-4.2 C
Скопје
00:27 - 23 декември, 2024

Интервју со четири професори по македонски јазик: Само писмени и образовани наставници можат да создадат писмени ученици!

На што се должи алармантната јазична неписменост на која сме сведоци, како да се подигне нивото на јазичната писменост уште во текот на образовниот процес, особено во случаите кога родителите потфрлиле, дали нашите деца се подготвени за онлајн-настава и може ли таа дополнително да го продлабочи проблемот со писменоста и знаењето воопшто, разговараме со четворица професори по македонски јазик: Соња Енџекова-Сопотска, доктор по филолошки науки и  професорка во гимназијата „Георги Димитров“, Татјана Христовска-Качоровска, професорка во средното медицинско училиште „д-р Панче Караѓозов“, м-р Митра Блажевска, професорка во гимназијата „Корчагин“ и м-р Митко Димовски, директор на гимназијата „Орце Николов“.

Како според вас може да се подигне нивото на јазичната писменост кај децата? Потребни ли се повеќе часови по македонски јазик?

Енџекова-Сопотска: Јазичната писменост кај децата се гради уште во првата година од нивниот живот со првиот кажан збор, со читањето на првите бајки. На тој начин го внесуваме детето во еден поинаков свет, светот на имагинацијата и писменоста, односно му покажуваме дека читањето е суштинска потреба на човекот во усовршувањето на духот. Доколку родителите не успеат да го фрлат семето на таа љубов кон книгата, тогаш наставниците по македонски јазик и литература ја преземаат таа мисија. Нивото на јазична писменост ќе се подигне само преку читањето книги, а наставниците треба да бидат основни водачи низ тој процес, придвижувачка сила која ќе ги мотивира децата да влезат во светот на книгите.

Часовите по македонски јазик и литература во основното и средното гимназиско образование се доволни за да се реализира оваа мисија, но методологијата на наставниците треба да се промени за да се мотивираат децата во процесот на читање книги. Од друга страна, овој предмет може да се подели на јазик и литература, како што е во западниот систем. Имено, во тој систем посебно се посветува внимание на граматиката на еден јазик и техниката на читање и пишување поврзани со литературата.

Енџекова-Сопотска: Јазикот е жива материја што постојано е во развој и треба да се внесуваат нови зборови. Но, тој процес треба да се одвива не преку директно прифаќање на туѓиот збор, туку преку барање на соодветен збор во рамките на македонскиот јазик.

Блажевска: Секој јазик се учи со негова активна примена или со зборување. Неретко слушаме како родителите се измачуваат со желбата нивните деца активно да зборуваат не еден, туку повеќе странски јазици и со таа цел ги запишуваат на курсеви уште од најмала возраст, а најсреќни се кога нивните деца ќе заминат на неколку месеци во друга земја каде што активно ќе може да го зборуваат туѓиот јазик. Сè тоа е до некоја граница во ред, но дали се разумни и свесни кога станува збор за сопствениот јазик, стандардниот македонски јазик? Дали во домовите и во потесното опкружување се внимава на македонската стандардна лексика? Дали на децата уште од најмала возраст им се посочува дека среќа е прво да се научат бројките на македонски, а потоа на англиски јазик?! Потоа на ред доаѓаат воспитно-образовните институции, каде што секое дете се оформува во образовна смисла и каде што не смее да се помисли да не се употребува стандардниот јазик, но за жал, вистината е сосема поинаква. По којзнае кој пат си го поставувам прашањето колку сите вработени, таканаречени учители, воспитувачи, наставници, професори, кои предаваат друг предмет, освен предметот Македонски јазик и литература, секако со особена почит кон колегите што се исклучоци, одговорно и доследно го употребуваат стандардниот македонски јазик? Сметам дека нашата свесност за јазикот е ниска. Сметам дека јазичната приказна треба да им се раскажува на децата од најмала возраст за тие да ја разберат како што треба. Секако, како професор по македонски јазик и литература, јас сум една од гласните поборници за поголем број на часови по мојот предмет, но морам истовремено да посочам дека овој проблем не се решава само со зголемен фонд на часови по македонски јазик, што секако е клучно, да не бидам погрешно разбрана, туку со комплетна одговорност на оние кои се задолжени за воспитно-образовниот процес и целосна институциска свесност на државно ниво.

