-0.2 C
Скопје
18:29 - 24 ноември, 2024

ИНТЕРВЈУ Миљенко Јерговиќ: Имаме среќа што зачувавме мал дел од социјалистичкото здравство

Познатиот регионален и европски писател Миљенко Јерговиќ за „Слободен печат“ зборува искрено и отворено за ситуацијата во која се најдовме со вирусот ковид-19, зборува за изолацијата, за суспендирањето на граѓанските права и слободи, зборува за диктатурата, за здравствениот систем како јавно добро, за капитализмот, зборува за трансформација на Македонија и промената на името, зборува за својата најголема љубов…

„Хеј, Миљенко драги, доѓе време да се мејлишемо!“ е твојата прва реченица во романот „Тушта и Тма“, па би те замолил, како што ти го замоли Басара, да ти се обраќам епистоларно, да ти се обраќам пријателски, да ти се обраќам „по сродност“ и да ти се обраќам на македонски јазик, затоа што ако целиот наш живот е прашање на идентитет, ако целиот наш живот е прашање „кога нашето ‘јас’ се преклопува во ‘ние’, и кога ‘ние’ се преклопува во ‘јас’“, па во таа смисла ми се поставува првото прашање: како успеа сите овие години да се доведеш во ситуација да бидеш еден од најплодните автори – ако не и најплоден – на овие бившојугословенски простори? Или вака да го преформулирам прашањето: Што работиме ние луѓето во животот ако книги не читаме?

– Искрено да си кажам, јас сите овие години го работам тоа што го сакам. Читам, пишувам, го набљудувам светот. И голема среќа е што тоа ми е овозможено. Најголемиот луксуз, во ова наше време и свет на илиберален капитализам,е кога човек може да го работи тоа што го сака. Сѐ друго, имено, се сведува на робовска работа. Или, прецизно речено, на платена робовска работа. Оти роб не е оној што не е платен за својата работа, како што обично се перципира. Робот неговиот робовладетел го плаќа во натура, со тоа што го храни и му овозможува покрив над главата, што во основа не се разликува од плаќање во пари и кредити. Робот, меѓутоа, не е во можност да избира што ќе работи, ниту е во можност да го работи она што го сака.

Коронавирусот (ковид-19) ги суспендира нашите граѓански права и слободи, некои велат дека ова е криза слична на онаа по Втората светска војна, целиот свет, сите, ама буквално сите сме во изолација. Зарем не мислиш дека слободата треба да се суспендира во интерес на здравјето на граѓаните? Ако е вонредна состојба, ако некој го напаѓа Лондон, ако вирусот го напаѓа и Загреб, и Белград, и Скопје, и ако сите сме загрозени, зарем не е паметно и мудро привремено да ги суспендираме нашите граѓански права и слободи во интерес на здравјето на граѓаните? Германија неколку денови ги попушти забраните и ограничувањата, за денес да прочитаме дека има повеќе од 2.000 новозаразени.

– Toa дали ние ќе се изложуваме на опасност за да се заразиме со сипаници, колера или дури и со ковид-19, навистина не е прашање на слобода, туку е прашање на разум. Не, никој не е чукнат намерно да закачи грип, херпес или воспаление на белите дробови, или намерно да си ја скрши ногата. Ама дали навистина мислите дека тоа што Александар Вучиќ им забрани на своите поданици цели четири дена да не можат носот да го извадат од своите домови има врска со епидемија од ковид-19? Или тоа што Андреј Пленковиќ забрани продавниците да работат во недела има врска со епидемијата ковид-19? Се разбира дека нема. Пленковиќ забрани работа во недела само затоа што под плаштот на епидемијата, чекор по чекор, да создава клерикално општество, по примерот на Шпанија на Франциско Франко, во кое ќе владеат хунта, фаланга, црква и воените профитери, како што е безброј пати најавувано. Вучиќ ги малтретира своите поданици само за да ја зацврсти својата лична диктатура и демократијата да ја претвори во нерелевантна, да ја претвори во формална процедура, онака како што ја направи Виктор Орбан. За сето ова се користи епидемијата со коронавирусот. И уште нешто, зборувам глобално, мнозинството од западниот свет, со исклучок на Шведска, од епидемијата на овој вирус се брани на начин што не е смислен ниту предвидлив, така што се откажува од каков било ризик. Невозможно е да се живее без ризик. Само смртта е ослободена од секаков ризик. Само смртта е совршено извесна. Притоа, тие велат дека ги штитат старите лица, кои се најзагрозени ако се изложат на вирусот. А, всушност, старите не ги штити никој, затоа што никој старечките домови не ги претвори во карантини од кои ниту ќе може да се влезе, ниту ќе може да се излезе, и што би бил единствен начин тие луѓе да се заштитат. Мислам на тоа, да појаснам, дека комплетниот персонал во старечките домови нема да излегува сѐ додека епидемијата не помине. Зошто тоа никој не го прави, иако се чини дека тоа е еден од најефикасните начини? Затоа што во тој случај би морало да ги платат луѓето во тие домови барем трипати повеќе отколку што ги плаќаат сега. Мора да ги платат за 24-часовно време и за повеќемесечна заробеност во затвореност. Ама тоа нема да го направат, па наместо тоа ќе измислуваат низа бесмислени ограничувања за младите луѓе, кои од вирусот на ниеден начин не се загрозени. Од моја перспектива, тоа ми се чини бесмислено. Ама дозволувам да не сум во право.

