7.8 C
Скопје
13:04 - 22 декември, 2024

ИНТЕРВЈУ Насер Зибери: И по цена да не бидам премиер, не отстапувам од евроатлантската перспектива на земјата

Името на Насер Зибери, како предлог на ДУИ за премиер Албанец, беше изненадување за многумина, иако тој не ѝ е непознат на политичката јавност. Пред 18 години беше политички активен со својата ПДП, партија што по осамостојувањето и воведувањето на плурализмот во деведесеттите ја започна борбата за унапредување на колективните права на Албанците во Македонија. Во тоа време двапати е избиран за пратеник во Собранието, подоцна стана министер за труд и социјална политика и истовремено и вицепремиер во Владата на Бранко Црвенковски. Последните години работи како нотар, но е активен набљудувач и аналитичар на политичките збиднувања во земјава и во регионот.

Г. Зибери, како дојде до тоа да станете кандидат за премиер од страна на ДУИ, со што Ве убедија по 18 години да се вратите во политиката?

– Да, дозволив да ме убедат да станам дел од една идеја што недостигаше во мозаикот на докажувањето на концептот за целосна рамноправност на Албанците во нашата земја. Познато е дека многу проекти досега беа реализирани, па исклучиво етничките теми полека се симнуваат од агендите и стануваат тема од втор ред. Ова идеја е последниот камен во мозаикот за да се оствари една определба на секој Албанец, дека во оваа држава е можно да се остварат сите аспирации, меѓу кои и политичките од највисок степен. Тој проект е одамна актуелен кај луѓето што ме номинираа мене за кандидат и нивните аргументи беа доволни за по 18 години да се нафатам за една многу сериозна и одговорна задача, за која се надевам дека до крајот на изборите достоинствено ќе ја извршам. Морам да нагласам дека се нафатив и поради тоа што беа уважени моите барања да бидам целосно независен. Да се нагласи дека не сум член на партијата што ме номинира, дека причина да прифатам е тоа што сум лично убеден во оваа идеја, а не партиските интереси на оние што ме предлагаат. Сето тоа беше одобрено и поддржано.

Но, колку и да сакате да останете независен, сепак доаѓате како кандидат на една партија што има своја политичка платформа и идеологија. Со која платформа Вие ќе настапите, со Ваша или со онаа на ДУИ, и кои се Вашите економски и политички приоритети?

– Ќе се обидам моите политички ставови да бидат целосно насочени кон мојата идеја за тоа каква држава сакаме, какви односи да градиме, каква перспектива да создадеме за нашите поколенија. Кога моите идеи им ги изложив на предлагачите, тие целосно ги прифатија. Вториот сегмент е дека зад мене сепак стои и конкретен предлагач со своја политичка платформа и програма и кој има интерес тоа го оствари преку првиот човек во извршната власт. Факт е и тоа дека владината програма никогаш не е само пресликување на партиската програма. Македонија е така конципирана и има таква предност да не дозволува еден субјект да доминира во политичкиот живот со примена на една партиска програма. Значи, владината програма ќе биде сплет од неколку вкрстени програми, визии и концепти. Мое ќе биде да се обидам да го применам тоа што ќе биде најдобро. Мислам дека клучните прашања за кои партијата ме поддржува се блиски или идентични со моите, а тоа е целосна рамноправност на сите граѓани во нашата Република Северна Македонија, без разлика на вера, етничка припадност или политичка определба. Според мене, тоа што е постигнато со Охридскиот договор е солидна основа за да градиме хармонично општество. Тоа, пак, што се постигна со Преспанскиот договор е солидна основа да ги отвораме блокадите и да напредуваме во евроатлантските структури. Тоа се докажа. Станавме членка на НАТО, отвораме преговори за членство во ЕУ. Добрососедските односи се битен елемент и тука се надевам дека не се разликуваме многу ниту со политиките на ДУИ, ниту со Алијанса, Беса, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ или со тие на некој друг. Тоа ми дава надеж дека утре, кога ќе се создава програма или платформа за идната влада, нема да биде тешко таа да се направи, да функционира и да биде прифатена од парламентарното мнозинство.

Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да прифатат уцени и дека тоа место не го отстапуваат никому. Како ќе се справите со таквите ставови?

– Тие изјави се политички и кампањски мотивирани во пресрет на изборите и тоа сосема го разбирам. Но, не го разбирам одбивањето на идејата по друга основа – ние нема да прифатиме кандидат Албанец. Разбирам теза не прифаќаме кандидат од ДУИ или од Беса или од Алијанса, но апсолутно не е здраво во нашето општество да градиме теза дека Албанец не може да биде премиер. Тоа е штетно и за мене неприфатливо.

Која од двете најголеми партии би Ви била поприфатлива за коалицирање – СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ?

– Поборник сум на политиката што не го храни етничкото его кај една нација или партија и секоја политика што го инструментализира овој чин за политички интереси за мене е неприфатлива. Второ, кооперативноста треба да се гради врз основа на принципи. Еден од нив е дека евроатлантската ориентација на земјата не треба да се доведе во прашање и инструментите што водат кон тоа не треба да бидат загрозени во ниеден момент. Конкретно – Преспанскиот и Договорот со Бугарија, зашто тоа се гаранции што ни ги отвораат вратите за да одиме напред. Овие принципи ќе ги бранам ако се преговара за создавање парламентарно мнозинство. Охридскиот рамковен договор е капитален за внатрешните односи и тој не смее да биде доведен во прашање. Нема цена што може да ме измести од овие постулати. Дури и да не станам премиер.

Во деновите на размислување дали да го прифатите предлогот, дали помисливте дека можеби партијата сака да Ве употреби за свои цели и користејќи го Вашето име, да добие на рејтинг за кој се вели дека го губи?

– Не дека не сум ги анализирал тие можности. Тоа сум му го кажал на господинот Ахмети. Ми одговори дека е апсолутно небитно дали ДУИ ќе има двајца или тројца пратеници повеќе, туку дека е битно кандидатот што ќе го номинира, да не се воздржува да потврди дека е натпартиски. Конечно, ние сме имале партии со серозни пратенички групи, а не можеле да наметнат конструктивна политика, да создадат коалициски капацитет и затоа не успеале да бидат дел од владата.

Членови на ДУИ настапуваат со голема сигурност дека нивната идеја за премиер Албанец ќе се оствари на овие избори. Дали можеби такви сигнали доаѓаат од надвор и дали Ви соопштиле такво нешто?

– Такво нешто не ми кажале. Тоа е најкраткиот одговор. Но, не само ДУИ, туку сите албански партии многу држат до тоа да бидат кохерентни со ставовите на меѓународната заедница, пред сѐ со ЕУ и со САД. Сакаме нашите политики да не ги загрозат определбите што се гаранции за перспективата на земјата. Оттука заклучувам дека меѓународната заедница е многу заинтересирана земјава да биде стабилна, се вели дека дури повеќе отколку демократска. Но, не може да бидете нестабилна земја, а да градите демократски процеси или обратно. Сакаме да бидеме дел од процесот што ќе донесе стабилност и прогрес кон овие вредности.

Резервите кај дел од Македонците не доаѓаат толку од предрасудите кон Албанците, туку од политиките на ДУИ и на другите партии на Албанците, па дури на ПДП, кои се залагаат пред сѐ за колективните права на Албанците. Оттаму и претпоставките дека со „нивен“ премиер Албанците ќе бидат поеднакви од другите и дека со него ќе им се подобрат колективните права?