Христовска-Качоровска: Ситуацијата со јазичната (не)писменост е алармантна, па следствено на тоа, одговорот на вториот дел од вашето прашање се подразбира дека е потврден. Да, нужно е воведување часови по македонски јазик секој ден. Што се однесува до тоа како да се крене нивото на јазичната писменост, имам став дека таа проблематика е решлива само и исклучиво доколку наставниците, особено оние од првите години од образованието се квалитетни и добри познавачи на материјата. Значи, писмени и образовани наставници создаваат писмени ученици.

Димовски: За да се подигне нивото на јазична писменост кај децата, сметам дека првенствено треба посветеност. Пред сè, уште во раните училишни денови наставниците при комуникација со децата да интервенираат и коригираат при секое „така да“, „најповеќе“, „послем“, „све“ итн. Потребни се свежи интересни содржини прилагодени за нивната возраст, но и за средношколците, кои сè повеќе негодуваат особено во однос на литературата. Динамиката на часовите зависи од индивуалната вештина на професорот кон одредени теми од литература или граматика, а има за цел освен да ги научи, да ги „навлече“ и обучи да знаат правилно да ги употребуваат. Освен на повоената генерација писатели, да ставиме и малку повеќе акцент на Дуковски, Стефановски, Андоновски и други. Часовите по говорење и пишување исто така може да бидат извор на позитивна зараза за читање, изразување и размислување. Можеби „Големиот Гетсби“ или „Бисерот“ на Стајнбек, кратки но инспиративни четива, ќе отворат нови теми што ќе бидат инспирација за нови приказни преточени на школската драмска сцена, каде што младите имаат шанса да го покажат својот потенцијал, и јазичен и уметнички.

Сакаат ли децата да читаат лектири и постои ли отпор кон понудената содржина на лектири? Потребна ли е повторна модернизација на лектирите повеќе адаптирана на сензибилитетот и интересот на денешните деца?

Блажевска: Би сакала прво да направам едно издвојување и кратко објаснување на терминот лектира, а потоа и да одговорам на конкретните прашања. Лектирите во средно образование се посебен блок на дела, предвиден во годишната програма, кои се одвоени, на некој начин од делата за обработка, кои пак го сочинуваат делот литература од предметот Македонски јазик и литература. Вашите прашања се однесуваат на содржините кои се поврзуваат со лектирите, а јас би проширила и би додала и делата за обработка. Кога би правела споредба на читателската еуфорија, раскош, желба за дискусија и изразување пред 10-15 години и ова што го имам сега како ученички капацитет, е некако неспоредливо. Зрелата размисла, фасцинантните анализи, разбраноста и емпатијата со ликовите од делата и лектирите беа присутни и разбирливи тогаш, а сега сé помалку и помалку. Затоа ревиденција на програмата по предметот Македонски јазик и литература мора да се случи брзо и итно. Не е проблемот само во промената на листата на лектирите, туку и на понудените содржини од програмата што се обработува во сите четири години на гимназиското образование. Многу добро треба да се размисли кои дела ќе бидат понудени како примери за книжевните правци и епохи што се изучуваат. Исто така, многу мудро треба да се постапи во однос на пласирањето на книжевноста пред средношколската популација. Ние сме навикнати да работиме на некој ефектно квантитетен начин, а да мислиме дека сме квалитетни. Не значи ако во една седмица, со четири часа седмично во трета година средно образование, професорот е задолжен со годишната програма да обработи два автора и две дела, дека го постигнал квалитетот на реализација, тој само го остварил квалитетот на замислата на креаторите на програмата, но далеку е од постигнување на квалитетна обработка на дело или соодветен квалитетен пристап кон тоа дело. Така не се развива љубов кон литературата и кон читањето, така само се храни беспомошноста и збунетоста. Затоа треба да се размисли убаво, да се консултираат вистински стручни фигури, кои верувајте, ги имаме, да се прашаат и учениците, да се направат дебати, дискусии и да се дојде до одредено решение што ќе биде научно поткрепено и соодветно, но истовремено и интересно за ова време и за оваа структура на млада популација. Секако, во оваа смисла би додала само и тоа дека мора многу да се размисли за македонската современа литература и да се прошири листата на понудени автори и дела. Постојат многу наши писатели, поети, драмски автори, кои воопшто не се изучуваат, а се многу интересни за ова време и за возраста на средношколската популација.