Зошто ние наивно мислиме дека природата нема да ни возврати ако знаеме, прво, дека вирусот е природен и неговото потекло е од животинска природа, и второ, ние луѓето правиме уште еден непоправлив грев, ја уништуваме природата во име „напредокот“? Зарем не забележуваш дека пред вирусот ние живеевме во една „културна дистопија“ зачинета со нарцизам, себичност, деструкција, со огромни класни разлики меѓу луѓето во финансиска, културна, политичка и здравствена смисла. Како да се вратиме во некоја човечка и „природна рамнотежа“ по ковид-19?

 – Се чини дека човекот во природата функционира како паразит и штетник, така што непрекинато го нарушува системот во кој се затекнал. И притоа лудачки се размножува и се шири низ земјата. Не ми е туѓа идејата, иако романтично делува, дека природата очајнички се обидува да се заштити од човекот. Ковид-19 е, се разбира, со потекло од природата, спротивно на она во што веруваат теоретичарите на заговори и разни манијаци и фанатици. Ако беше створен во лабораторија, би бил, за почеток, неспоредливо поопасен и посмртоносен. Зошто некој во лабораторија би дизајнирал вирус што е помал од еден процент и ги загрозува најмногу слабите, болните и најстарите луѓе? Затоа што сака да се ослободи од старците што многу чинат? Не, такво нешто е само фантазија на оние луѓе што читале само лоши стрипови и жанровски лоша книжевност.

Во која мера капитализмот, или она што денес некои го нарекуваат „неолиберализам“, влијаеше врз нашите здравствени системи на Балканот? Не треба човек да биде генијалец за да забележи дека тие системи нас не нѐ услужуваат на правилен начин, владите премалку вложуваат во здравството. Зошто човекот, единката, се третира како крпа, како обичен број и глас? Зошто станавме толку нечувствителни за страдањето на другиот, не сфаќајќи – а ковид-19 е очигледно будење – дека мечката еден ден ќе затропа и на нашата врата?

– Ние во оваа епидемија и во овој планетарен здравствено-политички и општествен церемонијал имавме огромна среќа, затоа што сѐ се случува во време кога сѐ уште не се уништени последните остатоци од социјалистичкото здравство. Настрана сите политички аспекти, настрана искористувањето на епидемијата заради задушување на слободата и воведување диктатура, ама споредете ја моменталната епидемиска и здравствена состојба на подрачјето на поранешна Југославија, и потоа на цела источна, посткомунистичка Европа, со она што се случува на Запад, да речеме во Белгија, Холандија, Франција, или со она што се случуваше во Ломбардија. Не е кај нас состојбата толку подобра затоа што диктатурите функционираат, затоа што е подобро во земјите во кои не се загрозуваат граѓанските слободи, да речеме во Словенија или во Црна Гора, или во Чешка и Словачка, туку е подобро затоа што јавното здравство кај нас е поразвиено, поорганизирано и – што е парадоксално – побогато отколку во многу богатата Ломбардија. Имено, кај нас сѐ уште живее уверувањето дека правото на доктор и правото на лек го имаат сите, додека во мнозинството земји на Запад – исклучок е, да речеме, Германија – уверувањето дека право на доктор и право на лек имаат оние што може тоа да го платат. Колку пари, толку здравје! Е, гледате, тоа либерално-капиталистичко начело вирусите не го почитуваат. Тие го имаат тој незгоден егалитаристички обичај слободно да преминуваат од сиромашни на богати и од богати на сиромашни.

Што мислите, која треба да биде улогата на медиумите денес? Јас по цел ден читам совети, мислам не сакам да читам, ама самите ме наоѓаат, ми дишат во врат, како да останеме сами, да останеме во изолација со себе? Зборува ли тоа за некое отсуство или за некоја презаситеност?

– Улогата на медиумите би требало да биде иста како пред дваесет, педесет или сто години: да известуваат, да коментираат и со своите ставови да формираат јавно мнение. Но, тоа повеќе го нема во Хрватска ниту во трагови, затоа што власта презеде сѐ за да ги уништи медиумите и да ги претвори во слуги на владејачката политика. Општество во кое не постојат слободни медиуми, повеќе не е општество.