– Времето кога бев активен во политиката многу се разликува од сегашново. Многу прашањата што ги отворавме сега се апсолвирани. Оттука, дезавуирана е тезата дека кај премиерот Албанец приоритет ќе имаат колективните права на Албанците. Веќе реков дека 99 проценти од тие прашања се решени. Нам ни треба Албанец за премиер, но не Албанец кој ќе се грижи само или пред сѐ за Албанците. Туку пред сѐ за земјата, за државата. Ако е обратно, тогаш македонскиот граѓанин, македонскиот народ како етникум може со право да има не само резерва, туку и одбојност кон таквата идеја. Уште еднаш сакам да ве уверам дека идејата е да се докажеме и пред светот и дома дека сме способни, без оглед на нечија етничка припадност, успешно и без конфликти да ја водиме земјата. Да ги надминеме овие поларизации и да се сплотиме во едно, во кое нема да го изгубиме идентитетот како политички субјекти или како етникуми, туку да се сплотиме во државниот интерес кој треба да биде над сите други интереси. Ако ова ни е водилка во градењето на политиката, мислам дека одиме во правата насока.

Како релативно нова, оваа идеја која значи граѓански пристап, треба да ја прифатат и Албанците?

– Да, секако. Треба да ја прифатат и Албанците и сите други – Македонци, Турци, Власи, Роми, Бошњаци… Сите треба да бидеме загрижени за тоа во каква земја живееме, дали сме безбедни, стабилни, сигурни, дали функционира системот и правната држава, зашто низ тие принципи ќе го оствариме и индивидуалниот и колективниот интерес. Затоа ни треба општество со демократски институции, определено да гради европски вредности и општество во кое никој нема да биде загрозен.

Ќе бидам премиер на сите граѓани

Вие сте искусен политичар и знаете како се станува премиер, а во овој случај постојат дури два услова: посреден и непосреден. Првиот предвидува да се освои мнозинство и да се добие мандат за состав на влада, а вториот е премиерот Албанец да биде прифатен од сите етнички заедници. Како ќе го остварите тоа?

– Вториот услов сметам дека е поважен. Личноста што претендира да ја води државата и сака да биде премиер, треба да рефлектира позитивизам кон сите граѓани и да води сметка за сите. Сакам да бидам премиер на сите граѓани на оваа земја. Степенот на прифатеност на една личност е сплет на многу околности, но сигурно дека и личниот и неговиот политички профил се многу важни. Ќе се обидам со моите тези да се наметнам кај сите граѓани. Се обраќам и до Албанците кои не се членови на ДУИ, со апел да ја поддржат идејата, не програмата на ДУИ. Тоа ќе ми биде апел и кон другите етнички заедници. Во мене да не гледаат остварување на партиска програма, туку идеја да ги надминеме сите предрасуди едни кон други. Ќе бидам трета алтернатива на двете постојни, кои, за жал, во последниот период го доведоа антагонизмот до крајни граници. Мора да постои фер-плеј во изборите и во примената на политиките по нив. Мора да се постават црвени линии, чие надминување ќе значи загрозување на интересите на државата. Јас ќе се водам од овие постулати. Во однос на формалниот аспект, точно е дека ова прашање е уредено со Уставот. Во член 59 јасно се вели дека шефот на државата е должен да го додели мандатот на кандидат на партија или партии што ќе создадат мнозинство. Кога реалноста продуцира релативен победник и според Уставот е упатен на соработка со другите, умешноста е да се наметнеш да ги убедиш дека ти можеш да бидеш фигурата што може да обединува, без да се загрозат интересите на партнерите. Длабоко сум убеден дека доколку бидам во таква ситуација, ќе се наметнам со принципи од значење за јавниот интерес, пред сѐ.

The post ИНТЕРВЈУ Насер Зибери: И по цена да не бидам премиер, не отстапувам од евроатлантската перспектива на земјата appeared first on Слободен печат.


ИНТЕРВЈУ Насер Зибери: И по цена да не бидам премиер, не отстапувам од евроатлантската перспектива на земјата was first posted on јуни 27, 2020 at 10:00 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....