Христовска-Качоровска: Ситуацијата со јазичната (не)писменост е алармантна. Нивото на јазичната писменост може да се крене само и исклучиво доколку наставниците, особено оние од првите години од образованието се квалитетни и добри познавачи на материјата.

Христовска-Качоровска: Повторно зависи од тоа како наставникот ќе се постави пред своите ученици и колку ќе му успее да им докаже дека некои работи едноставно мора да се прават заради нивно понатамошно добро. Книгите што се во наставната програма – зборувам за средните училишта, за основните не сум запознаена доволно – се претежно дела од класичната книжевност и местото им е тука. Додека трае образовниот процес, ред е да се прочитаат најзначајните автори, а дома или понатаму низ животот нека си чита секој она што му е ќеф и она што е модерно. Но без Хомер, без Шекспир, без Достоевски, без Чехов… каде? Не џабе се тие дела класични дела, векови цели опстојале и ќе опстојат само доколку сме доволно мудри да не подлегнеме под моменталните трендови. Ако ме прашувате мене, би ги вратила оние монументални романи, кои последните децении се исфрлија од наставната програма.

Енџекова-Сопотска: Читањето лектири од страна на децата зависи од начинот на предавање на наставникот и неговата умешност и уметност да ги привлече децата кон лектирата. Најважно во овој процес е актуелизација на настаните, присуство на интердисциплинарен однос и корелација со другите наставни предмети. Всушност, модернизацијата на лектирите настанува во чинот на предавањето на наставникот кога успешно ќе биде адаптирана содржината на лектирата со сензибилитетот и интересот на денешните деца. Во процесот на читање и учење мора да постои систематизација на знаењето, коешто секогаш започнува од класичните дела што претставуваат основа на модерната лектира.

Димовски: Модернизацијата на лектирите треба да биде адекватна на возраста и сензибилитетот на новите генераци, но никако да не се заменуваат старите класици без кои би била неприродна литературата за на час.

Димовски: Освен на повоената генерација писатели, да ставиме и малку повеќе акцент на Дуковски, Стефановски, Андоновски и други. Часовите по говорење и пишување исто така може да бидат извор на позитивна зараза за читање, изразување и размислување.

Колкаво е влијанието на компјутерската технологија и информатичкиот јазик врз македонскиот јазик и комуникациските вештини во живо?

Христовска-Качоровска: Секако дека да, но тоа е нешто од кое не можеме да побегнеме, ниту да го искорениме. Со стабилен пристап кон јазикот на часовите во училиште, можно е да се направи одвојување на јазикот што го користат на Интернет и јазикот во официјална комуникација.

Енџекова-Сопотска: Компјутерската технологија и информатичкиот јазик извршија големо влијание врз македонскиот јазик, особено во комуникациските вештини на учениците, каде што се присутни многубројни интернационализми, сленгови и жаргонизми, чиешто значење не се познава во рамките на македонскиот јазик. Сепак, јазикот е жива материја што постојано е во развој и треба да се внесуваат нови зборови. Но, тој процес треба да се одвива не преку директно прифаќање на туѓиот збор, туку преку барање на соодветен збор во рамките на македонскиот јазик.

Блажевска: Можеби ќе звучи како клише, но одговорот е многу. Нормално е со компјутерско-технолошкиот прогрес, да се случува и лексички прогрес. Интернационализмите се дел од стандардната лексика, но ова што се случува во секојдневната комуникација повеќе наликува на мозаик од варваризми. Информатичките изрази се активни во живата комуникација и сето тоа е во ред додека се задржува нивото на неологизми или интернационализми, но кога веќе преминуваат во жаргонска лексика, а ги употребува личност чие интелектуално ниво не смее тоа да си го дозволи, верувајте, станува загрижувачко. Младата популација претерува во негативна смисла, а ние сме тие кои треба тоа да им го посочиме и да ги поправиме.

Блажевска: Колку сите вработени, таканаречени учители, воспитувачи, наставници, професори, кои предаваат друг предмет, освен предметот Македонски јазик и литература, секако со особена почит кон колегите кои се исклучоци, одговорно и доследно го употребуваат стандардниот македонски јазик?

