22.8 C
Скопје
15:06 - 28 март, 2024

ИНТЕРВЈУ Д-р Ирина Сотирова Бухова: Старските домови и понатаму треба да се „мета“ на посебно внимание

Кризата со коронавирусот наметна потреба за строга контрола во здравствените установи каде се сместени возрасни пациенти. Поучени од италијанските и шпанските негативни искуства каде во геријатриските установи беа регистрирани голем број на смртни случаи, во државата се спроведуваат строги контроли и се воведоа ригорозни протоколи за да се заштити оваа категорија граѓани од влезот на коронавирусот. За сите аспекти на ваквите контроли, „Слободен печат“ разговара со директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, доктор Ирина Сотирова Бухова.

Доктор Бухова, каква е состојбата во државните здравствени установи кои згрижуваат возрасни пациенти, како хоспис, геријатриски установи, во поглед на тоа дали таму имаме појава на случаи на Ковид 19 и како генерално би ја оцениле состојбата во овие установи од почетокот на корона кризата?

Во земјава функционираат 29 приватни и 5 државни институции за згрижување и нега на возрасни лица. Овие институции работат под ингеренции на Министерството за труд и социјална политика, кое всушност издава дозволи за работа на овие популарно наречени старски домови. За време на пандемијата од Ковид -19 Државниот здравствен и санитарен инспекторат – ДСЗИ има навистина голема, тешка и одговорна улога во работата на овие институции, ако се земе предвид дека во нив се стационирани лица кои се во сериозно голем ризик од корона -вирусот. Поради возраста на згрижените лица и постоечките коморбитети ДСЗИ задолжително го контролира спроведувањето на
протоколите, нема компромис. ДСЗИ во овие институции ги контролира санитарно-хигиенските аспекти, но со пандемијата активно сме вклучени и во вонредни инспекциски надзори со цел превентивно да се делува за да не се шири корона-вирусот во институциите каде се сместени возрасни лица. Од почетокот на пандемијата до денес извршивме вонредни инспекциски надзори на сите институции за возрасни лица, контролиравме колку, каква и како вработените ја употребуваат личната заштитна опрема. Проверуваме дури и тоа какви средства за дезинфекција се употребуваат. Благодарение на нашиот редовен инспекцискиот надзор навреме ги регистриравме и неколкуте позитивни случаи во еден државен и еден приватен дом за возрасни лица. Имено, пред околу 2 месеци потврдени се позитивни лица од корона-вирусот во државниот дом за стари лица “Зафир Сајто“ во Куманово, во овој момент состојбата во домот е под контрола и „Ваш нов дом“ приватен старски дом во населбата Хром во Скопје каде се утврдени 15 лица со позитивен коронавирус тест и плус 5 негователи од домот. За оваа установа Комисијата за заразни болести препорача да се стават лицата од домот во карантин. По контролата на ДСЗИ и Центарот за јавно здравје, на 1 август, мерката карантин престана да важи. Во јули имаше и еден старски дом од Радовиш каде беа регистрирани позитивни од Ковид-19 и таа институција беше во карантин. Во моментов нема појава на новозаболени и инфицирани лица од вирусот Ковид -19 во домовите за стари лица.

Што клучно беше преземено како мерка во поглед на протоколи и кој ги изработи? Како изгледаат протоколите во овие установи?

Ковид-19 е опасен висрус, никој не е поштеден, целиот свет клекна на колена пред него, не затекна неподготвени, не само нас, туку целиот свет. Но, за да се заштити населението тимски, со мислење на експерти се донесоа протоколи кои заеднички ги подготвија ДСЗИ, Министерство за здравство и Институтот за јавно здравје. Со помош на протоколи се донесени мерки, како на пример: забрана за посета, забрана за примање на нови лица во старските домови, но и ако се врши прием на лице задолжителен е ПСР тест не постар од 72 часа. Но и протоколите предвидоа мерки за однесување при појава на позитивен случај во домот.

Зошто беше важно во ваквите установи да се воведат строги протоколи?

Старските домови се еден од критериумите за оценка на успешноста на здравствениот систем на секоја држава во борбата со Sars Cov 2 вирусот.

Кои предизвици се наоѓаат пред овие установи во иднина со оглед на тоа што коронавирусот нема да си замине до пронаоѓањето на вакцината?

Старските домови и понатаму треба да останат сериозна „мета“ на посебно внимание, особено на ДСЗИ како орган кој врши контрола со справување со вирусот, но и спроведувањето на мерките и протоколите. Поради вулнерабилноста на лицата сместени во старските домови, наша должност е и во периодот кој следи, максимално да им се посветиме, со што ќе ја оправдаме и позитивната оценка на Светската здравствена организација СЗО за нашата работа. Моја лична заложба, секако е во периодот што следи, е се да биде во најдобар ред за лицата во старските домови. Сепак во нив се сместени лица кои ги сакаме, наши родители, баби и дедовци, членови од семејството.

The post ИНТЕРВЈУ Д-р Ирина Сотирова Бухова: Старските домови и понатаму треба да се „мета“ на посебно внимание appeared first on Слободен печат.


ИНТЕРВЈУ Д-р Ирина Сотирова Бухова: Старските домови и понатаму треба да се „мета“ на посебно внимание was first posted on август 3, 2020 at 12:29 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....