Имавте ли можност да ја следите Македонската политика изминатава декада? Ова го прашувам затоа што лично сведочев, дури сведочев и на своја кожа што значи да се има тврд и популистичко-десничарски режим: окупација во Собранието, субординација на општото граѓанство, и на крајот окупација на сите јавни простори во кои луѓето не можеа да го искажат своето незадоволство. Денес, пак, во пркос на вирусот, денешната влада го реши историскиот спор со Грција, а велам „историски“ затоа што ние почнавме да создаваме една митолошка приказна за „нерешливиот проблем со името“. Kога велам „митолошка“, знаеш и самиот дека во митот се градат разни ресентимани од лелекање и оплакување над нашата судбина, а притоа, многу луѓе, не решавајќи го спорот со Грција, итромански, направија политички кариери, ужасно се збогатија со тврдиот став од типот „името не го даваме“ и слични будалштини. За денес, пак, да ни се појави Зоран Заев, да ни рече дека тоа може подобро и дека тоа може поинаку. Ги реши сите билатерални спорови со соседите за нецели три години, нѐ внесе во НАТО. А денес, барем ако добро исчитувам, ќе добиеме и директни преговори со Европската Унија. Што ни кажува тоа, Миљенко драги?

– На почеток, никогаш не треба да го тргнеме тоа од глава дека луѓето сакаат диктатура, посебно десничарска, националистичка диктатура. Луѓето сакаат гадови и нелуѓе, кои откако ќе ја излажат и ќе ја ограбат земјата и народот, во автомобилски гепек ќе отпатуваат во Будимпешта, таму ќеживеат како угледни и заштитени криминалци. Општо речено, луѓето многу повеќе ја сакаат десничарска власт и многу полесно ја поднесуваат, особено ако е лоповска и пљачкашка, ако е, како и во Хрватска, во љубов со црковниот врв. Во левата власт се разочаруваат, на левата власт непрекинато нешто ѝ приговараат, од левата власт се откажуваат, ја рушат затоа што не е патриотска, ја рушат затоа што им е страв дека татковината ќе ја предадат на соседите грабливци. Јас, од моја перспектива, сум воодушевен од тоа по кој пат помина Македонија. Од земја што беше на работ на распаѓање и граѓанска војна, од земја што беше во непоправлив антагонизам меѓу Македонците и Албанците, од земја во која владееше власт што создаде најживописна бајка во Европа, градејќи во Скопје споменици за кои се чудеше целиот свет и смислувајќи наративи што потсетуваат на латиноамериканскиот магиски реализам во книжевноста, од земја што никој повеќе ниту можеше ниту сакаше да ѝ помогне, Македонија стана нормална, досадна, сиромашна и сосема обична источноевропска земја која, меѓутоа, многу повеќе е перспективна и посигурна од остатокот на Балканот. Денес, спротивно од она што беше вчера, Македонија има многу поголеми шанси од повеќето ексјугословенски земји. А што се однесува до името, кога за тоа би размислувале со ладни глави, можеби би сфатиле дека со името Северна Македонија би имале проблем некои други луѓе, а не Македонците. Мене, да речеме, ако бев грчки националист, многу ќе ме погодеше ако Македонија се нарекува Северна Македонија, затоа што тоа подразбира дека постои и јужна Македонија. Како што, впрочем, гледајќи историски и културно, и постои. Зарем Солун не е македонски град? И зарем Македонија, по балканските војни, не е поделена помеѓу Србија, Бугарија и Грција? На грчките националисти ќе им беше многу попаметно да не се допираа до името Македонија. На Македонците, пак, би требало да им биде сеедно. Северна Македонија е добро име, околу кое не би требало да сме вознемирени. Мене ми е драго што македонската судбина во последните неколку години се заплетка и отплетка, затоа што ми се причини дека се возможни среќни краеви, дека постои хепиенд. Претпоставувам сега дека многу Македонци ќе речат дека не знам што зборувам, или дека не сум нормален. Ама сѐ е работа на перспектива и агол на гледање.

На крај, за твоите читатели, би сакал да те прашам едно „книжевно“ прашање, кога веќе и самиот се дефинираш прво како читател, а потoа и како писател. Како изгледа твојот работен ден: кој жанр читаш и колку часа во денот читаш книги?

– Мојот работен ден е совршено дезорганизиран. Ама кога работите добро ќе се наместат, главно читам и пишувам. И нема тука што премногу да се каже. Како што реков се занимавам со работа што ја сакам.

The post ИНТЕРВЈУ Миљенко Јерговиќ: Имаме среќа што зачувавме мал дел од социјалистичкото здравство appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....