расходната страна од 751 милиони евра, а со новиот ребаланс, таа ќе биде 920 милиони евра. Расходната страна се зголемува за околу 164 милиони евра, а парите ќе се потрошат за Четвртиот пакет на економски мерки.

– За финансиска поддршка за исплата на плата на вработени во приватниот сектор се предвидени 70 милиони евра, за домашна платежна картичка 27 милиони евра, за поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња 6,7 милиони евра, туристички водичи 160.000 евра, за враќање на туристичка такса 2 милиони евра, за викенд без ДДВ 7 милиони евра, за државна гарантна шема и царинска гаранција 13 милиони евра и за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби 5,5 милиони евра – рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој информираше дека со ребалансот е проектиран економски раст од минус 4,4 проценти за 2020 година, дека приходната страна на Буџетот останува речиси иста – 3,19 милијарди евра, а дека расходите се зголемени за 4,2 проценти и изнесуваат 4,11 милијарди евра.

Приходите помали за 4,9 отсто во однос на лани

Реализацијата на Буџетот заклучно со септември, на приходната страна изнесува 136 милијарди денари (околу 2,2 милијарди евра) или 69,1 проценти во однос на планираните приходи за 2020 година со ребалансот од мај, што е за 4,9 проценти помалку во однос на истиот период од лани, информираше министерот Бесими.

Реализацијата на расходната страна изнесува 171,9 милијарди денари (околу 2,8 милијарди евра), што претставува 70,5 проценти во однос на годишно планираниот износ со првиот ребаланс, или за 10,7 проценти повеќе во однос на лани.

Во периодот јануари-септември 2020 година остварен е дефицит во Буџетот од 582 милиони евра или 5,3 отсто од БДП.

 

 

The post Историски најголем буџетски дефицит од 8,4 отсто од БДП! appeared first on Слободен печат.


Историски најголем буџетски дефицит од 8,4 отсто од БДП! was first posted on октомври 5, 2020 at 2:24 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....