Димовски: Влијанието на компјутерската технологија може сериозно да го промени македонскиот дискурс, но не можеме да бидеме имуни на она што рапидно оди напред во светот. Да го прифатиме фактот дека информатичкиот јазик е реалноста за новите генерации и дека ќе биде OK (се смее, н.з), сè додека прават дистинкција кога и каде се користи.

Дојде време на принудна онлајнкомуникација, дали сме подготвени и вешти да организираме таква настава од септември?

Блажевска: Дај боже кризата со ковид-19 да заврши молскавично брзо. Јас навистина, со сето мое срце и душа, сакам септемвриското ѕвоно да се огласи како пред неколку месеци и да ги собере сите ученици во ученичките клупи. Тоа ѕвоно ја огласува есенцијалната мисла за вистинското значење на училиштето што е дом на сите ученици. Нема потажна слика од училиште без ученици. Таа мисла ми создава морници. Оваа 2020 година ќе ја паметиме токму по тој страв од непознатото што прво ги затвори вратите на најживотворните и најсуштествените институции. Да не се држи настава во училница пред будното око на средношколскиот аудиториум е навистина чудно. Таа состојба, која ја донесе чумата на овој век, создаде несигурност, страв, па дури и доза на анксиозност кај просветните работници. Не може онлајн-наставата да ја замени наставата што се случува во училницата. Секој се снаоѓа на начин на кој смета дека е некако најблизок или најсоодветен за својот предмет. Се користат разни апликации, како Зум, Гугл класрум, Едмодо и слично, но ниедна не е во комплетна смисла адекватна за предметот што го предаваме во училница. Писменото изразување и писмената оценка што е задолжителна по некои предмети, не може да биде објективна преку онлајн-квизови, писмени или тестови. Нашите ученици ја немаат таа култура на доследност и одговорност, писмено, онлајн да одговараат без да препишуваат или да им помага некој од членовите на потесното семејство, секако со должна почит кон малкуте исклучоци. Овие платформи се во ред за да се предаде новиот материјал, да се спроведе усна анализа или дискусија, да се одговара на разни јазични или книжевни прашања, да се разменат размислувања, да се направат консултации, па дури и да се направи усно тематско утврдување, но за писмено оценување не. Можеби некои колеги нема да се согласат со ова мое размислување, но моето лично искуство вели дека ниеден начин од оние што ми се мене познати, не може да доведе до објективно писмено оценување како што е писмената работа спроведена во училница. Можеби некој ќе рече дека писмената работа може да се замени со тест, но и со тоа не се согласувам затоа што литература и аналитичко-критичка размисла не може да оцените со прашања на заокружување, а за есејските прашања, веќе кажав, не верувам во доследноста и искреноста на индивидуата ученик за самостоен одговор. Затоа мора брзо да се размислува и да се направи добра стратегија за повторното враќање на онлајн наставата, доколку биде неопходна за новата учебна година.

Енџекова-Сопотска: Онлајн-наставата и комуникацијата имаат свои предности и недостатоци и најчесто нејзиното успешно реализирање зависи од вештините на наставникот. Во однос на предавањата може да се искористи ваквиот тип на настава и комуникација, бидејќи овозможува флексибилност и мобилност кај учениците. Но не може да се реализира целосно, особено кога треба да се проверат знаењата на учениците. Оценувањето на учениците е долготраен процес што најреално се согледува кога ученикот е во училницата пред наставникот без одредени помошни средства во текот на испрашувањето.

Христовска-Качоровска: Не доволно, ништо не може да го замени живиот контакт и начинот на учење во класичната училница. Но доколку се мора, се мора. Ќе се снајдеме.

Димовски: Oнлајн-настава од септември? Без физичко присуство е невозможна нашата мисија како наставници. Се надевам дека работите ќе дојдат на свое место и во септември учениците ќе се вратат во училишните клупи, а и ние онаму каде што ни е вистинското место.

The post Интервју со четири професори по македонски јазик: Само писмени и образовани наставници можат да создадат писмени ученици! appeared first on Слободен печат.


Интервју со четири професори по македонски јазик: Само писмени и образовани наставници можат да создадат писмени ученици! was first posted on јуни 16, 2020 at 12:00 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....